НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu
001На 01.12.2023 година, во „Порта Македонија“ беше одржана Изложбата на уметнички дела од 12. Меѓународна ликовна колонија „Охрид 2023“, во организација на Мобилност Македонија, а со финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика.
Изложбата за отворена ја прогласи министерката за труд и социјална помош, Јованка Тренчевска, која истакна дека министерството ги препознава и поддржува програмските активности на Мобилност Македонија, а истакна дека ќе се заложи уметничките дела, како овие, така и тие од претходните години, да бидат изложени во повеќе галерии и донаторски изложби во повеќе градови, а се со цел делата да се отуѓат, а средствата да се рефинансираат за нови активности од областа на културата и уметноста на лицата со телесен инвалидитет.
Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, и се заблагодари за одвоеното време и внимание на министерката Тренчевска, и истакна дека сојузот и министерството одамна имаат изградено партнерски односи и во непосредна комуникација се трудат да ги подобрат правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во државата.
Професорот Зоран Јакимовски, преседател на Одборот за ликовна колонија при Мобилност Македонија во својот говор ги истакна заслугите за развивање на креативност и сплотеност помеѓу авторите со и без инвалидитет и особено придобивките од заедничкото творење за време на колонијата кога едните учат од другите, но и се мотивираат и дополнително инспирираат да создадат поубави и посодржајни дела. Исто така го претстави нашиот член Тома Димовски, кој најпрвин дипломираше, а оваа година и магистрираше на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а токму одржувањето на ова програмска активност и учествата на неа, сигурно за него беа дополнителна инспирација и поттик.
Мобилност Македонија донесе одлука да и подари на министерката Тренчевска една слика од Тома Димовски, наречена „Градски автобус“ како знак на благодарност за поддршката што ни ја пружа, но и како симбол дека лицата со телесен инвалидитет без оглед на тежината на инвалидитетот, со соодветна поддршка можат мошне успешно да творат и активно да се вклучат во сите пори на општествениот живот во државата.