3-та тематска средба и одбележување на јубилеј 20 години Мобилност Кавадарци
Согласно одлуката на Управниот одбор на Мобилност Македонија, на 20.10.2012 година во Кавадарци, во салата на ресторанот Ангропромет – Тиквешанка, во присуство на членови од здруженијата на Мобилност Македонија беше одржана третата по ред за годинава тематска работилница во рамките на која беше пригодно одбележан и јубилејот 20 години успешно работење и делување на Мобилност Кавадарци, дваесет години на преземени многубројни активности за остварување на правата на лицата со телесен инвалидитет на територија на општина Кавадарци.
Во работниот дел на работилницата свое излагање имаа:
-Др. Петар Димитров, специјалист невролог, кој дискутираше на тема „Мозочните удари и телесниот инвалидитет“;
-Др.Диме Коцев, специјалист уролог, кој дискутираше на тема „Уролошки проблеми кај некои лица со телесен инвалидитет“ и
-Др.Драги Јованов, специјалист ортопед, кој дискутираше на тема „Ортопедски помагала кај трауматизирани лица со телесен инвалидитет“.
Темите предизвикаа голема заинтересираност кај присутните членови, лица со телесен инвалидитет, кои во подоцежниот тек на работилницата поставија бројни прашања од областа на горе наведените теми, на кои докторите, учесници на работилницата, одговорија во целост.
Генерален заклучок од работилницата е констатацијата дека здруженијата на лицата со телесен инвалидитет во координација со Мобилност Македонија, како кровна организација на лицата со телесен инвалидитет во Македонија, треба уште посилно и поаргументирано да ја продолжат комуникацијата со институциите на државата заради подобрување на положбата и остварување на адекватната заштита на лицата со телесен инвалидитет во сите области на животот. Правата на лицата со телесен инвалидитет се сериозно еродирани и институциите мора да сватат дека нашите организации преставуваат партнерски организации кои имаат дефинирано место и улога во општеството да се грижат за подобрување на положбата на лицата со телесен инвалидитет. Подобра здравствена заштита, можност за обновителна рехабилитација без обврска истата да биде фаза на продолжено лекување, поквалитетни и пософистицирани ортопедски помагала, средства за инконтиненција, ослободување од акцизи и данок при набавка на моторно возило за одредени категории на лица со телесен инвалидитет се приоритети кои Мобилност Македонија ќе се обиде да ги реализира во периодот кој е пред нас.
Вториот дел од работилницата беше посветен на одбележување на јубилејот 20 години активно делување на Мобилност Кавадарци на полето на подобрување на правата на лицата со телесен инвалидитет на територија на општина Кавадарци. Пригоден реферат за работата на здружението во изминатите дваесет години, успесите кои ги има постигнато и заложбите кои се уште се во фаза на реализација, прочита секретарот на здружението, а на крајот од официјалниот дел, претседателот Михајло Михајлов додели благодарници на истакнати поединци и здруженија.