На 28.06.2016 година во Скопје се одржа седмата седница на Управниот одбор на Мобилност Македонија на која по утврдување на дневниот ред беше разгледан и усвоен Записникот од претходната седница на УО одржана на 16.03.2016 година. Претседателот на сојузот поднесе извештај за реализираните активности помеѓу двете седници на УО, за кои имавте можност поопширно да прочитате во нашето гласило, како што се: одржаната VII-ма Меѓународна ликовна колонија во месец април во Охрид, одржани XXVIII-ми републички спортски игри во Струга и Охрид, одржаната петта Масовна средба во природа во СРЦ „Треска“ во Скопје, за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобили согласно Програмата за рефундирање на средствата платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патничк автомобил за лица со најмалку 80% инвалидност на долни екстремитети, активности за реализација на проектот за професионална рехабилитација и лична асистенција и воспоставување на стандарди за професионална рехабилитација и унапредување на услугите за социјална вклученост, за работната средба со претставници на УНДП во врска со вклучување на Мобилност Македонија во студијата за визија што се е потребно да се направи за да се подобри животот на лицата со инвалидност, за одржан работен состанок со ФФМ за продолжување на соработката и организирање фудбалски натпревар во Струга за време на одржување на Републичките спортски игри, потоа за учество на хуманитарен настан со познатиот говорник, мотиватор и хуманист Ник Вујичиќ во арената „Борис Трајковски“, учество на наши членови на Меѓународен турнир во пинг-понг во Варна – Бугарија, за текот на подготовките за учество на наши членови-спортисти на Параолимписките игри во Рио.
Во Струга и Охрид, од 02-05.06.2016 година се одржаа 28-те Републички спортски игри на лица со телесен инвалидитет на Македонија, во организација на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија - Мобилност Македонија и коорганизација на Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија - Македонскиот параолимписки комитет. Игрите финансиски беа подржани од Министерството за труд и социјална политика во рамките на средствата за финансирање кои ги прима сојузот на годишно ниво.
На игрите, поред преку 90 домашни натпреварувачи, учествуваше и петчлена делегација од Босна и Херцеговина (атлетика и стрелаштво) и 4 натпреварувачи од Република Бугарија (пинг понг и стрелаштво).
Натпреварувачите беа сместени во хотел Галеб во Струга, а спортовите од програмата се одвиваа: стрелаштвото на стрелиштето „Бејбунар“ во Охрид, пинг-понгот во спортската сала при ОУ „Маршал Тито“ во Струга и атлетика на спортскиот комплекс „Биљанини извори“ во Охрид.
На 29.05.2016 година, во Спортско-рекреативниот центар на езерото Треска во Сарај, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, ја организираше петтата масовна средба во природа за лицата со телесен инвалидитет.
На масовната средба во природа присуствуваа повеќе од 380 лица со телесен инвалидитет од 16 здруженија на Мобилност Македонија. Целта на средбата е да се промовираат правата на лицата со телесен инвалидитет за нивна целосна интеграција во општеството.
Присуството на скоро 400 лица со телесен инвалидитет на едно место, праќа силна порака до институциите во државата дека само вака обединети и организирани ќе имаме сила да се избориме за нашата позиција во општеството како еднакви со другите. Освен со масовноста, лицата со телесен инвалидитет покажаа и достоинственост во потсетувањето на обврските на државата кон оваа категорија на граѓани.
Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ – Скопје, оваа година за прв пат го обележа меѓународниот ден на лицата болни од мултиплекс склероза на последната среда од месец мај, кој ден од 2009 година официјално е прифатен во светот како ден на МС.
Настанот се одржа на плоштадот „Македонија“ на 25 мај под мотото „Имаме мултиплекс склероза, но таа не нема нас“. На настанот присуствуваа дел од членовите на Здружението, се делеа флаери со кратки информации за болеста, а присутните беа облечени во портокалови маици на кои беа испечатени пораки „Јас можам се“, „Не сум мрзлив, имам МС“, „Не сум пијан имам МС“. На овој начин лицата кои боледуваат од Мултиплекс склероза се обидоа да ја подигнат свеста на граѓаните за оваа тешка болест односно „да не се осудуваат прерано луѓето кои не одат стабилно, дека можеби не се под дејство на алкохол, туку се борат со ова сериозно заболување“.