МОБИЛНОСТ Битола на првата Балканска колонија на ракотворци во Битола
Во рамките на Бит Фест оваа година од 3-ти до 7-ми август се одржа првата Балканска Колонија на Ракотворци во организација на Астерион Галери. Повеќе членови од МОБИЛНОСТ Битола учествуваа со свои творби, како и на организираните работилници. Највпечатливо беше учеството на ракотворецот Мирко Костовски и гостинката од Струмица, Роза Мојсовска. Со истите е реализиран и ТВ профил кој се емитуваше на националните телевизии на 05.08.2013 во попладневните часови. МОБИЛНОСТ Битола пред ТВ камерите потпиша меморандум за соработка со Астерион Галери. Притоа претседателот на Астерион Галери, дипл. граф. инж. Ромео Ацевски, кој воедно е и професионален фотограф и ракотворец и претседателот на МОБИЛНОСТ Битола, прим. д-р Нико Јанков дадоа пригодни изјави за идната соработка.
После тоа претседателот, Митко Фидановски и Фанче Георгиевска од МОБИЛНОСТ Битола остварија кратка средба со Ромео Ацевски и Дивна Грдановска – Караџовска од Астерион Галери. Начелно се договоривме за оперативна соработка со размена на информации и помош. Во самиот текст на меморандумот стои дека Астерион Галери со сите свои технички и персонални ресурси ќе стои на располагање за откривање, поттикнување и презентирање на нашите членови, не само оние од Битола, но и од МОБИЛНОСТ Македонија. Со помош на нивните кадровски и материјални ресурси и нашата добра желба за соработка, како и други капацитети, се надеваме дека ќе имаме успех особено во меѓународното етаблирање на нашите членови, но и нашата организација.
Средба и донација на Мобилност Битола, Мобилност Радовиш и Мобилност Штип
На 17-ти август 2013 година беше остварена средба на раководствата од Мобилност Битола, Радовиш и Штип, на која се разгледуваа можностите за идна заедничка активност, подготвеност за заеднички настап и заеднички проекти со други организации. Се заклучи дека досегашната соработка е на највисоко ниво идека е за пример. Размената на мислења и информации, како и присуството на сите активисти перманентно се одржува повеќе години. Благодарение на тоа, во последните години имавме неколку заеднички потфати кои заслужуваат внимание. Раководниот кадар на Мобилност Кочани, кој е наш вообичаен партнер, не можеше да присуствува на оваа средба поради други обврски.
Мобилност Битола информира дека има апликации на два-три проекти за кои нема одговор. Присуствувањето на семинари за обука е многу важно и праксата од Битола се прифати како многу релевантна во ова време. Инаку, поздравувајќи го успехот на Мобилност Радовиш за остварувањето на големата донација во инвалидски колички и разни помагала, уште еднаш се заблагодарува за отстапениот дел од истата на Мобилност Битола. Искуствата околу патот до реализација се интересни и впечатливи и истото можат да го остварат повеќе здруженија. Со надеж за брзо видување, се поздравивме со нашите пријатели од Радовиш и Штип.
Мобилност Битола на излет во Смилево
На 25-ти август 2013 година, триесетина членови на Мобилност Битола заминаа на еднодневен излет во Смилево. Овој настан кој беше дел од програмата на активности, започна со историски час поделен во две етапи. Предавањето го одржа познатиот историчар и учебникар м-р проф. Јован Кочанковски, кој со својата долгогодишна педагошка пракса и знаење особено од овој крај (бидејќи е роден Смилевец), долови дел од историјата на Смилево од XV век до Илинден и пост-илинденскиот период до создавањето на македонската држава.
Првиот дел беше одржан пред споменикот на Даме Груев, а вториот во музејот на Смилево. Гледајќи ја поставката, го доловивме Смилевскиот Конгрес и низата настани врзани за востанието. Во другите делови од музејот го видовме и продолжувањето на револуционерната борба на македонскиот народ со новите дејци кои ги носеа имињата на Даме, Гоце, Пере, Ѓорче, Питу, Карев и други, како и славните единици на новите борци кои го овозможија раѓањето на македонската држава. Се запишавме и во книгата на импресии. Потоа следуваше заеднички ручек проследен со музика, па така го завршивме овој импресивен настан кој ќе ни остане во сеќавање. Благодарност до професорот Јован Кочанковски, кој со својата беседа нè пренесе во времето на двата Илиндена. Си отидовме дома со уште едно прекрасно искуство.
Мобилност Битола на музичкиот фестивал на лицата со телесна инвалидност во Поморје, Р. Бугарија
Во периодот од 20-27.08.2013 година, нашиот член Сотир Јоновски активно учествуваше на осмото издание на гореспоменатиот фестивал во организација на фондацијата „Сила за живот“. Јоновски, кој веќе петти пат е присутен на оваа традиционална манифестација, беше заедно со Николчо Делов кој учествува осум години (од самиот почеток) и Севдет од Кавадарци и Зорица Гоцевска од Скопје, кои се присутни на оваа сцена 3-5 години. Домаќините на оваа манифестација на сите учесници им обезбедуваат комплетно сместување, а ним им остануваат само патните трошоци (патот до таму е 1000 км). Но, и покрај големата оддалеченост и долгото патување, Сотир и неговите пријатели со задоволство учествуваа на овој фестивал, на кој секоја година постигнуваат импресивни резултати и нивното искуство е драгоцено.
