Центарот за ортотика и протетика „СЛАВЕЈ“ од Скопје на 02.12.2017 година во ДХО „Даре Џамбаз“ за членовите на Мобилност Македонија организираше настан по повод одбележувањето на 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, стендап комедија со Весна Петрушевска, проследена со коктел забава и дружење.
Мобилност Македонија изразува голема благодарност до директорот на „Славеј“, Горан Чаловски за овој прекрасен гест на кој со солзи од смеа уживаа стотина членови на нашиот сојуз.
На 01.12.2017 година во „Порта Македонија“ со почеток во 19 часот, во присуство на голем број на членови на Мобилност Македонија, уметници - учесници на колониите, поддржувачи на работата на сојузот и други гости, беше отворена изложбата на делата од седмата и осмата меѓународна ликовна колонија, одржани во 2016 и 2017 година.
Претседателот на сојузот Бранимир Јовановски истакна: „Мобилност Македонија одамна го има препознаено талентот на дел од своето членство кон ликовната уметност и со цел да се унапреди и промовира нивното делување на ова поле, започнавме со организирање на ликовна колонија. Веќе првата беше меѓународна и го оправда своето постоење, така да од година во година се нижеа и стасаа до бројката осум. На колониите учествувале академски уметници и лица со телесен инвалидитет од Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Чешка и Македонија, а имаме најава дека следната гдина ќе им се придружат и уметници од Германија и Босна и Херцеговина. Ова колонија е единствена од овој вид во нашата република, покажа и докажа дека уметничкиот потенцијал не знае за поделби и инвалидност, и нејзиното организирање има за цел да докаже дека креативните потенцијали на лицата со телесен инвалидитет се доминантни и над предрасудите дека техничката изведба е најважна.“
„Во изминатиот период покажавме дека само со дискусија и со насочување на финансиските средства кон лицата со попреченост и нивните потреби можеме да направиме итни промени“, истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред почетокот на меѓународната конференција „Механизми и структури за имплементација и за следење на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост – искуства од регионот“ во организација на Националното координативно тело за еднакви права на лица со инвалидност во Република Македонија.
Таа посочи дека во Законот за социјална заштита веќе регулирале одредени работи, а во собраниска процедура веќе е Законот за пензиско и инвалидско осигурување каде дозволуваат семејна пензија кај лица со попреченост кои некогаш имале активен работен однос, затоа што досега немаа право на семејната пензија.
На 15.11.2017 година, во хотел „АРКА“ во Скопје, се одржа конференцијата „Очи за еднаквост” посветена на лицата со инвалидност, организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во рамките на проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“ поддржан од страна на Британската амбасада во Македонија, на која присуствуваше и Мобилност Македонија.
Преку конференцијата, јавноста и граѓаните подетално беа информирани за наодите од истражувањата и анализите за потребите за промени на лицата со инвалидност во областите:
1. Социјална заштита
2. Образование
3. Здравствена заштита
4. Вработување
5. Квалитет на живот
Воведно обраќање на прес-конференцијата имаше Британскиот амабасадор во Македонија, Чарлс Герет и извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска, а потоа следеше обраќањето на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, потоа излагањата на експертите од разните области, како и излагањата на претставниците на министерствата надлежни за областите за кои беа спроведени истражувањата.