Намалување на цената на геодетските елаборати за легализација на бесправно изградени објекти за 50% за корисниците на постојана парична помош и самохрани родители на деца со инвалидност
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Славе Трпевски информираа за намалување на цената на геодетските елаборати за легализација на бесправо изградени објекти за корисници на постојана парична помош и самохрани родители на деца со инвалидност.
Со оваа мерка на Владата на Република Македонија, се предвидува намалување на цената на чинење на елаборатите за легализација на бесправно изградени објекти со етажен и габаритен премер за 50% и тоа, за објекти до 50м2 и за објекти од 51м2 до 150м2, односно да се намали цената на чинење на елаборатот за легализација на бесправно изградени објекти и делови на објекти до 50м2 од 2000 денари и на 1000 денари, и да се намали цената за легализација на бесправно изградени објекти и делови на објекти од 51м2-150м2 од 41 денар по м2 на 20 денари по м2 односно намалување од 50%.
За искористување на ова право примателите на постојана парична помош и на самохраните родители на деца со инвалидност, треба да ги подигнат потврдите од центрите за социјална работа и да ги достават до Геодетските фирми.
Зголемување на финансиската подршка на самохраните родители коишто имаат деца со инвалидност
Министерството за труд и социјална политика информираше за новата мерка за зголемување на финансиската подршка на самохраните родители коишто имаат деца со инвалидност. Оваа мерка е насочена кон унапредување на заштитата на децата со инвалидност и има за цел да им помогне на самохраните родители кои имаат деца со инвалидност.
Оваа мерка всушност е зголемување на износот на правото на посебен додаток за една половина односно во висина од 50%. Посебниот додаток за самохрани родители на деца со инвалидност досега изнесуваше 4.280 денари, а со оваа мерка се предвидува зголемување на правото на посебен додаток при што истиот ќе се исплаќа во износ од 6.420 денари. Се предвидува зголемувањето на правото на посебен додаток за самохрани родители на деца со инвалидност, за 50% да започне да се реализира од 1 јануари 2014 година.
Имплементација на професионалната рехабилитација и вклучување на лицата со инвалидитет на пазарот на труд
Унапредувањето на севкупните состојби поврзани со економската интеграција на лицата со инвалидност, беа тема на дводневниот семинар со наслов „Процесот на професионална рехабилитација и вклучување на лицата со инвалидност на пазарот на трудот“ кој го организира Министерството за труд и социјална политика и австриското федерално Министерство за труд, а на кој зема учество и Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија со свои претставници.
Вработувањето на лицата со инвалидност е клучен елемент за социјална инклузија и економска самостојност на сите граѓани кои се наоѓаат на возраст во која може да бидат работно ангажирани. Стапката на вработеност и активност на оваа категорија граѓани кај нас е се уште на ниско ниво, што подразбира дека политиките за подобрување на стапката на активност кај овие лица треба да биде разнообразна во согласност со нивните потенцијали за вработување и сеопфатна, што подразбира отстранување на сите видови на бариери за нивно потполно учество во севкупната работна сила.
Семинарот го отвори заменик-министерот на Министерството за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, кој во своето обраќање истакна: „Претпријатијата како дел од отворениот пазар на труд или заштитните друштва во нашата држава, во голема мерка придонесуваат за вработување на лицата со инвалидност, комбинирајќи ги антидикриминационите мерки и мерки на позитивна акција, за истите да обезбедат еднакви можности. Но, од друга страна пак, на нас како Министерство за труд и социјална политика ни останува обврската на овие лица да им обезбедиме пристап кон објективна и индивидуална проценка, којашто во себе ќе вклучи идентификација на нивните можности коишто се однесуваат на потенцијалните занимања и професии, да даде акцент од проценка на неспособност на проценка на способност и истите да ги поврзе со специфичните барања за одредено вработување, да обезбеди основа за посебна програма наменета за овие лица за нивна професионална рехабилиотација и да им помогне да пронајдат соодветно работно место или повторно да се вработат.“