Мобилност Македонија со свои претставници учествуваше на тркалезната маса во организација на Институтот за човекови права на тема „Дискриминација, состојби и предизвици“ одржана во хотел Континентал во Скопје на 13.12.2012 година. Целта на тркалезната маса беше да се истакне потребата од одржување на надзорна расправа во Собранието за имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација со цел формално разгледување на имплементацијата на законот и анализа за негово подобрување.
Претставниците на Мобилност Македонија земаа учество во презентацијата на „Анализата за примената на законот за спречување и заштита од дискриминација“ чија цел беше согледување на актуелните проблеми околу примената на законот. Анализата опфаќа воочени проблеми, нејасни и конфузни одредби кои што го прават текстот на предметниот Закон неразбирлив, збунувачки и непогоден за примена, како и укажува на потребата од одредени активности како на членовите на законодавниот дом така и од извршната власт со цел Законот целосно да се усогласи со националните и меѓународни стандарди во превенирање и заштита од дискриминација.
Мобилност Македонија учествуваше и во панел дискусијата на тема: „Актуелни проблеми околу примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација и потребата од одржување на надзорна расправа во Собранието за истиот“. Во дискусијата земаа учество нашите претсавници и за нивните презентирани состојби и реални проблеми со кои се соочуваат секојдневно, дискутираа присутните поканети учесници: пратеници, адвокати, судии претставници од локалната самоуправа, народниот правобранител како и претставници од граѓанскиот сектор, со единствена цел за неопходноста од за утврдување и градење на ефикасен механизам за промоција, гаранција и заштита на човековите права и слободи.