Токму овој фестивал ни даде идеи за нови начини на организирање на претстојните музички средби кај нас. Новитетите најчесто потешко го наоѓаат својот пат, но како што нагласува Сотир, и во ревијалноста мора да преовладува квалитетот, истакнувајќи дека овој пат и времето им било наклонето, а според него пресуден бил и поголемиот број денови за одморениот музичар да има поквалитетен настап. Настапите беа оценувани од врвни професионалци и немаше место за лутење, а „Тајфата на Ники“ достојно ја претстави нашата република.
Сè на сè, еден пријатен и впечатлив настан, одлично искуство стекнувајќи нови пријателства и збогатувајќи ја способноста за музицирање, а ако покана стигне и следната година, Сотир со задоволство би учествувал на уште една одлично организирана манифестација.
МОБИЛНОСТ Битола на „Преспански Јаболкобер 2013“
Во изминатите години веќе стана традиција да се организира манифестацијата „Преспански Јаболкобер“ во Ресен, а со секоја следна година посетеноста станува сè помасовна. МОБИЛНОСТ Битола преку своите членови од Ресен активно учествуваше на оваа манифестација, а се искористи и можноста за претставување на здружението и сојузот со летоци, постери и списанието „Мобилност“, кои можеа да се најдат на штандот на нашата членка и ракотворец на бакрорези, Гордана Тирицова – Стојановска и нејзиниот сопруг Михајло Стојановски.
Многубројните здруженија и асоцијации имаа можност да се претстават на оваа тридневна манифестацијата која е под покровителство на градоначалникот на Ресен, м-р Ѓоко Стрезоски и која беше отворена на 27-ми септември во присуство на претставници од дипломатскиот кор, а беа одржани и повеќе стручни излагања за јаболкото. Целодневните настани траат до доцните вечерни часови, придружени со музички нумери од познати состави, вокални интерпретатори и разни играорни групи.
Во текот на нашата посета на многубројните штандови, вклучувајќи го и нашиот, остваривме контакти со претставници од други здруженија и асоцијации. Интересно е тоа што на овој начин се претставуваат и здружнија и поединци од училишта (основци, средношколци), домаќинки, организација на жени, хуманитарни здруженија и други, а беше понудена и разновидна храна и специјалитети од преспанскиот крај.
Сè на сè, една убава традиција која од ден на ден се збогатува, дополнува и проширува со нови и квалитетни содржини. Делегацијата на МОБИЛНОСТ Битола оствари и средба со градоначалникот Стрезоски, кој изрази задоволство и подготвеност за идна соработка. Така оваа традиционална манифестација, која е во чест на почетокот на берењето на јаболката, ги исполнува сите очекувања, па се надеваме дека и во иднина ќе бидеме дел од неа.
МОБИЛНОСТ Битола на Работилницата на USAID во Битола
Со одлука на Советот на Општина Битола за основање на Локален Економски Социјален Совет (ЛЕСС) на општината. Истиот се конституираше на 19.09.2013 година, а за член е избран прим. д-р Нико Јанков, претседател на МОБИЛНОСТ Битола, како најактивен субјект за подигање на капацитетите на лицата со инвалидност. Деновиве, односно на 15-ти и 16-ти октомври во организација на USAID – мрежа YESS и општина Битола беше организирана оваа работилница за членовите на ЛЕСС, чија цел е насоки за изготвување стратешки план на ЛЕСС. На оваа работилница присуствуваше заменикот на д-р Јанков, Фанче Ѓорѓиевска.
Основата на заклучоците на оваа работилница се целите: отворање нови работни места, едукација на кадри, перспектива на бизнис структури со кои Битола ќе добие перспектива на развојна, образновна, економски зајакната средина, туристички рурална и со акцент на културно-историски знаменитости, економски подем со млади човечки ресурси и помош од институциите на системот на локално ниво. Со тоа ЛЕСС ќе стане препознатлив лидер на регионално ниво за подобрување на квалитетот на живот.
На оваа работлница нашиот член Фанче Ѓорѓиевска, покрај високиот степен на активност и познавање на проблематиката, оствари бројни контакти со грантистот нa USAID, Вирна Манасиева-Герасимова и претставникот на CEPROSARD, Габриела Мицова, а размени мислења и со останатите членови на ЛЕСС и други личности. На овој начин уште повеќе се подига капацитетот и квалитетот на човечките ресурси на МОБИЛНОСТ Битола, кои како едукатори ќе ги водат другите во нови предизвици.
Втора средба и набавка на ортопедски помагала од МОБИЛНОСТ Радовиш
На 16-ти октомври 2013 година се оствари претходно договорената средба со МОБИЛНОСТ Радовиш. Делегацијата на МОБИЛНОСТ Битола составена од Нико, Митко, Соте и Димче, повторно разговараше за зајакнување на соработката и беа разменети идеи со насоки за активности. Васе, Мимоза и докторот беа поканети на возвратна посета во Битола. Истовремено беше направен избор на инвалидски колички и одалки од големата донација на МОБИЛНОСТ Радовиш. Останува уште еднаш да им изразиме благодарност што отстапија дел од донацијата и уште повеќе да ја продлабочиме нашата соработка.