На 09.01.2025 година, претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, генералниот секретар, Софка Прчева и секретарот, Гораст Велковски, одржаа работен состанок со генералните директори на Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, на кој присуствуваа и Даниела Стојановска Џинговска-Советник на Директорот за ортопедски помагала, Весна Маркоска-Директор на Сектор за ортопедски помагала и специфични здравствени услуги, и Елена Тулевска-Раководител на одделение за план и анализа.
На состанокот разговаравме за можностите за подобрување на мобилноста на лицата со телесен инвалидитет преку воведување на одредени, досега не впишани дијагнози, како индикации за остварување на право на стандардно лесни и активни инвалидски колички (B91 секвели од полиомиелит), дополнување на дијагнози како индикации за стекнување на право на инвалидска количка за церебрална парализа (со вметнување на дијагнози,како на пример од некои ретки болести и други зболувања кои имаат потреба од ова ортопедско помагало), потоа право на инвалидска количка на електромоторен погон да имаат можност да го остварат сите осигурени лица врз основа на дијагноза и утврдена потреба, без ограничување на правото на добивање само доколку осигуреното лице е во работен однос, или да врши дејност врз основа на која е осигурено, или да се деца на редовно школување до 18, односно 26 годишна возраст (како што сега стои во Правилникот), потоа за воведување на ново помагало кај протезите-Хидрауличен зглоб за дезартикулација на зглоб за колк, бидејќи иако за другите делови од таквата протеза се направија позитивни промени со воведување на хидраулика, пневматика, електроника, овој зглоб за дезартикулација на згоб на колк остана механички, што ја пореметува статиката и можноста за стабилен од на овие лица.
Дискутиравме и за можноста на укинување на старосната граница за добивање на право на ортопедски пмагала (за повеќето сега изнесува 65 години) или барем нивно усогласување со просечниот животен век на граѓаните, потоа за ревидирање на референтните цени на помагалата со цел да се подобри квалитетот на истите, како и за можноста за автоматско поништување на неискористените заверени потврди за набавка на ортопедско помагало по истекот на законски предвидениот рок (осигуреното лице не ја реализирало потврдата), без обврската да се појават лично во просториите на подрачните единици и да поднесуваат изјави за да се здобијат за повторна можност да аплицира за нова потврда за набавка на истото помагало.
Мобилност Македонија им се заблагодарува на директорите и службата на ФЗОРСМ за срдечниот прием, конструктивната дискусија и искажаното разбирање за нашите потреби, очекуваме предлозите да бидат усвоени и имплементирани од фондот во најскор временски рок, а се со цел подобрување на квалитетот на животот на лицата со телесен инвалидитет, нивно самостојно движење и инклузија во општеството.