НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

Изложба на слики од 3-та меѓународна Ликовна колонија Охрид 2012

izlozba21Во предвечерието на одбележувањето на „3 Декември“ – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, на 03.12.2012 година со почеток во 20 часот во галерискиот простор на „Порта Македонија“ во Скопје ја организираше изложбата на слики од третата меѓународна ликовна колонија Охрид 2012. Изложбата имаше донаторски карактер, уметничките дела насликани од академски уметници и талентирани лица со телесен инвалидитет беа понудени на продажба по симбилична цена од 200 евра во денарска противвредност. Исклучително важно е да се потенцира дека финансиските средства прибрaни од продадените уметнички дела ќе бидат употребени за натамошно зголемување на обемот и квалитетот на сликарската колонија во смисол, поред академските сликари, да бидат вклучени поголем број на лица со телесен инвалидитет од државите од регионот, како и за постојаните активности за остварување и подобрување на правата на лицата со телесен инвалидитет во Македонија.

На изложбата присуствуваа членови од неколку наши општински и меѓуопштински здруженија, уметници, музичари, претставници на бизнис секторот, како и многу граѓани, почитувачи на активностите на Мобилност Македонија.

Претседателот на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА во својот поздравен говор ја истакна благодарноста до директорката на „Порта Македонија“, г-ѓа Емилија Андонова – Пападимитров, за љубезниот прием, разбирање и отстапениот еднонеделен простор за изложбата, особено за прекрасниот ентериер на Порта Македонија која е целосно адаптирана за самостојно движење и престојување на лица со телесен инвалидитет.

Изложбата ја отвори проф.Димитар Малиданов, и самиот еден од учесниците на ликовната колонија и член на Одборот за организација на ликовната колонија при Мобилност Македонија, истакнувајќи ја преданоста на уметниците кои неуморно твореа шест дена вткајувајќи го својот изграден уметнички израз надополнет со многу љубов и позитивна енергија на триесет и петте насликани дела. Тој истакна дека е потполно убеден во потребата од постоење на ваква Ликовната колонија и изрази надеж дека од година во година истата ќе остави неизбришливи траги како во уметноста, така и до движењето за правата на лицата со телесен инвалидитет.

Предговор за Каталогот во кој беа презентирани биографиите на учесниците и дел од нивните дела наречен „Сликарството наспроти телесните бариери“ го напиша Конча Пиркоска, член на Одборот за организација на ликовната колонија при Мобилност Македонија:

„Третата по ред меѓународната ликовна колонија која е орга­низирана од На­ци­оналниот сојуз на лица со телесен инва­лидитет - Мо­билност Маке­до­нија, тра­ди­ци­онално се одржа во Охрид. Како и на прет­ход­ните две ко­лонии, така и на године­шнава, освен лица со те­ле­сен инвали­дитет, учествуваа и ака­демски сликари, графичари и вајари од Р. Македонија, Р. Србија и Р. Бугарија.

Причината за учеството на академските умет­­ници на колонијата, ос­вен ху­ма­нистичка, има и етчка димензија. Нивната цел не се состои само од про­фе­си­онал­но сти­мулирање на умет­ниците со теле­сен инва­ли­ди­тет, туку пред се, се сос­тои и од морални и финансиски причини, од подршката на нивниот творечки леги­ти­ми­тет пред поши­ро­ката заедница. Со изложбата всушност се испра­ќа општес­тве­на порака за суштинско, а не декларативно подобрување на правата на овие лица, кои преку своите разновидни потенцијали, ја покажуваат и ја докажуваат нив­ната силна дол­го­годишна физичка, психо­лош­ка и креативна борба против домина­ци­јата на намет­натите ба­риери и пред­расуди со кои секојдневно се суди­ра­ат во глобал­ниот опш­тес­твен контекст. Оваа изложбата во својот потконтекст го про­блемати­зира и сегрегирачкиот поим на Другоста на другиот- поинаквиот. Од наме­т­натите конвенции, оние Другите, себеси не се третираат за инвалидизирани, туку за пои­накви и успеш­ни,  лица дос­тој­ни за почит.

