Меѓународна тематска работилница Охрид 2012
Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија од 02-05.10.2012 година во Охрид одржа меѓународна тематска работилница на која учествуваа претставници од Сојузот на параплегичарите на Словенија, предводени од претседателот Дане Кастелиц, и Сојузот на параплегичари и квадриплегичари на Србија, предводени од претседателот Михајло Пајевиќ. Делегацијата на Мобилност Македонија беше во состав: Браними Јовановски – претседател, Софка Прчева – генерален секретаар, Велибор Јаќимовски, Рашо Талунџиќ, Ристо Фотевски, Венко Голабоски, др.Нико Јанков, Муштеба Амети и Митко Фидановски – членови на Управен одбор и Собрание на Мобилност Македонија.
Учесниците на тематската работилница беа сместени во апартманите на Мобилност Македонија во локалитетот Охридати во Охрид, а седниците се одржуваа во издвоена сала на ресторанот „Белведере“ во Охрид.
Самата тематска работилница имаше за цел да се разменат искуства од државите од регионот во однос имплементацијта на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност, но и во однос на остварување на правата од областа на здравството, вработувањето и социјалната политика за лицата со телесен инвалидитет.
Првиот работен ден се дебатираше на тема: „Имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвлидност“, механизми за следење на процесот на имплементацијата и улогата на сојузите во тој процес.
Дане Кастелиц истакна дека иако Република Словенија ја ратификувала Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност, се случило да Националниот совет на инвалидски организации на Словенија поднесе извештај до Комитетот за човекови права при ОН после две години од ратификацијата, меѓутоа истото не го направила и Владата. Слична е состојбата и со Република Србија, а ниту двете држави немаат информација дали некој го искористил правото кое го дава Верификациониот протокол да се обрати за помош до Комитетот за човекови права врз основа на одреден вид на дискриминација и кршење на право кое произлегува од Конвенцијата. Општ заклучок е дека процесот на имплементација на Конвенцијата е доста бавен и далеку од очекувањата на лицата со инвалидност. Попладнето послужи за запознавање на учесниците со културно историски знаменитост на Охрид, а особено гостите беа воодушевени од посетата на манастирот Св. Наум и од посета на подводните и крајобалните извори на Св.Наум и кусата прошетка со кајчиња.
Вториот работен ден се дебатираше на тема: „Остварени правата на лицата со телесна инвлидност од областа на здравството, вработувањето, социјалната политика“, со презентација на преземените активности за подобрување на правата и улогата на сојузите во тој процес. Позитивни и негативни искуства од тој процес.
Во врска со активностите на организациите на лицата со инвалидност во Словенија, Дане Кастелиц истакна дека инвалидските организации успеале во минатото да ги задржат во посебен фонд ФИХО средствата од даноците игрите на среќа, а и оваа година успеале да го амортизираат атакот од државата да ги приграби овие средства. Се работи за сума од околу 22 милиони евра на годишно ниво кои се распределуваат во процент 65% на инвалидските организации и 35% на хуманитарните организации. Со самото тоа, организациите се апсолутно независни во своето делување и имаат доволно средства за задоволување на програмските активности. Како пример, Сојузот на параплегичарите на Словенија има приход од околу 2 милиони евра на годишно ниво, има околу 1.000 членови организирани во 9 здруженија и смета дека тоа не е доволен буџет и дека им треба уште средства. Како компарација, Мобилност Македонија прима скоро 14 пати помалку средства (околу 150.000 евра на годишно ниво) а опслужува 7.000 членови од 7 групи на инвалидност организирани во 17 здруженија. Слична ситуација е и во Република Србија каде организациите се финансираат проектно и немаат доволно средства за реализација на програмските активности преку годината.
Мошне интересна беше дебатата за персонален асистент. Во Република Македонија ова право на лицата со инвалидност се уште е во фаза на размислување, а требаше како пилот проект да се опфатат неколку општини. Во Република Словенија има посебен закон за ова намена, а персоналните асистенти имаат околу 800 евра плата (бруто) и се регрутираат од страна на небработените лица пријавени во заводите за вработување. Тие имаат право на само една година ангажман и не треба да се во родбинска врска со корисникот на услугата. Ова право тече континуирано преку целата година. Во Република Србија исто така може да се користи ова право, платата на асистентите е далеку помала и услугата може да се користи 6-9 месеци во годината оти за толку месеци има средства во буџетот на министерството за труд и социјална политика.
Во врска со додатокот за нега и помош во Република Србија право на зголемен додаток имаат само 100% инвалиди ( во Србија ги има околу 25.000), меѓутоа во законските одредби има и некои аномалии бидејќи и лице кое има два пати по 70% оштетување (на пример 70% глув и 70% телесна инвалидност) го остварува ова право (за што претставниците од Србија сметаат дека е парадокс и силно лоби од страна на ова група граѓани). Во Република Словенија нега и помош се добива според два закони. Висина на месечниот паричен надомест за лица кои имаат потреба од 24 часовна нега е 580 евра, за лица кои имаат паараплегија тој износ е 290 евра, а лица кои имаат потреба од барем една константна помош во денот примаат 145 евра месечно.
Во Република Македонија се уште не е остварено (вратено) правото на набавка на моторно воззило со ослободување (враќање) на данок и царина. Во Република Србија лица со 100% инвалидност се ослободен од плаќање на данок и царина (односто износот го уплаќаат па потоа им се враќа назад), а лица над 80% инвалидност се ослободени само од плаќање на царина. Рокот за набавка на друго возило со исти бенефиции е 5 години за ново возило, односно 3 години за половно возило. Во Република Словенија лицата со над 80% инвалидност имаат право на набавка на моторно возило до 2000 кубици ако е со мануелен менувач на брзини, односно до 2200 кубици доколку е со автоматски менувач на брзини, меѓутоа го плаќаат ДДВ, а подоцна државата им го враќа данокот (7-13% од вредноста на новиот автомобил). Исто така државата им рефундира 85% од средствата за адаптација на моторното возило, но не само од командите туку и од други потребни адаптации, но не повеќе од 40.000 евра. На социјално загрозените лица со инвалидност им се признаваат овие трошоци во износ од 100%. Мое лично мислење е дека ова е мисловна именка за Македонија во догледно време. Меѓутоа преписките со институциите на државата на ова тема нема да престанат, напротив ќе бидат интензивирани. На тематската работилница беа разменети уште многу искуства кои ќе бидат предмет на натамошната активност на органите и телата на Мобилност Македонија.
Оваа работилница целосно ја покажа оправданоста на одржување и присуство на ваков тип на работилници на кои се разменуваат искуства и се согледуваат методите и фазите на носењето на одредени права преку измена и дополнување на законите, правилноците и другите подзаконски акти. Нашиот сојуз, како и до сега, ќе продолжи со активна улога во поднесување на барања за промена на законската легислатива, а колку ќе успееме во тоа и каква реализација ќе имаат барањата, ќе покаже времето. Успешноста најмногу ќе зависи од разбирањето од институциите на Република Македонија за потребите на лицата со телесен инвалидитет.