На 20.10.2018 година во хотелот Цар Самуил во С.Банско, Струмица, во организација на Мобилност Струмица, а со финансиска поддршка од Мобилност Македонија, општина Струмица и други донатори, се одржа дваесет и првото издание на манифестацијата „ТОРТИЈАДА“ на која членовите на Мобилност Македонија од 12 здруженија ги презентираа своите кулинарски вештини изработувајќи прекрасни торти кои рефлектираа прекрасни пораки упатени до институциите на државата за подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во РМ.
На 20-21.10.2018 година во хотелот „Цар Самуил“ во с.Банско, Струмица, во организација на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија - Мобилност Македонија, се одржа дваесет и четвртиот Републички квиз натпревар на лица со телесен инвалидитет на Македонија. На квизот му претходеа тестирања низ кои поминаа повеќе стотици членови на здруженијата, членки на сојуот, за да на крајот 16 екипи составени од по три членови настапат на истиот.
Жири комисијата беше во состав: Зоран Јорданов, претседател на жирито и изготвувач на прашањата, Софка Прчева и Драган Дојчиноски, водител, Бранимир Јовановски, технички реализатор, Тони Пајдаков.
Според зборовите на присутните, ова издание на квизот беше еден модерен и содржаен квиз натпревар, на кој сите учесници покажаа завидно знаење и само нијански одлучуваа кои екипи ќе ги продолжат натамошните борби.
Мобилност Македонија на 13-14.10.2018 година, во хотел „Галеб“ во Струга, го одржа јбилејното триесетто Државно првенство во шах за лица со телесен инвалидитет на Македонија.
На првенството настапија 24 натпреварувачи, од кои 21 натпреварувач од Македонија и 3 натпреварувачи од Република Српска, заради што прогласувањето на најдобрите се одржа во две категории, во Опен и за Државно првенство.
Главен судија на натпреварот беше Тони Пајдаков, а се играше Швајцарски систем, 8 кола со темпо 30 минути по играч.
Претставници на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, Софка Прчева и Горан Спасов на 10.10.2018 година, во просториите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија одржаа работен состанок со Комисијата за ортопедски помагала предводена од д-р Вера Митровска.
На состанокот се дискутираше во врска со нашите барања за измена и дополнување на Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала, беше рефериран прогресот во однос на изготвените анализи, поднесените иницијативи за промена на Закон за здравствено осигурување со кој ќе се ублажат критериумите за континуитет и можноста за доплата на ортопедско помагало над референтна цена, за делови за изработка на ортопедски помагала, за критериуми за инвалидски колички и слично.