НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

kviz5Одржано 18-то издание на Републичкиот квиз натпревар

И годинава, од 23-25.11.2012 година, хотелот “Цар Самуил” во с.Банско, Струмица беше домаќин на републичкиот Квиз натпревар за лицата со телесен инвалидитет на Македонија, во организација на Националниот сојузот на телесно инвалидизираните лица на Македонија – Мобилност Македонија, кој овојпат го забележа своето 18-то издание. И овојпат во техничкиот дел за изнајмување на натпреварувачките пултови и миксета со озвучување имавме поддршка од претставниците на Народна техника од Струмица. Седумнаесет екипи од шеснаесет општински и меѓуопштонски здруженија два дена ги одмеруваа силите за да го освојат епитетот на најуспешни квизаџии од редот на лицата со телесна инвалидност на Македонија за 2012 година. За жал и годинава единствено екипата од Мобилност Струга не учествуваше на натпреварот.

Традиционално, тестирањата за состав на екипите беа извршени во канцелариите на здруженијата откако сите на 14.09.2011 година во 17 часот, од страна на генералниот секретар на Мобилност Македонија, ги добија тест прашањата по електронска пошта и едновремено го започнаа тестирањето, во 18 часот беа испратени одговорите и извршено бодирањето, а веќе во 19 часот сите екипи беа пријавени до канцеларијата на сојузот по електронски пат.

Водител на манифестацијата беше авторот на овој текст, Бранимир Јовановски, кој во повеќе наврати вметнуваше интересни коментари, шеги, афоризми, и најразлични занимливости, кои едновремено ја намалуваа напнатоста кај учесниците, меѓутоа и ја забавуваа публиката.

Жири комисијата ја сочинуваа генералниот секретар на Мобилност Македонија, Софче Прчева, и генералниот секретар на НФСРИМ-МПК, Драган Дојчиноски и претставникот од Народна техника на Струмица, Живко.

Пред да се изврши жребањето, за носители на четирите групи беа определени минатогодишните финалисти, екипите на Скопје I, Скопје II, Охрид и Куманово. Со оглед на тоа дека во конкуренција беа пријавени 17 екипи, првиот натпреварувачки ден најнапред беше одржано едно елиминаторно коло во кое по пат на жребање разигруваа екипите на Свети Николе, Битола, Штип и Велес. Најмалку знаење во елиминаторниот квиз натпревар покажа екипата на Мобилност Свети Николе која со освоени само 19 поени ушѕте на стартот го заврши учеството. Потоа беа одржани четири четвртфинални борби. Првопласираните две екипи од секоја четвртфинална група се пласираа за натамошните борби во полуфиналето. Вториот натпреварувачки ден беа одржани полу-финалните натпревари, како и финалниот натпревар. Согласно пропозициите, двете полуфинални групи беа формирани по формула: во првата полуфинална група првопласираната екипа од првата четврт-финална група, втората од втората, првата од третата и втората од четвртата четврт-финална група, додека втората полуфинална група ја сочинуваа второпласираната екипа од првата четврт-финална група, првата од втората, втората од третата и првата од четвртата четврт-финална група. Со ова беше постигнато избегнување на повторен дуел помеѓу две исти екипи, како и рамноправност во квалитетот на екипите бидејќи полуфиналните групи беа составено од по 2 првопласирани и две второпласирани екипи од квалификациските групи.

Натпревар помина во исклучително фер и коректна борба. Првата полуфинална група ја сочинуваа екипите на: Мобилност Скопје I, Мобилност Скопје II, Мобилност Штип и Мобилност Кичево. По завршување на четирите игри, екипите на Мобилност Скопје I со освоени 63 поени и на Мобилност Кичево со освоени 41 поени се пласираа во финалето, додека екипите на Мобилност Скопје II со освоени 39 поени и на Мобилност Штип со освоени 23 поени го завршија своето учество.

Втората полуфинална група ја сочинуваа екипите на: Мобилност Радовиш, Мобилност Гевгелија, Мобилност Охрид, и Мобилност Куманово. Како и што се очекуваше, во оваа група се водсеше беспоштедна борба до последната игра и последното прашање. За цело време екипите се менуваа во водство со мошне тесна бодовна разлика. По завршување на четирите игри, екипите на Мобилност Охрид со освоени 49 поени и на Мобилност Куманово со освоени 42 поени се пласираа во финалето, додека екипите на Мобилност Радовиш со освоени 36 поен и Мобилност Гевгелија со освоени исто така 36 поени го завршија своето учество.

Капитените на екипите кои се пласираа во финалето го извекоа редоследот на пултовите така да во финалето, на позиција број еден беше екипата на Мобилност Куманово, на позиција број два екипата на Мобилност Охрид, на позиција број 3 екипата на Мобилност Кичево, и на позиција број четири екипата на Мобилност Скопје I. По исцрпна борба во финалето на крај, екипата на Мобилност Скопје I составена од: Владимир Дојчиновски, Биљана Димовска и Томислав Попов, со освоени 78 поени го освои првото место. На второто место се пласира екипата на Мобилност Охрид во состав: Снежана Танеска, Венко Голабоски и Дејан Танески, со освоени 70 поени,  додека третото место го освои екипата на Мобилност Куманово во состав: Страшко Коцевски, Савре Бојковиќ и Драги Стефановски со освоени 63 поени. На четвртото место се пласира екипата на Мобилност Кичево во состав Славе Србакоски, Јулијана Ристеска и Бобан Јордановски со освоени 56 поени.

За следниот, деветнаесетти по ред, Републички квиз натпревар, финалистите ќе бидат носители на четврт-финалните групи, согласно редоследот кој го освоиле на претходниот натпревар. Првата четвртфинална група ќе ја предводи екипата на Мобилност Скопје I, втората ќе ја предводи екипата на Мобилност Охрид, третата екипата на Мобилност Куманово и четвртата екипата на Мобилност Кичево.