На 04.12.2019 година во Прилеп, во организација на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, беше одбележан 4.Декември, Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Тема на одбележувањето оваа година беше „Да ги премостиме архитектонските бариери - Пристапна Македонија“. Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, ги посочи активностите кои претставниците на сојузот ги преземаат, во насока на носење законски измени за поголема пристапност на лицата со телесен инвалидитет.
„На овој ден сплотени и достоинствено се обидуваме да ја подигнеме јавната свест за
потребите на лицата со телесен инвалидитет. Оваа година многу напорно работевме на две теми: пристапност и ортопедски помагала. Во тек е носење на Закон за градење, каде од страна на нашиот Сојуз во континуитет се работи со Министерството за труд и социјална политика, преку сугестии и теми да се подобри текстот на законот за поголема пристапност на лицата со телесен инвалидитет, бидејќи архитектонските бариери се основна пречка за целосна социјална инклузија на лицата со телесен инвалидитет. Попреченото движење по тротоарите и непристапноста до одредени институции, како и несоодветните ортопедски помагала се главните проблеми за чие решавање е потребен ангажман на локалните заедници и на државните институции“, посочи Бранимир Јовановски – претседател на Мобилност Македонија.
Годишното одбележување на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со инвалидност започна во 1992 година, со резолуција број 47/3 на Генералното собрание на Обединетите нации. Одбележувањето на денот има за цел да го промовира разбирањето за проблемите на лицата со инвалидност и да мобилизира поддршка за достоинството, правата и благосостојбата на овие лица. Исто така, со активностите во рамките на одбележувањето, националните инвалидски организации се обидуваат да ја зголемат свеста за придобивките што произлегуваат од интеграцијата на лицата со инвалидност во секој аспект на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.
Темата на одбележувањето на денот во рамките на ООН за 2019 е: „Промовирање на учество на лицата со инвалидност и нивно лидерство: преземање на акции поврзани со Агендата за оддржлив развој 2030 “. Темата се фокусира на оспособување на лицата со инвалидност за инклузивен, правичен и одржлив развој, како што е предвидено во Агендата за одржлив развој 2030 година, со која се гарантира дека „никој нема да го остави зад себе“ и која го признава инвалидитетот како меѓусебен проблем, што треба да се разгледа во спроведување на нејзините 17 цели за одржлив развој.
Традиционално, на 02.12.2019 година, во предвечерието на одбележување на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, Мобилност Македонија ја поставува изложбата на дела од одржаната ликовната колонија „Охрид 2019“. Во присуство на голем број на посетители, уметници, членови на Мобилност Македонија од здружените членки, на присутните им се обратија претседателот на Мобилност Маледонија, Бранимир Јовановски и претседателот на Одборот за ликовна колонија при сојузот, проф. Зоран Јакимовски.
Претседателот и генералниот секретар на Мобилност Македонија,Бранимир Јовановски и Софка Прчева, и членот на Комисијата за ортопедски помагала при сојузот, Горан Спасов, на 21.11.2019 година остварија работна средба со сопствениците на Frontis Medical Care - Thessaloniki Rehab & Proshetic Center, на нивно барање.
Средбата се одржа во канцеларијата на сојузот и во непосредна комуникација го запознавме сопственикот на Центарот за рехабилитација и протетика од Солун, Александрос Антониоу со легислативата во однос на протетиката и медицинскиот третман на лицата со телесен инвалидитет во нашата држава, со напорите за подобрување на тоаа положба кои три години ги водиме со ФЗОМ, а тие ја претставија својата фирма, како функционира и со што се се занимава,лепезата на производи, како и за аспектите на идна можна соработка.