НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

Остварен прием кај новиот министер за труд и социјална политика, Димитар Спасов

01На покана на министерот за труд и социјална политика, Димитар Спасов, делегација на Мобилност Македонија во состав: Бранимир Јовановски-претседател, Софка Прчева-генерален секретар, Христина Просковска, Александар Јовановски и Томислав Попов-членови, на 18.06.2013 година оствари работна средба со министерот во неговиот кабинет.

 Министерот Спасов, поттикнат од потпишаната Петиција од страна на лицата со телесен инвалидитет, но и во рамките на својата определба да стапи во непосреден контакт со претставниците на националните инвалидски организации, покани претставници од Мобилност Македонија за да ги слушне приоритетните барања и да се обидеме, во услови на партнерски однос и разбирање, да најдеме решение за реализација на нашите барања, со напомена дека треба да бидеме свесни за економската состојба во која се наоѓа Република Македонија, што директно се рефлектира и на можностите на Буџетот на РМ.

 Претседателот на Мобилност Македонија во кратки црти образложи дека петицијата е потпишана како резултат на спороста, неефикасноста, па дури и игнорантскиот однос на институциите на Државата кон дел од нашите барања, кои всушност и не се нови права, туку обида се вратат назад еродираните права кои ни ги направи системот. Свесни дека времето за разговор со министерот е ограничено и дека за половина сат не можат да се анализираат сите наши барања, побаравме министерот да задолжи лице од министерството за труд и социјална политика со кое ќе ги разработиме во детали прашањата наведени во концептпт за разговор што го состави претседателот Јовановски.

 Темите и барањата за кои разговаравме со министерот беа:

 -Преиспитување на измената за додаток за мобилност: Со најновите измени на Законот за социјална заштита од 29.05.2013 година, во член 84 кој се однесува на додатокот за слепило и додатокот за мобилност беше вметнат нов став 4 кој гласи: „Правото на додаток за слепило или мобилност престанува ако корисникот со решение на центарот е сместен во установа, загрижувачко семејство, мал групен дом или организирано живеење со поддршка.”. Сите наши реакции не вродија со плод и амандманската иницијатива да се избрише овој став не помина на собраниската Комисија за труд и социјална политика. Мобилност Македонија, согласно Статутот и Законите, ги застапува и претставува лицата со телесен инвалидитет пред институциите на државата и затоа бараме да се преиспита одлуката и да се поведе постапка за укинување на истата за лицата со телесен инвалидитет и сочувани ментални способности, згрижени во ЈУ Завод за згрижување, воспитување и образование на деца и младинци Банско, Струмица. Најнапред бидејќи нивниот број е симболичен, а од друга страна додатокот за мобилност многу им значи за непречено движење, социјализација и инклузија, бидејќи тие не се само биолошки, туку и социјални битија. Треба да се направи јасна дистинкција помеѓу лица со телесна инвалидност од 100% и сочувани интелектуални способности на кои им е потребна поддршка во однос на превоз и мобилност, со лица сместени во институции врз кои службата мора да има целодневен надзор. Исто така, со оглед на тоа дека се наоѓа во рамките на надлежностите на министерството, да се наложи на раководните лица од ЈУ Завод за згрижување, воспитување и образование на деца и младинци Банско, Струмица да го вратат во функција адаптираното возило и да ги задоволат потребите на згрижените лица со телесен инвалидитет преку соодветни програми за следење на културно-забавни, спортски и други општествени активности во градот Струмица и пошироко. Не е доволно само да се живее, важен е и квалитетот на животот.

-Зголемување на износ на нега и помош и воведување на нова категорија:

Дел од лицата со телесна инвалидност кои се непокретни имаат потреба од целодневна нега и помош. Многумина од нив, заради неможноста да ја движат инвалидската количка самостојно немаат право на додаток за мобилност. На овие лица им е потребен зголемен износ на нега и помош бидејќи не е иста грижата за еден квадриплегичар со целосно одземени 4 екстремитети кој ниту може сам да се храни, да се облекува, да се грижи за лична хигиена, да се сврти во кревет.....За сума од 4.200 денари, не може да се најде стручно лице кое адекватно ќе се грижи за здравјето на овие наши членови, граѓани на Република Македонија. Неконтролираните физиолошки потреби и ненавременото третирање може да доведе до инфекции, ненавремената ротација доведува до отварање на декубитуси кои може да предизвикаат сепса и директно да го загрозат нивниот живот, а постапката на лекување на истите е исклучиво болничка, долготрајна и мошне скапа.

