Mобилност Mакедонија – учесник на тематска работилница, семинар, работен состанок и тркалезна маса
Семинар на тема
„Професионалната рехабилитација на лицата со инвалидност и лицата со намалена работна способност“
Во организација на Министерството за труд и социјална политика и Федералното министерство за труд, социјални прашања и заштита на потрошувачите на Австрија, се одржа семинарот на тема „Професионалната рехабилитација на лицата со инвалидност и лицата со намалена работна способност“, на кој учествуваа претставници на Мобилност Македонија и на кој беа презентирани европските и австриските искуства на ова поле.
На семинарот се дискутираше како и со какви мерки можат да се мотивираат работодавачите и работниците со намалена работоспособност преку преквалификација и доквалификација да останат вклучени во работниот процес.
Семинарот го отвори министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, кој меѓу другото истакна:„Ова е добра можност да се видат другите искуства, бидејќи во Македонија е мал процентот на професионална рехабилитација на лицата кои имаат намалена професионална работоспособност и аплицираат за остварување на право на инвалидска пензија. Постојат стимулациски мерки, но реално тие многу малку се користат. Една од мерките предвидува во ситуација на конкретна повреда на работно место Фондот на ПИОМ цела година да му исплаќа на работникот, односно на соодветниот работодавач за да го стимулира да го преквалификува за да продолжи да работи на други работни позиции. Меѓутоа оваа можност не се користи и многу од граѓаните одлучуваат предвреме да се пензионираат, а работодавачите не прават обид да ги преквалификуваат. Нашата цел е со дополнителни мерки и искуства да се мотивира вклучувањето на работникот кој има намалена работна способност во работниот процес. Тој посочи дека прашањето на инвалидност е прашање на право, а не прашање на проценка. Ова право е регулирано со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој се овозможува право на работникот да работи со скратено работно време на истата работа, право на промена на работното место и право на професионална рехабилитација.“
Претставникот на Австриското федерално Министерство за труд, социјални прашања и заштита на потрошувачите, Геро Стулер, посебно ги истакна мерките кои што ги преземале на полето на професионалната рехабилитација на лицата со инвалидност и со намалена работна способност, бидејќи со тие мерки успеале драстично да го намалат бројот на предвремени пензионирања и со тоа извршиле позитивно влијание на пазарот на трудот во Австрија.
Инаку, беше презентиран податокот дека во Република Македонија 45000 лица се корисници на инвалидска пензија, а на годишно ниво околу 5000 лица доставуваат барања за остварување на ова право.