НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

Одбележан „4-ти Декември“ денот на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА

sredba7Годинава, одбележувањето на „4-ти Декември“- денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија, со масовно присуство на членови од сите општински и меѓуопштински здруженија здружени во Мобилност Македонија се одржа на 04.12.2012 година во Кочани.

На одбележувањето присуствуваше градоначалникот на општина Кочани, г-дин Ратко Димитровски, кој во својот поздравен говор ја истакна соработката со Мобилност Кочани и заедничките проекти за подобрување на животот на лицата со телесен инвалидитет на територијата на општина Кочани.

Претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА, Бранимир Јовановски, му се заблагодари на градоначалникот на Кочани за неговото присуството на одбележувањето на овој значаен ден за лицата со телесен инвалидитет на Македонија, бидејќи токму на овој ден 1986 гофина е формиран сојузот. Потенцирајќи дека во изминатиот период беа покренати бројни иницијативи за подобрување на животот на лицата со телесен инвалидитет во Македонија, претседателот пред повеќе од 200 присутни членови го афирмираше започнувањето на примањата на додатокот за мобилност со сите перипетии и проблеми кои во пракса го отежнаа остварувањето на ова право за лицата со 100% телесен инвалидитет кои за движење се користат исклучиво со инвалидска количка.  Во преговорите со институциите на државата, но и во општата комуникација, се уште силно се чувствува недоволно изградената јавна свест за сфаќањето на потребите на лицата со телесен инвалидитет.

Собранието на Република Македониај пред точно една година ја ратификуваше Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност. Целта на Конвенцијата е унапредување, заштита и обезбедување на целосно и еднакво уживање на сите човекови праваи основни слободи на лицата со инвалидност, како и унапредување на почитување на нивното вродено достоинство. Според Конвенцијата, лица со инвалидност се оние лица со долготрајни физички, ментални, интелектуални или сензорни нарушувања, кои во интеракција со различни пречки може да ја спречат нивната целосна и ефикасна застапеност во општеството на еднаква основа како и другите, преку: почитување на вроденото достоинство, индивидуалната автономност, вклучувајќи и слобода на свој избор и независност на лицата со инвалидност, недискриминација, целосно и ефикасно учество и вклученост во општеството, почитување на разликите и прифаќање на лицата со инвалидност како дел од човековата различност и човештвото, еднакви можности, пристап, рамноправност меѓу мажите и жените, почитување на развојните можности на децата со пречки во развојот и почитување на правото на децата со пречки во развојот за зачувување на својот идентитет.

За жал, се уште поприсутно е сваќањето на инвалидноста според медицинскиот модел, иако Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност го претпочита социјалниот модел на инвалидноста.

Медицинскиот модел на инвалидитет е направен врз основа на концептот за болест, дијагноза и неспособност. Според медицинскиот концепт лицата со инвалидност се дефинираат според нивната болест или медицинска состојба. Со ова им се одземаат правата: медицинските дијагнози се користат за регулирање и контрола на општествените бенефиции, домување, образование, активности во слободно време и вработување. Медицинскиот модел го промовира гледиштето за лицата со инвалидност како зависни и тие на коишто им е потребно лекување или грижа и го оправдува начинот на кој систематски се исклучуваат инвалидните лица од општеството. Според медицинскиот модел проблем се лицата со инвалидност, а не општеството. Контролата им е препуштена на стручни лица; изборот за лицата е ограничен на можноста што ја нуди и одобрува стручното лице што му „помага“. Понекогаш медицинскиот модел се нарекува „индивидуален модел“ зашто лицата со инвалидност се поединци што треба да се прилагодат на начинот на којшто е изградено и организирано општеството; нема никаков предлог самото општеството да се смени. Според тоа, лицата со инвалидност се целосно зависни од лекарите, терапевтите, социјалните работници и другите стручњаци, како и од оние што се грижат за нив.

Социјалниот модел го развија самите лица со инвалидност како реакција на медицинскиот модел и влијанието што го има врз нивниот живот. Според социјалниот модел, општеството во коешто живееме го создава инвалидитетот и не е „вина“ на лицата со инвалидност или пак последица од нивните ограничувања. Инвалидитетот претставува производ на физички, организациски и бариери во ставовите што се присутни во општеството, а коишто доведуваат до дискриминација. За да се отстрани оваа дискриминација потребна е промена во пристапот и размислувањето на начинот на кој општеството е организирано. Социјалниот модел ги зема предвид лицата со инвалидност како дел од нашето економско, еколошко и културно општество. Бариерите кои спречуваат било кој поединец да има дел во општеството претставуваат проблем, а не лицата. Вакви бариери се уште постојат во образованието, системите за информација и комуникација, работната средина, службите за здравство и социјална помош, транспорт, домување, јавни згради и објекти. Обезвреднувањето на лицата со инвалидност преку негативните слики во медиумите – филмовите, телевизијата и печатот – исто така претставува бариера.  Социјалниот модел е развиен со цел да ги отстрани бариерите за да можат лицата со инвалидност да ги имаат истите можности како сите други луѓе за да го определат својот животен стил. Со него во основа се менува начинот на кој се размислува за инвалидитетот и се поттикнува усвојување на национална регулатива за национална анти-дискриминација во неколку земји во светот. Според тоа, Преамбулата во Конвенцијата вели дека инвалидитет претставува „концепт кој еволуира“ и е „резултат на интеракцијата меѓу лицата со инвалидностѕ и бариерите во ставовите и средината кои го попречуваат нивното целосно и ефикасно учество во општеството на рамноправна основа со сите други”. Оваа формулација, како и целата Конвенција овозможува натамошно ревидирање и разгледување на концептуалната рамка; некои организации за лицата со инвалидност и академски кругови иницираа дебата и сметаат дека движењето надвор од „социјалниот модел“ е релевантно со оглед дека се работи за развој на моделот за „човековите права“ кај инвалидните лица, што е сосема во согласност со Конвенцијата. Сите овие движења повлекуваат сериозни социјални и културни промени и бараат законски реакции. Во многу земји, меѓу кои и во Република Македонија, е усвоена правна регулатива за инвалидитет со која дискриминација врз основа на инвалидитет е незаконска и во која се бара еднаков третман со отстранување на сите бариери во околината, вклучувајќи ги ставовите и компензација за недостатоци поврзани си инвалидитет преку техничка и лична помош, вклучувајќи помош од колеги и овластувања за лицата со инвалидност.

Во натамошниот тек на одбележување на денот на лицата со телесен инвалидитет, претседателот на Мобилност Кочани, Горан Војновски, им додели благодарници на членови и институции кои дале свој придонес и оставиле неизбришана трага во успешното 20 годишно работење на Мобилност Кочани. Средбата заврши со песна и оро во прекрасен амбиент, за кој се погрижија музичарите од Кочани.