Во Република Словенија има 3 вида на нега и помош кои се во износ на просечна плата: - 26,5% за лица кои неможат да ги обавуваат некои најосновни потреби или за делумно слепи лица; -53% за лица кои не може да ги обавуваат сите основни потреби, како што се непокретни лица, лица во инвалидски колички или слепи лица; и -76% за лица на кои им е потребен 24 часовен надзор од роднина или стручно лице, и се бара професионална помош (најмалку од здравствен техничар) за постојана здравствена нега.

Бараме Министерството за труд и социјална политика преку своите стручни служби да направи анализа, подготви текст и покрене иницијатива за донесување на измени и дополненија на Законот со кој ќе се регулира оваа материја. Сметаме дека бројот на лицата кои користат нега и помош е доста голем и дека е потребно да се изврши ревизија за да се утврди бројот на лицата кои имаат вистинска потреба. Од друга страна износот на негата е најнизок во регионот и неадекватен на својата намена.

-Воведување на право на обновителна рехабилитација: Лицата со телесен инвалидитет над 80% заради оштетувањето се подложни на минимално одење, подолго седење и на атрофирање на преостанатата мускулатура. Истите не можат да трчаат, да возат велосипед односно не можат да практикуваат циклични аеробни вежби, па со самото тоа се изложени на зголемен ризик од кардио-васкуларни и респираторни заболувања. Од една страна тешкотиите со степенот на инвалидноста, а од друга зголемен ризик од сериозни заболувања кои директно влијаат врз квалитетот и должината на животот. Единствено решение за ублажување на оваа состојба е обновителна рехабилитација која би се спроведувала во некој од бањско-климатските центри со кои министерството има склучено договор, а за оние кои можат да пливаат, најадекватен е „Цар Самуил” во Банско, Струммица. Тоа е третата можност (поред трчањето и возењето велосипед) за аеробна циклична активност која за среќа повеќето лица со потежок телесен инвалидитет можат да ја практикуваат. На нашето барање до Владата на РМ по урнекот на пензионерите и на лицата со телесен инвалидитет да им се доделува за 400 лица и 50 придружници годишно 10-14 дена обновиелна рехабилитација во бањско-климатските центри, ни беше одговорено дека во рамките на нашата програма Министерството одвојува средства. Да, но тие средства се за 360 членови кои користат можност во адаптирани гарсоњери за најтежок вид на телесен инвалидитет да престојуваат 10 дена во Охрид. Охрид не е бањско климатски центар и не е адекватна замена за нашето барање за обновителна рехабилитација, бидејќи нема можност за користење на термални води и стручна медицинска физикална терапија. На одговорот од министерството упативме повторен допис со кој го објаснуваме погоре напишаното, меѓутоа до ден денес немаме никаков одговор.

-Да се назначи Комисија за оценка на процент на инвалидност: Дел од правата за лицата со телесен инвалидитет во македонската легислатива произлегуваат и зависат од процентот на инвалидност. Во РМ нема комисија која определува процент на телесно оштетување. Бараме најитно да се формира комисија за оценување на процент на телесен инвалидитет.

-Набавка на возило со повраток на ДДВ и царина: Ова е тема на која повеќе години наназад се допишуваме со министерството за финансии, а најинтензивни преписки се одвиваа во периодот помеѓу 2009 и 2011 година. Најчесто не добивавме одговор на нашето барање за набавка на моторно возило со враќање на ДДВ, а и кога добивавме, некои одговори беа навредливи, како на пример дека со тоа би се направила повреда на член 9 од Уставот на Република Македонија во кој се вели сека граѓаните на РМ се еднакви пред Уставот и Законите!!!? Со оглед на тоа дека се работи за лица кои не можат да се движат и на кои моторното возило му е буквално ортопедско помагало, не станува збор за било каква повреда на Устав. Ниеден од делегацијата од 4 члена на лица со телесен инвалидитет која присуствуваше на средбата со министерот Спасов, заради тежината на инвалидитетот немаше да ги застапува потребите на лицата со телесен инвалидитет доколку не допатуваа со моторно возило. Баравме да се врати ДДВ до 2.500 евра за набавка на моторно возило, кое би го управувало лице со телесен инвалидитет со најмалку 80% оштетување на долни екстремитети кое практично не може да користи средства на јавен превоз за задоволување на свои здравствени, образовни, културни и други потреби со силен механизам на заштита и неможност на отуѓување од најмалку 5 години. Напоменавме дека во сите држави од регионот ова прашање е регулирано, а пред донесувањето на Законот за ДДВ, до 1999 година во РМ лицата со телесно оштетување на долните екстремитети од најмалку 70% и тотално слепите лица имаа право на набавка на моторно возило без плаќање на данок и царина. Ние само бараме да ни се врати правото кое ни е одземено од страна на Државата.

