Националниот совет на инвалидските организации на Македонија (НСИОМ) на 3.12.2015 година во присуство на голем број на претставници од владините институции, на националните инвалидски организации, како и други организации и здруженија, во ДХО „Даре Џамбаз“ го одбележа „3-ти Декември“ – Меѓународен ден на лицата со инвалидност. Тема на годинешното одбележување на 3-ти Декември во ООН е: „Инклузијата е важна: Пристап и зајакнување на сите способности на секое лице со инвалидност“.
На одбележувањето присуствуваше и Министерот за труд и социјална политика, д-р Фросина Ташевска-Ременски која им се обрати на присутните:
“Пораките на овој ден се различни, бидејќи и политиките во однос на лицата со инвалидност имаат многу лица. Предизвикот на денешниот ден, сепак е дека тој ги обврзува сите кои зборуваат и дискутираат за проблемите на лицата со инвалидност, да ставаат акцент врз човекот, неговата индивидуалност и лично достоинство, а не врз неговата попреченост. Тоа е европскиот модел на политики кон и за лицата со инвалидност, кој и Република Македонија треба да го следи”, рече министерката Ташевска-Ременски.
Претседателот на „Мобилност Битола“ со највисокото признание од НСИОМ
Во рамките на манифестациите по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност – 3 декември, претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков, со одлука на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија (НСИОМ), беше одликуван со највисокото признание – плакета, која се доделува на институции, здруженија и поединци, а секоја година се доделува по една.
Оваа година, на предлог на делегацијата на НСТИЛМ, Советот на НСИОМ ја донесе оваа одлука во која при образложувањето се искажа дека признанието плакета се доделува за исклучителен придонес, заслуги и лично залагање за подобрување на правата на лицата со инвалидност во Република Македонија.
По повод „3-ти Декември“ - Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, Македонскиот параолимписки комитет на 29.11.2015 година, во ДХО “Даре Дзамбаз” го организираше 4-то екипно Државно првенство на Македонија во шах за лица со инвалидност на кое учествуваат 4 екипи и тоа: Национален сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија-Мобилност Македонија со екипа во состав: Јанчо Ѓорѓевски, Љупчо Филипов, Горан Војновски и Мирослав Бучевски, Национален сојуз на слепи на РМ со екипа во состав: Миле Чапанов, Зоран Костадиновски, Трајче Димов и Хамди Џемаили, Национален сојуз на глуви и наглуви на РМ со екипа во состав Ѓорѓи Георгиев, Драги Андоновски, Вукашин Аврамовски и Беким Асипов и Национален сојуз на цивилни инвалиди од војната на РМ со екипа во состав Жарко Селковски, Мусли Пајазити, Коста Костов и Крум Митковски.
Првенството го отвори претседателот на НФСРИМ-МПК, Тихо Русовски, главен судија на натпреварот беше Тони Пајдаков. Се играше Бергеров систем на 4 табли со темпо 30 минути по играч.
Во рамките на активностите во мал фудбал, екипата на Мобилност Македонија го одигра својот четврти ревијален натпревар, овојпат на 22.11.2015 година во Струмица со екипата на Академијата Пандев.
Во регуларниот дел натпреварот заврши нерешено 6:6. По изведувањето на пеналите, победи екипата на Академија Пандев со 4:2.
Голема благодарност до Академијата Пандев за пружената рака на поддршка и согласноста да се одигра овој натпревар на кој беше прикажана допадлива игра, залагање и борбеност на учесниците.