На 06.12.2022 година, во ресторанот Гарденија во Велес, под покровителство на Мобилност Македонија, а во организација на Мобилност Велес, беше одбележан 4-ти Декември - Ден на лицата со телесен инвалидитет на Македонија.
На настанот присуствуваа: градоначалникот на Општина Велес Марко Колев, претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, советници од општина Велес, пратеници, доктори, уметници, професори, наставници, спортисти, како и повеќе од 80 членови од сите 16 здружени членки на Мобилност Македонија.
Настанот започна со интонирање на државната химна и химната на градот Велес. Химните ги изведе хорот „Св.Кирил и Методиј“ од Велес, под диригенство на професор Веселинка Маџарова.
Пред присутните најнапред се обрати градоначалникот на Општината кој истакна дека и понатаму ќе продолжи да се залага за подобар и посодржаен живот на лицата со попреченост во општината и дека секогаш ќе се стреми за потребите на овие лица.
Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, во својот говор истакна дека нашиот сојуз 36 години делува на полето на подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет, застапувајќи ги нивните потреби преку директни преговори со институциите на државата во форма на предлози за измени и дополнувања на законите во кои се впишани нивните права. Исто така ја поттикнува креативноста на членовите преку организација на бројни културни и спортски настани, тематски работилници и учество во изготвување на стратешки документи со кои се поттикнува подобрување на животот на овие лица и нивна целосна и непречена интеграција во општеството.
Претседателот истакна дека годинава посебен акцент беше ставен на преговорите со Министерството за труд и социјална политика за покачување на надоместоците за нега и помош од друго лице и надоместокот за попреченост и постојаната парична помош. Успехот е делимичен, бидејќи се покачи само посебниот додаток за 15%, мешутоа останатите надоместоци не се покачија и претставуваат сериозна пречка за независниот и непречен живот на лицата со инвалидност. Очекуваме со новиот Буџет да бидат предвидени дополнителни средства за покачување на овие надоместоци и врзување на нивниот износ со процент од просечна месечна плата. Само на таков начин ќе може колку толку да се ублажи ударот на енергетската и финансиска криза пред која се наоѓаат сите граѓани на нашата држава, меѓутоа лицата со инвалидност се некако попогодени од истата бидејќи немаат можност за дополнителна заработка, за разлика од граѓаните кои не се соочуваат со некаков вид на инвалидитет.
На крај од своето излагање, Бранимир Јовановски ги афирмира постигнувањата на светската првенка Оливера Наковска Бикова, а истакна дека е посебно горд што како нејзин тренер активно учествувал во градењето на нејзината спортска кариера која е навистина блескава и ја става на местото на најдобра параолимпијка на сите времиња на Република Северна Македонија, и една од најдобрите спортисти на оваа држава воопшто. Таа е спортист кој успеа да ги обедини сите титули, европската, светската и параолимписката освојувајќи ги златните медали на сите овие првенства, подвиг што на никој друг не му успеал до сега. Да се надеваме дека Оливера и понатаму ќе продолжи вредно да тренира и со успех да ги брани боите на нашата држава.
Програмата продолжи со презентациите од дефектолозите од Мобилност Велес, Марија Давчевска и Зага Колодезни, кои ги презентираа проектите кои во тековната година ги реализира Мобилност Велес, а беа наменети за децата и младите со попречености.
На крај од настанот, поттикнати од долгото траење на пандемијата со корона вирусот, честите карантини и изолации кои оставија негативни последици врз физикумот и менталната состојба на жителите не само на нашата држава, туку и на планетата Земја во глобала, и како да се поправи таа состојба во најкраток можен времески период, претседателот на Мобилност Македонија, како дипломиран тренер по стрелаштво и истакнат спортски работник, излагаше на тема: „Лица со телесен инвалидитет - Потреба од спортска рекреација и спорт - Предизвици и бенефити“.
Дека на лицата со инвалидност им е насушно потребна телесна вежба за сочувување и подобрување на своето здравје, дека не треба однапред да се откажуваат од можностите за било каква форма на телесна вежба и спортување, и дека секоја упорност во тренажниот процес се исплати и валоризира со постигнување на големи успеси, покажува примерот на нашата врвна спортистка во стрелаштво, Оливера Наковска Бикова, која годинава на Светското првенство во стрелаштво во Ал Аин, ОАЕ; се закити со златен медал во дисциплината П4 Пиштол слободен избор 50 метри.
ППретседателот на Мобилност Велес, Миланчо Арсовски, на градоначалникот на општина Велес му додели благодарница за досегашната соработка и скромен поклон - уметничка слика која е изработена од нашите уметници на Ликовната колонија 2022.
На Оливера за постигнатиот успех на Светското Првенство и беше доделен букет и вредносен ваучер кој ќе може да го искорсти за купување на уметничка слика, дело на уметниците на Ликовната колонија на Мобилност. Македонија.
На тренерот на Оливера Наковска Бикова, воедно и претседател на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, му беше доделен скромен подарок во знак за постигнатиот овогодишен успех како тренер по стрлаштво, и на Генералниот секретар Софка Прчева и беше доделен букет цвеќе и скромен подарок во знак на благодарност за организацијата на секој настан и активност во рамките на програмата за работа на Мобилност Македонија, како и несебичното залагањето за нас членовите на сојузот.
Настанот го затвори претседателот на Мобилност Велес, Миланчо Арсовски, кој ги покани присутните гостите на скромен ручек.