НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

 

Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија - МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА е формиран 1986 година како национална инвалидска организација на лицата со телесен инвалидитет на Македонија, која има за задача да ги претставува и застапува лицата со телесен инвалидитет и нивните интереси во комуникација со државните органи во Република Македонија, како и на меѓународно ниво. Во согласност со прописите, предлага претставници на лицата со телесен инвалидитет во работните тела во државните органи кои ги третираат прашањата во врска со лицата со инвалидитет.

Во Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија - МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА се здружени 17 општински, меѓуопштински и градското здружение на лицата со телесен инвалидитет на Македонија, како колективни членови, а со тоа и лицата со телесен инвалидитет на целата територија на Република Македонија, како индивидуални членови, во една заедничка организација, заради остварување и заштита на нивните здравствени, економски, социјални, културни, образовни, спортски и други права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и законот.

Членувањето во МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА може да биде редовно, вонредно и почесно.

Редовен член на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА може да биде секој граѓанин државјанин на Република Македонија кој има пречки во мобилноста поради телесен инвалидитет предизвикан од параплегија, дистрофија, ампутација на екстремитет, детска парализа, мултипла склероза и други невро мускулни или коскени заболувања, ако му се сочувани менталните способности и ако не е член на друго здружение или асоцијација со исти или слични цели и задачи, кој доброволно ќе пристапи кон МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА со потпишување на пристапница.

Вонреден член може да биде секој граѓанин државјанин на Република Македонија кој може и сака со својата работа да придонесе кон остварување на целите и задачите кој, по предходна одлука на Управниот одбор за прием за вонреден член, доброволно ќе пристапи кон МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА со потпишување на пристапница за вонредно членство.

Почесен член може да биде граѓанин државјанин на Република Македонија кој има посебни заслуги во остварувањето на целите и задачите и кој, по претходна  одлука на Управниот одбор доброволно ќе пристапи кон МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА со потпишување на пристапница за почесно членство.