На анонимниот конкурс за најдобри литературни творби во 2011 година објавен од страна на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија пристигнаа вкупно 16 песни, пријавени под шифри.
Според зборовите на Весна Ацевска, селекторот на творбите, во тематски поглед, видливо е дека авторите ја доживуваат поезијата како уметност низ која ќе можат да ги излеат своите чувства и да ги пренесат своите мисли за она што секојдневно ги измачува или што ги исполнува нивните животи. Па така, како своевидна исповедна лирика, разбирливо е што во неа главно место има љубовта, најчесто невозвратена или прекината од надворешни околности. Тука се и чувствата поврзани со болеста, овој пат подзатскриени и неистакнувани на преден план, при што таа се доживува како основна пречка за целосно исполнување на желбите и копнежите во животот. Во некои творби е видливо присуство на внатрешен немир којшто попречува да се превладее резигнацијата и кој води кон песимизам. Но тие, овој пат, се помалобројни, а неисполнувањето на желбите, најчесто љубовни, се прифаќа како составен дел на човековиот живот воопшто. Интересно е што се среќава и обид, иако само во една песна, иронично да се прокоментираат некои општочовечки својства („Човек за почит“), а тоа претставува тематско збогатување. Освен тоа, се среќава и обид да се прикаже животот со болеста така што таа се персонифицира во неразделен другар, за на крајот да се поентира, преку откривањето на врската, за што, всушност, станува збор („Неразделни другари“).
Во поглед на авторскиот пристап кон обработката на темите и мотивите, видлив е напредокот на учесниците на конкурсот, кои очигледно разбираат дека пред сè, за да се создаде една песна, освен тематско-мотивска подлога и внесување длабоки чувства, потребно е да се употребува фигуративен, а не буквален исказ, да се создаваат слики и внатрешна атмосфера преку стилски фигури, тонот да се искажува преку употреба на соодветен ритам, подзасилен кога треба со повторувања и со рими, а кога се употребува т.н. бел стих, треба да се внимава на прекршувањето на стиховите. Се разбира, тоа најчесто се прави доста невешто, а е резултат веројатно и на ограничениот обем на литературата којашто се чита. Во една од песните за првпат е присутен убав обид за градење многу посложени и побогати слики („Ливадска слика“), но се забележува недоволна вештина при прекршувањето на стиховите. За разлика од неа, во песната „Ако ме сакаш“ се забележува добар осет за правење стихови, тие течат без пречки, иако се испушта интерпункцијата. Некои песни се пишувани едноставно, со добар ритам и со рими, но и тука е видлива извесна неопитност, прусуство на вишок слогови или на неправилни зборови од говорниот јазик.
Имајќи го предвид сето тоа, селекторот смета дека следните седум творби заслужуваат да се најдат во конкуренција за избор на најдобра литературна творба на лица со телесен инвалидитет во 2011 година: „Ливадска слика“ (шифра „Цветна ливада“), „Човек за почит“ (шифра „Содомон“), „Ако ме сакаш“ (шифра „Симболика“), „Неразделни другари“ (шифра „ОН-001“), „Неостварен миг“ (шифра „Зрак“), „Птица“ (шифра „Луцифер“), „Ангела“ (шифра „373599“).
Оваа година, републичкиот натпревар се одржа во Охрид на 04.12.2011 година, во рамките на одбележувањето на „4-ти Декември“- денот на лицата со телесен инвалидитет. По презентацијата на творбите од страна на авторите, стручната жири комисија составена од поети од Охрид и Демир Хисар беше едногласна во оценувањето и ги прогласи пбедниците. Третото место го освои Александар Петрушевски од Скопје со творбата „Цветна ливада“, второто Славица Стојановска од Скопје со творбата „Птицо“, а првото место Биљана Димовска од Гевгелија со творбата „Неостварен миг“.
МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА се погрижи на првопласираните автори да им додели награди во вид на уметнички слики, а литературното друштво „Илинден“ од Демир Хисар на првопласираните им подари комплет книги.