-Да се врати правото на набавка на ортопедски помагала со доплата на цената над определената референтна цена: Ова измена (која би преставувала враќање на укинатото право за нашите корисници) НЕ ГО ОПТОВАРУВА ФИНАНСИСКИ ФЗОМ бидејќи фондот секако на нашиот член, корисник на ортопедското помагало му оверува потврда за ортопедско помагало ја исплатува утврдената референтна цена. Корисникот доколку има потреба и е во финансиска можност, се определува за набавка на друго, поквалитетно, полесно, пофункционално, со помодерен дизајн....ортопедско помагало со сопствена доплата (а не од средства на ФЗО) на средства и со самото тоа со ништо не го оптоварува буџетот на ФЗО. Треба да се има предвид дека техниката и технологијата за изработка на ортопедските помагала постојано оди напред и секојдневно се достапни нови помагала кои овозможуваат поголема мобилност и независност на лицата со телесен инвалидитет, што е една од основните определби на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност која Собранието на РМ ја ратификува на 05.12.2011 година. Мобилност Македонија има членови (корисници на протези, ортози, инвалидски колички) кои се млади, активни, се школуваат, спортуваат, или пак секојдневно се со работни обврски а ФЗОМ им го нуди истиот стандард како и на неактивни возрасни осигуреници над 65 год. Нашите членови бараат ФЗОМ да им пружи прилика за користење на помодерни и пофункционални помагала (хидраулика,пневматика, активни стопала, активни спортски колички ) дури и во прв момент доплатата во разлика на цената да биде на нивен трошок. Ваков тип на доплата функционира во рамките на ФЗОМ кога се во прашање лекарствата, каде осигуреникот може да изврши доплата за одредни лекови кои се од друг производител над референтната цена утврдена од ФЗОМ.

-Да се ревидираат роковите за набавка на протези за долни екстремитети и на чевли: За наши членови, корисници на протези кои се на возраст од 18-65 да се намали периодот на користење од 36 на 24 месеци. Убедени сме дека некои од Фондовите во референтните земји како репер имаат воспоставено такви рокови, но исто така дозволувааат помагала со повисок стандард за активни и помлади корисници. Активните корисници, заради обврските, постојано се во протезата (12-14 часови во текот на денот) добар дел од нив се во работен однос или на школување, што доведува до значително побрза амортизација на ортопедското помагало и тоа е единствената причина заради која самите (потврдено во пракса) сметаат дека рокот треба да се скрати од 36 на 24 месеци.

-Право на инвалидска количка на електромоторен погон да не се врзува со редовно школување или работен однос, туку со дијагноза и степен на инвалидитет: Еден дел од нашите членови кои не можат да управуваат инвалидска количка на рачен погон и имаат потреба од инвалидска количка на електромоторен погон или го завршиле своето школување, или како и многумина граѓани на РМ од разни причини не засновале работен однос, но со самото тоа не им престанала потребата да се движат, дружат, да посетуваат манифестации, едноставно не им престанала потребата да живеат нормално и самостојно во своето опкружување. Беше даден примеркако ова право е регулирано во Република Србија.

-Право на активна инвалидска количка: Дел од лицата кои користат инвалидска количка имаат возачка дозвола и секојдневна потреба од внесување и изнесување на количката од сопственото возило. Во Република Србија на лица постари од 18 години со параплегија настаната од било која причина, вклучувајќи и ретки болести под услов да има сопствено адаптирано моторно возило и возачка дозвола има право на набавка на лесна-активна инвалидска количка на 84 месеци. Бараме ова право да се воведе и за македонските осигуреници.

-Право на ортопедски чевли: За дел од ортопедските чевли ФЗОМ нема потпишано Договор со ниту еден изработувач на ортопедски чевли. Нашите членови се изложени на дополнителни трошоци бидејќи посебен вид на чевли (рачно изработени по гипсан модел со големи повишувања 6-10цм или над 10 цм) чинат 6.700,00 односно 7.800,00 денари. Нашите членови се принудени да го платат целосниот износ, а можат да повратат средства во износ од 1.800,00 денари. Не е нивна вина што ФЗОМ нема потпишано договор и бараме рефундирање на целосен износ на цената на ортопедските чевли за повишувања над 4сантиметри, за кои ФЗОМ нема потпишано Договор со ниту еден изработувач на таков вид на чевли;