Но, кога станува збор за успешноста и почитта, би сакале, токму  оние, кои себеси се сметаат за „инакви од Другите“,  да ги потсетиме,  на некои лица со те­ле­сен инвалидитет, и да го докажеме токму спро­тивното, дека токму тие, се разли­ку­ваат од нив, според нивниот духо­вен инва­лидитет.  Покрај многуте познати и непо­з­нати имиња, достојни за почит и восхит, во мигов, спонатно ни се наметнаа три светски ге­нијални личности со телесен инва­ли­дитет од областа на науката и уметноста, како што се: теорискиот физичар, ма­тем­атичар и космолог Стивен Хо­кинг, филозофот, етичарот и кни­жевниот теоре­ти­чар Михаил Бахтин и оперски­от пеач Андреа Бочели. Тие на човеш­твото му го по­дарија својот ум и глас, и му оставија, и сеуште му ги оста­ваат во наследство своите трај­ни духовни вредности.  Овие имиња, како и мно­гумина други ненаве­дени, мину­вајќи во својот живот  низ раз­лични голготи и општетсвени предра­суди, се само едни од при­мерите, достојни за глорификација и стиму­лација на секоја лич­ност, без оглед на нивната физичка кондиција и духовни капацитети.

Со организирањето на оваа изложба, покрај повеќето афир­ми­рани маке­дон­ски, српски и  бугарски уметници,  двете  сликарки (исто така афирмирани), смоу­ка­та сликарка Ро­за Мојсо­в­­ска (која слика со уста), и ака­дем­ската сликарка Аферди­та Кики, (двете членови на Мобилност Македонија), со нивните по­веќе­­годишни претходни ин­ди­видуални изложби, како и со своите различно трети­рани акту­елни слики, ги по­кажаа и ги докажаа своите креативни по­тен­ци­јали не само во зем­ј­ата, туку и во странство.

Уметниците од различни возрасти и потесни специјалности, на ко­ло­нијата ја имаа потполната слобода да ја артикулираат сво­јата творечка имаги­на­ција низ раз­но­родните стилски концепти. Како што може да се забележи на самата изложба, нај­го­лемиот број од уметниците, низ своите индивидуални сликарски дискурси,   (Ан­д­рија­на Мициев-Нечовска, Брацо Азариќ, Ива Савчева, Јанко Лацо,  Димитар Малиданов, Никола  Николов, Зоран Јакимовски, Роза Мој­сова и Афро­дита Кики) беа иницирани и инспири­рани од охридскиот при­роден и културен амбиент, кон­цен­­трирајќи се на пејзажното сли­кар­ство. Нивните реалистички, експресионис­тички, асоцијативни и апстрактни третмани на пејзажот,  на изложбава и понудија една богата и разновидна колоратура на нивната емотивна перцепција и рецепција на амбиентот во кој твореа. Освен застапеноста на пејзажното сликар­ство, Алек­сан­дра Петкова Гианели се презентира со фигуративно стилизираните, тенден­ци­озно наи­вис­тички мо­делираните профани портрети, како и ликови од иконопис­ната македонска тардиција.  Миодраг Вукиќ и Брацо Азариќ се пртставуваат со сосе­ма различен приод и сликарски третман на мртвите природи. Наспроти сли­ките на Вукиќ во кој се препознава  стегнатиот и сладникав фигуративен сли­карски приод, Азариќ ни ја манифестира својата сло­бодна, топла вибрирачка колоратура, карак­терис­тична за колажираната реалис­тичко-експресионистичката поетика. Фра­г­мен­тираните балетски арте­факти присутни во двете слики на Даниела Илиевска се транс­ферирани во нејзината трета. зао­кру­жена слика, која реферира на мито­лошка­та концепција, т.е. на македонскиот балет „Ох­рид­ска легенда“. Како далечна асо­ци­јација на оваа легенда, ни се наметнува и по­етиката на делото на Малиданов „Јато“ која ја вос­при­емаме како подводна балетска ко­ре­ографија на охридскиот подводен свет. Јана Јакимовска, во своите топли, колористички обо­ени,  апстрактни слики, низ згус­на­тото, пастуозно третирање  на текстурата, ни реферира на еден сегмент од културната, т.е. од етно-традицијата на Македонија.  Валентина  Илиевска, во своите три дела (од кои по еден диптих и триптих) со играта на еле­ментите и стилс­кото колажирање меѓу своевидниот минимализам и гестуалното сликарство, ја создава  апс­трак­тната мапа на својата поетика.

Оваа колонија, единствена од ваков вид во државата, има претен­зии  постап­но да израсне  во  манифестација која ќе ја подигне уште по­веќе  свеста  на јавноста за положбата и потребите, но и за потенција­ли­те на лицата со телесен нвалидитет, кои можат да дадат голем придо­нес за општеството, каков што е најновиот случај со златната параолимпијка во стрелаштво, Оливера Наковска-Бикова.“

Изложбата беше следена од бројни новинари, а првиот канал на Македонската телевизија имаше воспоставен директен линк за време на ударниот вечерен Дневник.