НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

rab1

Работилница за правата на лицата со инвалидност во здравството

На 27-28.09.2012, Министерството за здравство ја организираше горенаведената работилница со поддршка на Институтот на ЕК за техничка помош, информации и размена. Истата е поддржана од Конвенцијата на Светската Здравствена Организација. Основна цел на работилницата е подигнување на капацитетот на здравствените работници и другите вработени во здравствениот сектор, со осврт кон здравјето и инвалидноста преку интеграција и научен пристап. Целта е да се промовира имплементација на „холистички“ пристап кон инвалидноста, социјален аспект, а не само медицински или биолошки дисфункции.

Акцентот беше ставен на европското законодавство и добрите практики во ЕУ, со цел да се подигне свеста на здравствените работници за инвалидноста. Собирот беше поздравен од претставници од Министерството за здравство (министерот беше зафатен), од народниот правобранител г-дин Иџет Мемети и претседателот на НКТ г-дин Бранимир Јовановски. Почетокот беше следен од медиумите. После меѓусебното запознавање со групата експерти од неколку европски земји и присутните, модераторот м-р Роберт Величковски од Министерството за здравство, воедно и претседател на интерсекторскиот Комитет за унапредување на здравјето на деца со пречки во развојот, ја отвори и многу успешно ја водеше целата работилница. Екипата од меѓународни експерти се претстави со дел од проектите во ЕУ.

Прв се претстави г-дин Џером Бикенбах со правните аспекти на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност. Роберт Величковски говореше за правата на лицата со инвалидност во здравството, а г-дин Лука Манжиа за европската стратегија. Г-ѓа Мириам Сомервил од Велика Британија говореше за практични примени за имплементација на Конвенцијата, а г-дин Брендан О’Нил за работата на народниот правобранител и повторно г-дин Џером Бикенбах за собирање на податоци и статистика за ивалидност во областа на здравството. Потоа следуваше дискусија.

Мора да се забележи дека импресивен беше бројот на присутни од здравствениот кадар и соработниците, особено дефектолозите, како и луѓе кои имаат повеќедецениско искуство со оваа проблематика.

Вториот ден, г-дин Бикенбах  зборуваше за меѓународната класификација за функционирање, инвалидност и здравје. Следуваше г-ѓа Барбара Мекинтош која говореше за креирање на подобри животни можности за деца и млади со интелектуална попреченост (во здравствен сектор), а за деинституционализација и независно живеење на лица со инвалидност говореше д-р Вероника Испановиќ-Радојковиќ. По кратката пауза, се обрати г-дин Ингемар Ферм кој зборуваше на тема лобирање за правата на лицата со инвалидност, а за придонесот на давателите на услугите за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност се обрати г-ѓа Бернадет Гросје. Во однос на предивиците, се обратија г-дин Лука Манжиа и г-дин Ингемар Ферм, а за перспективите на граѓанското општество говореше д-р Василка Димовска.

Имаше богата дискусија и респективни забелешки. На мислење сме дека имаме респективен капацитет и многу труд кој може добро да се валоризира, а сегашните услови кои се обременети, особено во делот на вовед и реализација во пракса на терен, да ја измениме перцепцијата на европјаните за нашата реалност. Општо може да се заклучи дека оваа работилница во потполност го оправда своето организирање со сите честитки кон модераторот. Имавме можност да слушнеме и запознаеме нови практики кои при имплементација на Конвенцијата и тоа како ќе ни бидат од корист. За некои аспекти кои се особено важни дополнително ќе бидете известени на страниците на нашето гласило.