Меѓународна конференција на тема “Човекови права на лицата со инвалидност на Балканот и во Турција” се одржа во Истанбул од 09-11.10.2013 година. Конференцијата беше организирана од Европската комисија, TAIEX, „People 2 People Programme” и Европскиот форум за инвалиди (ЕДФ), а посебен фокус на конференцијата беше ставен на искуствата од имплементацијата на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност во државите од Западен Балкан и Турција, но и искуствата од земјите членки на Европската Унија.
Во состав на десетчлената делегација на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија беа и тројца претставници на Мобилност Македонија: Бранимир Јовановски, Ефтимчо Атанасовски и Драгана Стоилковиќ.
Оваа конференција се фокусираше на практичната имплементација и начините на следење на Конвенцијата од страна на организациите на лицата со инвалидност во регионот. На оваа конференцијата се обрна посебно внимание на правата на најранливите, како што се жените со инвалидност, деца, млади и лица кои имаат потреба од високо ниво на поддршка. Главната цел на овој настан беше да се подобри имплементацијата на Конвенцијата преку зајакнување на капацитетите на организациите што ги претставуваат лицата со инвалидност во однос на нивната улога во мониторингот на Конвенцијата на ООН како што е предвидено со членот 4 став 3. Настанот овозможи размена на најдобрите практики од различни земји во регионот и земјите од Европската Унија.
Трите работни дена беа исполнети со многу теми и излагачи. Првиот работен ден за значењето на Конвенцијата и предизвиците на Западниот Балкан и Турција говореа: претседателот на ЕДФ, Јанис Вардакастанис, членот на Комисијата за следење на Конвенцијата при ООН, Дамјан Татиќ и претставникот на Советот на инвалидските организации на Данска, Стиг Лангвад. За другите инструменти на човекови прва во однос на лицата со инвалидност на Западен Балкан и Турција, UPR, CEDAW и CSCER зборуваа: Елен Волкер од Меѓународната алијанса за лица со инвалидност и Ана Пелаез, членот на Комитетот на ОН за CRPD (Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност). За Европската унија, процесот на проширување и IPA II – Анализи и перспективи на Конвенцијата говореа: Софи Бемон од делегацијата на ЕУ на Косово, Суад Захировиќ од организацијата Лотус од Босна и Херцеговина и Верена Кнаус од UNICEF Брисел.
Се редеа темите и излагачите и вториот и третиот работен ден. Која од која поинтересна и позначајна за движењето. Останува впечатокот дека Националниот совет на инвалидските организации на Македонија заедно со своите седум здружени членки, национални инвалидски органзации, ќе мора во иднина да презема поактивни мерки како по вертикала, во соработката со ЕДФ и другите меѓународни организации, така и по хоризонтала, меѓусебно и со институциите на државата, со една единствена цел: подобра, поуспешна и побрза имплементација на мерките пропишани во Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност во подобрувањето на правата и положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија.