Меѓународна средба на организации кои ги здружуваат
параплегичарите и тетраплегичарите во Пацуг, Словенија
Сојузот на параплегичари на Словенија од 27.09-02.10.2013 година во Домот на параплегичари во Пацуг, Словенија организираше меѓународна средба помеѓу организациите кои на национално ниво ги здружуваат параплегичарите и тетраплегичарите во Југоисточна Европа, со цел зајакнување на меѓусебната соработка и подобрување на правата и положбата на параплегичарите и тетраплегичарите во овој дел од Европа.
На средбата учествуваа по двајца претставници од националните орханизации кои ги здружуваат параплегичарите и тетраплегичарите од: Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Косово и Албанија. Средбата имаше работен карактер и сите учеснички имаа можност да ја претстават моменталната положба во областа на правата и положбата на параплегичарите и тетраплегичарите, што е сторено, кои барања се во постапка и кои се долгорочните цели и активности на ова поле.
Република Македонија на ова средба ја претставуваа претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски и членот на сојузот од редот на параплегија, Новча Тодоровски. Во тридневната работна атмосфера беа разменети искуства, методи на делување, како и мерките кои се преземаат за подобрување на положбата од областа на здравството, социјалната политика, образованието и вработувањето на оваа категорија на граѓани. Особен акцент беше ставен на пристапноста за што беше организиран посебен состанок во Градската куќа во Љубљана каде ни беше презентиран проектот „Љубљана без бариери“ како наградата која градскиот Совет ја има добиено во конкуренција на повеќе европски градови.
Во своето излагање, Бранимир Јовановски истакна дека пристапноста е една од поважните теми на која Мобилност Македонија обрнува големо внимание бидејќи оневозможување на некого самостојно и слободно да се движи и комуницира, значи истиот да се исклучи од сите општествени токови. Ако земеме во обзир дека казните за најтешките кривични дела се состојат токму во ограничувањето на слободата на движењето, комуникацијата и размена на информации, во психолошки и материјален поглед за лицата со потежок телесен инвалидитет тоа би значело дека истите без никаква вина се осудени на најтешки казни. Иако на оваа тема се одржани бројни меѓународни конференции и истражувања, мораме да признаеме дека во повеќето градови во Македонија пристапноста се уште преставува основен лимитирачки фактор за потполна инклузија на лицата со телесен инвалидитет во општеството. По негово лично убедување, институциите како на локалната самоуправа, така и на државно ниво, воопшто не треба да го поставуваат прашањето дали отстранувањето на архитектонските бариери и овозможувањето на пристапноста има економска оправданост или не. Светската здравствена организација смета дека 15% од населението има некаква инвалидност. Секако дека сите лица со инвалидност немаат тешкотии во движењето и проблем со архитектонските бариери, но убедени сме дека значителен дел има. Најзагрозена група се секако лицата кои без инвалидска количка не можат да се движат. Заради непристапната околина, овие луѓе се приморани да живеат анонимно, изолирано, како граѓани од втор ред надвор од сите општествени токови.Проблемот кој лежи во основата на сите други нивни проблеми е движењето, поточно кажано неможноста за движење и тоа не со своите сопствени нозе, бидејќи со тоа веќе се помириле, туку со инвалидска количка со што не би требало, ниту пак смеат да се помират ниту тие, ниту општеството во кое живеат. И тука воопшто не е важна бројката колку не има. На крајот на краиштата и да се работи само за една личност, се поставува прашањето дали некој има право да го осуди на социјална изолираност и физичка и духовна болка. Секако дена одговорот е негативен, а со самото тоа одговорните лица на државно и локално ниво конечно мора да ги преземат сите мерки оваа состојба да се елиминира. На тоа ги обврзуваат постоечките закони, правилници и пред се и над се Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност која сега веќе сите земји од нашето опкружување, вклучително и Република Макдонија ја имаат ратификувано. Правилото број 5 од Стандардните правила на ООН за изедначување на можностите донесени 1993 година и членот 9 на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност, детално ги опишуваат мерките со кои треба да се идентификуваат и отстранат пречките и бариерите кои ја лимитираат пристапноста особено во: згради, патишта, превоз и други внатрешни и надворешни објекти вклучително училишта, стамбени објекти, медицински објекти и работни места, информации, комуникации и другиуслуги, вклучително електронски услуги, служби и сервиси за случај на вонредни состојби и слично.
