НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

muzika_5Одржани „18-ти Музички средби“ на лица со телесен инвалидитет на Македонија

Во големата сала на хотелот “Цар Самуил” во с.Банско-Струмица на 24.11.2012 година се одржаа осумнаесеттите музички средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Струмица и оваа година традиционално ги пречека најдобрите македонски интерпретатори на изворна народна музика од редот на лицата со телесна инвалидност. Оваа година манифестацијата имаше меѓународен карактер, а за да го добие тој епитет се погрижи гостинот од соседна Бугарија, интерпретаторот Кристијан Григоров од Велико Трново, кој настапи во конкуренција на натпреварувачката вечер со песната „Море пиле“. Имено, на иницијатива на нашиот музичар и тапанар на бендот „Феникс“, Николчо Делов од Кавадарци, Управниот одбор на Мобилност Македонија донесе одлука на средбата да покани шестчлена делегација од соседна Бугарија, раководни лица од фондацијата „Сила за живот“ кои секоја година во Поморје организираат слична манифестација на која учествуваат интерпретатори со најразличен вид на инвалидност. Во состав на бугарската делегацијата беа: претседателот на фиондацијата Јордан Стефанов, Зорница Стефанова – извршен директор на фондацијата, потоа музичарот аранжер и член на Управен одбор на фондацијата Александар Михајлов, интерпретаторот Кристијан Григоров и неговите родители како негови придружници и подржувачи на фондацијата „Сила за живот“.

Со оглед дека овој топол ноемвриски викенд во хотелот се одржаа повеќе манифестации во организација на Мобилност Македонија и на Мобилност Струмица, оваа година се бараше место повеќе во публиката. Низ големата сала, која за оваа манифестација беше „мала“, во вечерните часови одекнуваа милозвучни тонови на изворна македонска песна проследена со бурни аплаузи од многубројната публика, спонзори, донатори, членови на Мобилност Македонија кои дојдоа во голем број да ја следат манифестацијата, присутните гости од политичкиот и бизнис секторот на Струмица, предводени од градоначалникот г-дин Зоран Заев и пратеникот во Собранието на РМ, Панче Орцев, и секако за нас најдрагите гости, дечињата со телесен инвалидитет, штитеници на Заводот за рехабилитација на деца и младинци со телесна инвалидност Банско.

Како и минатата година, стручното жири беше во состав: Роберт Георгиев и Васко Пиличев од Струмица, академски музичари и музички критичари, овојпат придружувани од нивниот колега од Бугарија, Александар Михајлов.

Водител на манифестацијата беше неповторливиот Ѓорѓи Калајџиев кој и годинава со својата харизматичност, водителско искуство, умерена доза на хумор и низа вицеви и досетки, придонесе манифестацијата да биде интересна и будно следена од публиката од првата до последната минута.

Натпреварувачите имаа можност да одработат со музичарите од оркестарот „Феникс“ три проби во текот на двата дена, што претставуваше убава можност подобро да се увежбаат за настапот, но остана впечаток дека некои интерпретатори и поред пробите, не успејаа да се увежбат за главниот настап. Меѓутоа генерален впечаток е дека годинешнава манифестација беше можеби најуспешната до сега, а дел од интерпретациите навистина звучеа професионално. Можеби недостасува отворена сцена, манифестацијата да ја пренесеме во некоја концертна сала или пак на отворен простор за да постигнеме поголема афирмација како на самите интерпретатори, така и за активноста на Мобилност Македонија. Впрочем тоа е едно од разменетите искуства со гостите од Бугарија, кои во ова свера имаат далеку поголеми искуства. Претседателот на Мобилност Македонија доби покана со мала делегација да биде гостин на следните музички смотри во Поморје, кон крајот на август 2013 година за да може подетално да се запознае со сите организаторски сегменти потребни за успешна организација на нашата манифестација на отворена сцена.

Годинава на сцената продефилираа 19 интерпретатори и тоа: МОБИЛНОСТ СКОПЈЕ: Зорица Гочевска со песната „ Фати се Бое мори на оро “, Гоце Миновски со песната „Мајко ќе одам јабана“, Силвана Трајковска со песната „Во Струмица на улица“ и Соња Ѓорѓиевска со песната „Мори чупи Костурчанки“, МОБИЛНОСТ  ПРИЛЕП:  Здравески Ѓорѓи со песната „Многу е тешко верно да љубиш“, Спирковски Ристо со песната „Каде сте Македончиња“, Стојаноски Илија со песната „Не кажувај либе добра ноќ“, Ангелески Стеван       со песната „Зошто лажно ме љубеше“ и Најдоски Влатко со песната „Со душа ја чекам среда“, МОБИЛНОСТ  БИТОЛА: Митко Фидановски  со песната „Не каниме со очите“, Томче Најдовски  и Димче  Димитровски  со песната „Розо моја“ и Сотир Јоновски         со песната „Донка ја посвршија“, МОБИЛНОСТ   КАВАДАРЦИ: Трајче Лазаров со песната „Сношти го видов убавото Стојне“ и Николчо Делов со песната „Радо ле“, МОБИЛНОСТ  РАДОВИШ: Петре Јованов со песната „Никнало цвеќе шарено“, МОБИЛНОСТ ШТИП: Дафина Јаневска со песната „Цвеќе никнало“ и Ванѓа Јованчева со песната „Тргнало ми лудо младо“, како и ФОНДАЦИЈА „СИЛА ЗА ЖИВОТОТ“ БУГАРИЈА-Велико Трново со интерпретаторот Кристијан Григоров и песната  „Море пиле”.

По завршување на официјалниот програм во кој беа изведени деветнаесетте нумери, жири комисијата ги распредели наградите на следните интерпретатори:

Прва награда: Кристијан Григоров - „Море пиле”

Втора награда: Томче Најдовски  и Димче  Димитровски -  „Розо моја“

Трета награда: Трајче Лазаров - „Сношти го видов убавото Стојне“

Организаторот Мобилност Македонија обезбеди парични награди во износ од 3.000,00 денари за првопласираниот, 2.000,00 денари за второпласираниот и 1.000,00 денари за третопласираниот интерпретатор. Наградите ги врачи претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски.