НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu
LogoСобранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 18 јули 2023 година, во Законот за здравственото осигурување, донесе измени во член 34 став 1 алинејата 2 која сега гласи:
„- осигурените лица со попреченост, според прописите за детска заштита и социјална заштита,“.
Имено, согласно член 32 од законот, осигурените лица учествуваат со лични средства при користењето на здравствени услуги и лекови, но најмногу до 20% од просечниот износ на вкупните трошоци на здравствената услуга, односно лековите.
Член 34 од Законот го дефинира ослободувањето од учество, и до донесувањето на ова измена од учество со лични средства беа ослободени само децата со попреченост, според прописите за заштита на децата (детска заштита).
Со ова измена, се ослободуваат осигурените лица со попреченост (без оглед на возраст), меѓутоа само оние кои користат некое право од детска заштита или социјална заштита.
На иницијатива на Мобилност Македонија, Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, се обрати со допис до Министерството за труд и социјална политика за појаснување на постапката за начинот на остварување на ова право, како и практичната примена на измените во Законот за здравствено осигурување кои се однесуваат на ослободување од партиципација на лицата со инвалидност при користење на здравствени услуги, и од министерството го добивме следното појаснување, кое ви го цитираме во целост:
„ Врз основа на Вашето барање бр.03-116/1 од 09.10.2023 година, со барање за појаснување за практичната примена на измените во законот за здравствено осигурување, сакаме да Ве информираме дека ФЗО (Фонд за здравствено осигурување) со допис ги извести сите здравствени установи за ослободувањето од партиципација за лицата со попреченост, додека МТСП ги извести сите ЈУ МЦСР (Јавни установи меѓуопштински Центри за социјални работи) дека имаат обврска да издаваат потврди на лицата со која потврдуваат дека се корисници на правата од законот за социјална заштита, што е предуслов за ослободувањето (истата се приложува во здравствената установа). Оваа пракса ќе се користи се додека не се заврши прилагодувањето на електронскиот систем на ФЗО (што се очекува да биде набрзо), по што ќе може да се разменуваат податоци по електронски пат и нема да има потреба од хартиените потврди.“
Здравствени услуги за кои важи ослободување од плаќање на здравствена партиципација се:
- Специјалистичко-консултативна здравствена заштита(СКЗЗ)
- Болничка здравствена заштита (БЗЗ)
- Лекови издадени на рецепт на товар на ФЗОРСМ .
001zd