-
Детали
Мобилност Македонија на 01.12.2022 година, како дел од активностите за одбележување на 3. Декември - Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, во Порта Македонија ја отвори Изложбата на уметнички дела од 11. Ликовна колонија 2022.
Во присуство на голем број на членови на Мобилност Македонија од повеќе здружени членки, ликовни уметници кои учествуваа на колонијата, како и други љубители на уметноста, изложбата за отворена ја прогласи заменикот министер за труд и социјална политика, Енвер Хусејин.
Хусејин на почетокот од своето обраќање се заблагодари за можноста да ја отвори изложбата која е организирана по повод 3 декември Меѓународниот ден на лицата со попреченост и истакна дека овој ден е од особена важност за Министерството за труд и социјална политика.
„Развојот на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023 – 2030 е веќе во завршна фаза. Таа се развива согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и комплементарна со Европската стратегија за правата на лицата со попреченост, врз основа на податоци и анализи направени за моменталната состојба со почитувањето и остварувањето на правата на лицата со попреченост. „Ништо за нас, без нас“ гласи мотото на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Врз основа на ова мото јавните политики ќе бидат креирани и спроведени со активно учество на лицата со попреченост“ рече Заменик Министерот.
Тој истакна дека особено е важно што се менува перцепцијата што општеството ја има за лицата со попреченост. Посочи дека се напушта стариот модел на гледање на попреченоста и дека истиот е заменет со немедицинското гледање кое ги поттикнува јаките страни и способности на децата и лицата со попреченост.
-
Детали