Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност „3-ти Декември“ го реализираше во соработка со останатите национални инвалидски организации во составот на НСИОМ на централна прослава одржана на 03.12.2012 година во големата сала на ДХО „Даре Џамбаз“ во Скопје. На одбележувањето поред претставниците на националните инвалидски организации здружени во НСИОМ, присуствуваше и министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, кој во своето обраќање до присутните говореше за значењето на денот и за заложбите и активностите кои министерството за труд и социјална политика ги презема за подобрување на положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија. На одбележувањето присуствуваа и претставници од: здруженијата членки на националните инвалидски организации, здруженија на граѓани за подршка на лицата со инвалидност, други невладини организации, министерства, научни институции, здравствени институции, образовни институции, социјални установи и институции, како и поголем број на наши членови.
Одбележувањето на овој ден има за цел да го промовира разбирањето на проблемот на инвалидноста и да мобилизира поддршка од општествената заедница за достоинството, правата и благосостојбата на лицата со инвалидност. Одбележувањето на овој датум, исто така има за цел да ја подигне свеста за придобивките од интеграцијата на лицата со инвалидност во сите аспекти на политичкиот, економскиот и културниот живот. Главен фокус на одбележувањето треба да биде нашето настојување за натамошното имплементирање на меѓународните норми и стандарди за лицата со инвалидност во Република Македонија.
Тема на одбележувањето на „3-ти Декември„ 2012 година при Обединетите Нации се одвиваше под мотото: „Отстранување на бариерите за создавање на инклузивно и достапно општество за сите“.
Над една милијарда луѓе, или околу 15 проценти од населението во светот, живеат со некој вид на инвалидност. Лицата со инвалидност иако го претставуваат "најголемото малцинство во светот", често се соочуваат со бариери кои им оневозможуваат потполно учество во сите аспекти на општеството. Бариерите може да имаат различни форми, вклучувајќи ги оние кои се однесуваат на физичката средина или на информатичката и комуникациската технологија (ИКТ), или оние што произлегуваат од законодавството или политика, од општествените ставови или од дискриминација. Резултатот на истите е дека лицата со инвалидност немаат еднаков пристап до општеството или услугите, вклучувајќи ги образованието, вработувањето, здравството, транспортот, политичкото учество или правда.
Фактите и искуството покажуваат дека доколку бариерите за вклучување на лицата со инвалидност се отстранети, и овие лица се поттикнати целосно да учествуваат во општествениот живот, целата заедница има корист. Според тоа, бариерите со кои се соочуваат лицата со инвалидност се штета за општеството како целина и овозможување на пристапност е неопходна за да се постигне напредок и развој во инклузијата на лицата со инвалидност во сите пори на општеството.
Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност посочува дека постоењето на бариери претставува централна компонента на инвалидноста. Конвенцијата го развива концептот дека инвалидноста е "резултат од интеракцијата меѓу лицата со разновидни оштетувања и бариерите на животната средина кои го попречуваат нивното целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите."
Пристапноста и вклучувањето на лицата со инвалидност се основни права кои се признати од страна на Конвенцијата и не се само цел туку и предуслов за уживање на другите права. Конвенцијата (член 9, пристапност) се обидува да им овозможи на лицата со инвалидност да живеат независно и целосно да учествуваат во сите аспекти на животот и развојот. Таа ги повикува државите да преземат соодветни мерки за да обезбедат лицата со инвалидност да имаат пристап до сите аспекти на општеството на еднаква основа со другите, како и да ги идентификуваат и елиминираат пречките и бариерите за пристапност.
И покрај ова, во многу делови на светот денес, недостаток на свест и разбирање за пристапност останува основна пречка за постигнување на напредок и развој на ова поле.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност во 2012 година дава можност за решавање на ова исклученост, со фокусирање на промоција на пристапност и отстранување на сите видови на бариери во општеството.
Одбележување на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност обезбедува можност за учество на сите заинтересирани страни - Владата, граѓанското општество и организации на лица со инвалидност - да се фокусираат на прашања во врска со отстранување на бариерите и создавање на инклузивно и достапно општество кое ќе биде од корист на сите. Потребно е да се одржат форуми, јавни дискусии и информативни кампањи за поддршка за да се изнајдат нови начини и средства со кои ќе се отстранат сите пречки за вклучување на лицата со инвалидност и нивните семејства во сите пори на општеството.
Претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, во своето обраќање до присутните говореше за бариерите во околината која ги опкружува и со кои се среќаваат лицата со телесен инвалидитет во секојдневниот живот:
„Лицата со телесен инвалидитет во најголема мера се соочуваат со бројни архитектонски бариери во своето опкружување. Иако од 2010 година на сила е „Правилник за начинот на обезбедување непречен пристап, движење, престој и работа на лицата со инвалидност до и во градбите“, каде детално е опишана пристапноста, сведоци сме дека во повеќето локални самоуправи има многу мал број на обележани паркинг места за лица со инвалидност (а правилно обележани уште помалку), потоа адаптирани тоалети во јавните објекти, спуштени рабници на пешачки премини, тесни врати за влез во објектите и тоалетите, недостаток на рампи, платформи и лифтови за премостување на висински разлики во објектите на локалните самоуправи, подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување, подрачните единици на пензиско и инвалидско осигурување, Центрите за социјални работи, основните и средните училишта, факултетите, лекарските и стоматолошки ординации, банките, поштите, домовите на култура, театрите, спортските објекти...итн. Се прашувам дали некој размислува дека лицата со потежок телесен инвалидитет се двојно дискриминирани во случај на постоење на архитектонски бариери во околината која не опкружува и тоа: првпат како корисници на услуги, бидејќи не можат самостојно да влезат во банките, поштите, институциите, подрачните единици, спортските објекти.... и вторпат како потенцијални вработени лица банките, поштите, институциите, подрачните единици, спортските објекти, при што се кршат одредбите од законот за спречување на дискриминација при вработување на лицата со инвалидност. Морам да истакнам дека се вложуваат одредени напори за подобрување на состојбата. Сведоци сме дека пред некои институции во некои локални самоуправи се премостени дел од архитектонските бариери, меѓутоа негативни примери, за жал, се уште има многу повеќе од позитивните, особено што сме сведоци на изградба на нови стамбени и јавни згради неприлагодени за лицата со потежок и најтежок телесен инвалидитет кои во секојдневниот живот за движење се служат со штаки или инвалидски колички.
Порака која Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија сака да ја упати до надлежните институции од денешново одбележување на „3-ти Декември - Меѓународен ден на лицата со инвалидност“ е заложбата за целосно и недвосмислено применување на „Правилникот за начинот на обезбедување непречен пристап, движење, престој и работа на лицата со инвалидност до и во градбите“ кога е во прашање изградба на нови објекти, како и разумен рок за адаптација на старите градби на територијата на Република Македонија, како и прилагодување на средствата на јавниот градски и меѓуградски транспорт за потребите на лицата со телесен инвалидитет со што ќе се олесни и поедностави нивното одење на училиште, на работа, кај лекар, посета на културно-забавни и спортски настани, присуство на активности во организација на своето здружение и слично. “– истакна претседателот на Мобилност Македонија
Претседателот на НСИОМ на параолимпијката Оливера Наковска-Бикова и врачи Плакета „4-ти Декември“, а учениците од учолиштето за глуви и наглуви „Партение Зографски“ изведоа неколку музички точки. Програмата ја заврши членката на Мобилност Македонија, Соња Георгиевска со читање на своја творба.