НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

01На 5-ти октомври 2013 година во просториите на ресторанот „Бе-Ни Фонтана“ во с. Бистрица во близина на Битола се одржа тематска работилница. Провокативна и актуелна тема со мултидисциплинарен пристап за мултиплата склероза. За оваа цел се осмисли план кој покрај генералното гледиште, сеопфатно би ги третирал медицинските, физијатриските, балнео, социо-етичките и психолошките гледишта, односно пристапот на државата и локалната заедница преку институциите на системот. Со една цел, сите заинтересирани во остварувањето за подобра положба на лицата со инвалидност, подигање на капацитетот на нивните сознанија и преку комуникација донесување на адекватни заклучоци со кои би се направил мал, но значаен чекор во решавањето на оваа проблематика.

Според агендата на организаторот, беа поканети повеќе субјекти за кои се сметаше дека ќе дадат придонес кон решавањето на натрупаните проблеми. Воведот беше резервиран за претседателот на Мобилност Битола, прим. д-р Нико Јанков, кој ги изнесе основните сознанија за бројот и движењето на заболените од мултипла склероза во последните години. Значајно е тоа што во последните две години нагло порасна процентот на новооткриени и регистрирани случаи. Со бројки и графикони, сето тоа беше доловено за подоцнежните излагања.

Пред самите излагања имаше поздравни говори и вовед на претседателот на Мобилност Македонија и НКТ, г-н Бранимир Јовановски, кој се осврна на фактот дека ваквите средби се многу продуктивни за подигање на капацитетите и сознанијата на лицата со инвалидност. Исто така, тој напомена дека Мобилност Македонија ќе ги поддржува сите иницијативи од ваков вид на здруженијата. Претставникот на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), м-р Слободанка Здравковска исто така ја поздрави иницијативата и искажа позитивен пристап на МТСП, кој со своите потенцијали ја поддржува оваа иницијатива, а и понатаму ќе ги поддржува сите други иницијативи со своите материјални и човечки ресурси.

Претставник од Министерството за здравство не беше присутен. Претседателот на Македонското Научно Друштво (МНД, Битола), проф. д-р Игор Неделковски ја искажа поддршката и перманентниот интерес за оваа проблематика, која е во доменот на одделението за применети науки и медицина, како и тоа дека и понатаму ќе се ангажира со своите човечки ресурси. Тој исто така искажа подготвеност за соработка на сите нивоа на одделенијата на МНД со здруженијата и Сојузот. Во отсуство на градоначалникот и претседателот на Советот на Општина Битола кои не можеа да бидат со нас, поздравен говор и поддршка искажа членот на Советот, а воедно и излагач на средбата, д-р Соња Трпезановска. Таа ги повтори насоките на локалната самоуправа за поддршка во континуитет. Покрај материјалната поддршка, локалната самоуправа на сите начини ќе ги помага активностите на Мобилност Битола.

Во стручниот дел, прв излагач беше д-р Ана Донева, невролог од општата градска болница „8-ми Септември“ од Скопје и хуманитарен активист. Во добро осмисленото и богато илустрирано излагање, д-р Донева ја опиша мултиплата склероза, причини за настанување, развој, лекување, прогноза и адаптирање на живот со болеста. Ги опиша следењето и сите предизвици кои ќе доаѓаат во иднина. После првото излагање, во согласност со предавачите, прашањата и дискусиите беа оставени за крај.

Втор излагач беше д-р Соња Трпезановска, физијатар од Клиничката болница во Битола, која на илустративен начин ги претстави физијатриските аспекти со посебен осврт кон кинезитерапијата. Д-р Соња ги долови сите аспекти од својата област. Потоа излагање имаше проф. д-р Веселин Талевски од Високата Медицинска Школа при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Тој на практичен начин ги изнесе социо-етичките аспекти на заболувањето и проблемите со кои поединецот се соочува со средината која го опкружува, односот на средината со осврт како тоа било порано, како е сега и кои се предизвиците за иднината.

Следен излагач беше доц. д-р Сашо Кочанковски од факултетот за психологија при меѓународниот Славјански Универзитет и раководител во службата за ментално здравје при Клиничката болница во Битола. Тој на еден сликовит и пристапен начин го долови психилошкиотамбиент на лицата со мултипла склероза, нивниот пат од откривањето, лекувањето и адаптирањето на начинот на живот со заболувањето, како и начините за справување во сите фази на болеста. Тој како познат излагач, кој повеќе од 15 години е присутен на сите наши средби, знаеше и умееше да ја контролира комуникацијата со присутните слушатели.

После паузата за кафе, во вториот блок имаше солидно и добро осмислено излагање на раководителот на сектор во МТСП, м-р Слободанка Здравковска. Осврнувајќи се на сите допирни аспекти кои се во доменот на МТСП, таа искажа подготвеност за подрршка на низа предлози, кои со добра аргументација и формулирани заклучоци од оваа средба би станале дел од агендата на МТСП. Инаку, таа ја афирмира подготвеноста на МТСП за сеопфатен пристап кон проблемите на лицата со инвалидност и разбирање на министерот Диме Спасов за редовна и вонредна комуникација за сите проблеми кои тековно ќе произлезат.

Следното излагање го имаше доајенот на балнео терапијата за лицата со мултипла склероза, прим. д-р Даница Фичорска, која инаку е автор на книгата „Животот со мултипна склероза“. Во своето излагање д-р Фичорска ги опфати сите аспекти, со посебен осврт на балнео терапијата и вежбите за лицата со мултипла склероза, а беше искористена и можноста за повторна промоција на нејзината книга. Со завршување на излагањата се пристапи кон прашања и дискусија. Во богата дискусија во која зедоа учество повеќе слушатели и излагачи, со мали измени и дополненија беа прифатени предлог заклучоците во работната верзија на работилницата. Ова и тоа како е важно за подоцнежните контакти на локално и државно ниво. Истовремено сакаме да ги поздравиме нашите стари и нови помагатели; покрај Мобилност Македонија и Општина Битола, нашата активност беше поддржана од „АД Славеј“ од Скопје, „Медикус Хелп“ од Скопје, а сега и од „Плива“ од Скопје. Им изразуваме благодарност со надеж за понатамошна соработка.

Заклучоците кои би биле појдовна точка за следните активности се:

1.       Зголемени и помогнати активности при откривање и регистрирање на нови заболени од МС и нивно активирање во рамките на здруженијата;

2.       Лекувањето да биде проширено и тоа:

А) проширување на листата на лекови на товар на фондот,

Б) Физикална и балнео терапија на товар на фондот,

В) проширување на листата на ортопедски помагала на товар на фондот;

3.       Комуникација

А) Персонална комуникација,

Б) Локална и државна комуникација,

В) Меѓународна комуникација;

4.       Имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност;

5.       Развоен план во соработка со институциите на системот според стратегијата донесена на сојузите на лицата со инвалидност, НСИОМ и НКТ на Република Македонија;

6.       Перманентна помош и разбирање на институциите на системот на државно и локално ниво.

После дискусиите беше организиран ручек за сите гости со што оваа извонредно исполнета средба заврши.