Пошироко гледано, не само лицата со телесен инвалидитет кои потешко се движат се соочуваат со бариерите во опкружувањето, со нив се соочуваат и други категории на граѓани на кои исто така ретко се помислува, како што се: трудници, родители со мали деца, мали деца, возрасни и болни лица.
За време на меѓународната средба, учесниците беа примени од градоначалникот на општина Пиран, г-дин Петер Босман, од претседателот на Националниот совет на инвалидски организации на Словенија, г-дин Борис Шуштарчиќ, од директорот на ФИХО (фондација за финансирање на инвалидски и хуманитарни организации, г-дин Штефан Кушар.
Под покровителство на претседателот на Република Словенија, г-дин Борут Пахор и министерот за надворешни работи на Република Словенија, г-дин Карл Ерјавец, заинтересираните страни за време на конференцијата потпишаа Меморандум за меѓународна соработка помеѓу инвалидските организации. Во името на Мобилност Македонија, меморандумот го потпиша претседателот Бранимир Јовановски.
Со меморандумот нашата организација се декларира како хуманитарна, доброволна, општествено одговорна и стручна организација која ги претставува, чува и спроведува правата и интересите на параплегичарите и тетраплагичарите од Македонија на локално, национално и меѓународно ниво, препознавајќи:
-дека можеме да бидеме уште поуспешни при обезбедувањето најквалитетни услуги на нашите членови;
-дека за сеопфатен развој на областа потребни се продлабочена анализа и поефикасно препознавање на тешкотиитеи на предизвиците со кои се соочуваатинвалидските организации во пооделни држави;
-дека за подобар степен на вклученост на параплегичаритеи на тетраплегичарите во општеството се потребни висок степен на разбирање и чувствителност на околината кон предизвиците со кои се соочуваат параплегичарите, тетраплегичарите и нивните семејства;
-дека за подобра системска интеграција на областа е потребно да се имплементираат квалитетни решенија на нормативно ниво;
-дека за подобри услови за остварување на правата на параплегичарите и тетраплегичарите е потребен поголем слух од меѓународните институции и од главните носители на одлуки во одделните држави на Југоисточна Европа.
Ние, организациите потписнички ќе вложиме напори;
1.Меѓусебно да разменувамеподтоци и анализи од националните прописи што се однесуваат на параплегичарите и тетраплегичарите, како и погледите и нормативнитенасоки во одделни држави;
2.Меѓусебно ќе споделуваме искустваод добрата практика при изведување на одделни програми на инвалидските организации;
3.Ќе развиваме меѓусебна соработка на полето на здравствената и социјална заштита при заштитата на параплегичарите и тетраплегичарите;
4.Ќе воспоставиме мрежа за размена во кустурната и спортската сфера;
5.Ќе овозможиме заемна употреба на капацитетите во сопственост или управување на организациите потписнички, во намера за одмор, образование и рехабилитација на корисниците на нашите услуги.
На крајот се вели дека со намера за извршување на наведените начела, ќе го координираме заедничкото работење на националните организации кои ги здружуваат параплегичарите и тетраплегичарите од заинтересираните држави.
Помеѓу состаноците и презентациите, беше организирана и демонстрација на рачни команди за возила со автоматски менувач на брзини, како и демонстрација на нуркачките вештини на параплегичарите на Словенија.
Земјите учеснички се договорија по можност секоја година, или барем на две години, да се организираат вакви средби на кои ќе се раменат искуствата и методологиите во остварувањето на правата и подобрувањето на положбата на параплегичарите и тетраплегичарите и ќе се зајакне настапот на националната инвалидска организација пред институциите во матичните држави.