На покана на фондацијата „Сила за живот“ од Велико Трново - Бугарија, тричлена делегација на Мобилност Македонија во состав: Бранимир Јовановски, Софка Прчева и Дејан Ѓорѓиевски од 20-27.08.2013 година присуствуваа на осмиот музички фестивал на лица со инвалидност во Поморје, Бугарија. Заедно со делегацијата патуваа и нашите членови – музичари и интерпретатори на народна музика, посебно поканети од страна на организаторот: Николчо Делов, Сотир Јоновски, Севдет Фејсулов и Зорица Гочевска.
Основната дејност на Фондацијата " Сила за живот " е организирање на музички фестивал на лица со инвалидност во соседна Бугарија. Фестивалот е форма за надминување на социјалната изолација на лицата со инвалидност и постигнување на нивната одржлива социјална вклученост и припојување кон современите културни вредности преку изразни средства на уметноста. Целта на музичкиот фестивал е зајакнување на општествената јавна свест, преку интеграција и реинтеграција на лицата со инвалидност, како и подигање на нивната лична самодоверба. Фондацијата секоја година бара и избира нови учесници, помагајќи ги нивните јавни настапи и овозможувајќи им лична реализација и социјално вклучвање. Благодарение на целиот раководен тим на Агенцијата за лица со инвалидност на Бугарија, како и лично на господинот Минчо Коралски, осум години по ред се реализира овој успешен проект. Преку фестивалот се постигнува дружење и вклучување на лицата со инвалидност во процесот на креирање на културни вредности преку развој на нивните таленти и уметнички креативни заложби за надминување на постојните за нив ограничувања во оваа област. Фондацијата се стреми преку фестивалот да јапромени јавната перцепција и ставовите за луѓето со инвалидност како рамноправни бугарски државјани преку овој музички фестивал и нивното поставување во центарот на вниманието на јавноста.
И навистина, во двете музички вечери, првата фолклорна и втората забавна, повеќе стотици случајни минувачи на плоштадот во Поморје уживаа во изведбите на музичарите со инвалидност кои својот талент несебично го делеа со останатите на отворена сцена. Моќните гласови, музичката прецизност и ритмика на интерпретаторите во двете веќери несебчно беа наградувани со бројни аплаузи и спонтаното пеење на познатите рефрени од публиката. Сето тоа пак претставуваше силен поттик за учесниците на манифестацијата. Морам да истакнам дека благодарение на „Тајфата на НИКИ“ како што организаторите ги нарекуваат нашите членови – музичари: тапанарот Николчо Делов, клавијатуристот Сотир Јоновски и кларинетистот Севдет Фејсулов, оваа година сите нумери на фолклорната вечер се свиреа во живо, што беше ново искуство за организаторот и голем предизвик. Меѓутоа сите сомнежи паднаа во вода веќе со првиот инструментален настап на групата. Зајакнати со познатиот музичар, композитор и аранжер од Бугарија, Александар Михајлов, звучеа беспрекорно, а потоа се редеа интерпретаторите кои беа придружувани без буквално ниту една грешка. Браво за нашите членови, браво за организаторот и предизвик ваква слична манифестација Мобилност Македонија да организира веќе следната година, за време на одржувањето на јублејните дваесетти музички средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија.
Забавната вечер беше приказна за себе. Познати музучки нумери испеани од врвни светски музичари беа беспрекорно интерпретирани од страна на бугарските музичари - лица со инвалидност. Дел од нив се и самите успешни музичари, а сите заедно имаат богато пејачко искуство низ разни ресторани и дискотеки во Бугарија и пошироко. Во неизбришлива меморија ќе останат вокалните интерпретации на Иван Караиванов наречен бугарскиот Том Џонс, на Румен Михајлов кој повеќе години настапувал по дискотеките во Лас Вегас, на композиторот и музичар Орхан Мурад широко познат по клубовите во Бугарија, Турција и Грција, нан Роберт Абрашев, Кристијан Григоров, Петја Алексиева и уште многу кои навистина оставија силен печат и дадоа полн придонес за успешноста на фестивалот.
Се стекнавме со големо искуство, кое во оваа прилика сакаме да го поделиме со вас, драги читатели. Си зададовме и домашна задача сето тоа да се обидеме да го реализираме во Македонија. Да излеземе од затворениот простор на хотелот „Цар Самуил“ на отворена сцена и на македонската јавност да и покажеме какви музички таленти имаме меѓу нашето членство.
Обезбедувајќи можност за докажување на интерпретаторските и уметничките можности на лицата со телесна инвалидност во областа на фолклорот и популарната музика, ќе се обидеме да ги исполниме приоритетите и целите на Мобилност Македонија за интеграција на лицата со инвалидност во општеството, развој на нивните креативни способности и нивното учество во културни манифестации, најнапред меѓу нив самите, а подоцна можеби и на некој фестивал рамноправно со останатите актери од македонската естрада.