-Изработка и дистрибуција на посебен знак за обележување на моторно возило со кое управува лица со телесен инвалидитет: Голем дел од нашите членови, лица со телесен инвалидитет, се возачи од „Б” категорија, меѓутоа не можат да ги обележат своите автомобили со посебен знак (меѓународниот знак за лица со инвалидност во кружна форма со стилизирано лице во количка во бела боја на сина подлога) бидејќи нашиот сојуз нема право да печати такви налепници (забрането со Закон), а согласно Законот за безбедност во сообраќај во член 20 став 3 стои дека посебниот знак го изработува правно лице овластено од министерот за транспорт и врски. Бараме Министерството за транспорт и врски да преземе активности да изготви Правилник за критериуми за посебниот знак, а подоцна и да се премине на печатење и пуштање во дистрибуција преку станици за технички преглед на моторните возила. Во Правилникот, како и во известувањето за издавање на налепниците што ќе се даде до станиците за технички преглед, да се предвиди користење на правото само за возила на лицата со дијагнозите опишани во член 65 од

Законот за јавните патишта.

-Пристапни рампи за влез во водите на Охридското езеро: Мобилност Македонија, во населбата Охридати во Охрид, за користење на право на опоравок и рехабилитација на своите членови има набавено 12 приспособени гарсоњери во кои лицата со најтешка телесна инвалидност можат самостојно или со мала помош да престојуваат и да го користат оваа право. Меѓутоа голема пречка е немање на адекватна рампа со ракохвати за влез во водите на езерото со инвалидска количка, како и недостаток на адаптирани тоалети и туш кабина на плажите за лицата кои користат инвалидска количка. Министерот Јанакиевски вети дека ќе се заложи на четири поголеми плажи, меѓу кои и на најблиската плажа до нашите гарсоњери која се наоѓа поред полициската станица на излезот од каналот на „Биљанини Извори”, да се адаптира пристапот во езерото со соодветни рампи и ракохвати, како и тоалети и туш кабини во кои непречено ќе можат да ги користат нашите членови кои користат инвалидска количка, патерици и други ортопедски помагала, меѓутоа до денес нема реализација на ветувањето.

-Доследно почитување на Правилникот за начинот на обезбедување непречен пристап, движење, престој и работа на лицата со инвалидност до и во градбите: Еден од поголемите, ако не и најголемиот проблем со кој се соочуваат лицата со телесен инвалидитет во секојдневното живеење се бариерите во физичкиот пристап до и во градбите, како и во пошироката околина која ги опкружува. Министерот за транспорт и врски, врз основа на Закон за градење донесе ПРАВИЛНИК за начинот на обезбедување непречен пристап, движење, престој и работа на лицата со инвалидност до и во градбите, кој влезе во сила на 20.02.2010 година. Со Правилникот се пропишува начинот на непречен пристап, движење, престој и работа на лицата со инвалидност и смалена подвижност до и во градбите за јавна, деловна, станбена и станбено-деловна намена, со десет и повеќе станови, и воедно со истиот се поставија современи стандарди за пристапност, меѓутоа во пракса малку или воопшто не се применува, како при адаптација на постојните градби, така и при градењето на нови градби. Тука секако спаѓаат и неприлагодените јавни површини со високи рабници, неприлагодени пешачки премини, тротоари, паркинг места, пристап до автобуски стојалишта, адаптирани тоалети за корисници на инвалидски колички... Непочитувањето на одредбите од овој Правилник и архитектонските бариери со кои се соочуваат лицата со најтежок телесен инвалидитет двојно ги хендикепираат овие лица: Прво, како уживатели на услуги и второ како можност да се вработат во тие установи и да пружаат услуги. Бараме Министерството за транспорт и врски, преку своите ресорни служби, да преземе потребни активности за доследна и целосна примена на одредбите од Правилникот за начинот на обезбедување непречен пристап, движење, престој и работа на лицата со инвалидност до и во градбите.

Читајќи го горново, сигурно претпоставувате дека средбата со министерот Спасов наместо половина, траеше подолго од еден час. На излегување од кабинетот на министерот, во холот се сретнавме со вршителност на должност амбасадор на Катар во РМ, неговата екселенција Мохамед Рашид Х. Субах, кој откако ја виде нашата делегација, во разговорот со министерот предложил сите национални инвалидски организации да достават список на средства и помагала кои би ги финансирал Катар. Списокот го доставивме, дали ќе добиеме некаква помош, останува да видиме.

 Два дена по одржувањето на средбата, министерот Спасов за одговорно лице за натамошна соработка и комуникација по горните барања ја назначи Слободанка Лазова-Здравковска, раководител на сектор за вработување на лица со инвалидност при министерството, со која веќе остваривме една работна средба.

 Активноста на Мобилност Македонија за подобрување на правата на лицата стелесен инвалидитет во Македонија продолжува со исто темпо и во периодот кој е пред нас.