На 13 декември во Собранието на РМ, Мобилност Македонија преку генералниот секретар Софка Прчева, оствари работна средба со пратениците Горан Милевски и Јулијана Николова Либерално демокртаска партија.
На средбата, пратениците беа запознаени со целите и задачите на Мобилност Македонија, како и со програмата за работа, во која потенциравме дека главните активности првенствено се фокусирани на пристапноста, достапноста, образованието, вработувањето, здравствената заштита, социјалната заштита, подигнување на јавната свест и сл.
Во организација на Мобилност Велес, денес во хотелот „Гарденија“ во Велес се одржа одбележувањето на „4 Декември“ - Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Во присуство на градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски, градоначалникот на Градско, Роберт Бешовски, претставникот на МТСП Слободанка Лазова-Здравковска, генералниот директор на Дрекслмаер, Лукас Мирингер, директорот на Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ од Скопје, Горан Чаловски, претставници од бизнис секторот, подржувачи на работата на Мобилност Македонија и Мобилност Велес, преставници на подрачните единици на ПИОМ и ФЗОМ во Велес, преставниците од Центарот за социјални грижи од Велес голем број на членови од сите здруженија, членки на Мобилност Македонија, претседателот на Мобилност Велес, Горан Здравков, ја отвори манифестацијата со поздравен говор во кој истакна: „Триесет и една година од формирањето на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Македонија – време исполнето со бројни активности, со бројни иницијативи – се’ со цел подобрување на животот на лицата со телесен инвалидитет во сите сфери на живеење. Оваа година честа да ја организира средбата по повод овој за нас значаен датум, ја има Здружението на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Велес. Од свое лично име, и од име на членовите на нашето Здружение, Ви посакувам плодна работа и пријатен престој во нашиот град.“
Денес во ДХО „Даре Џамбаз“ Националниот совет на инвалидските организации на Македонија чија членка е Мобилност Македонија, во присуство на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денес го одбележа Меѓународниот ден на лицата со инвалидност.
Министерката порача дека Владата на РМ е определена да делува за подобрување на правата на лицата со инвалидност во РМ, за што сведочат измените на Законот за социјална заштита од 09.11.2017 година.
Претседателот на Мобилност Македонија во своето излагање меѓу другото истакна: „Мобилност Македонија го одбележува 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со инвалидност со цел да го промовира јакнење и создавање на вистински можности за лицата со телесен инвалидитет во образованието, вработувањето, здравствената и социјалната заштита. Кога луѓето со телесен инвалидност се вклучени во општеството, тие се поподготвени да ги искористат можностите, лесно трансферираат од издржувани, во лица кои заработуваат, лица кои обезбедуваат егзистенција за себе и своите семејства, и можат полесно да ги прифатат нивните граѓански одговорности.
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, на 1 декември прими претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија.
На средбата Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија го претставуваше генералниот секретар на Мобилност Македонија, Софка Прчева.
Претставниците на националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија изразија благодарност за досегашната поддршка од претседателот Иванов, како и за можноста преку ваквите средби да го информираат за положбата на лицата со инвалидност за актуелните предизвици со кои тие се соочуваат, како и за нивните активности во насока на доследно спроведување на законската легислатива, со цел подобрување на положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија.