Oбука за користење и поправка на инвалидски колички
Минатата година Мобилност Македонија преку Црвениот крст на град Скопје, оствари соработка со американската хуманитарна организација „Црквата на Исус Христос на светците од подоцнежните дни“, кога договори донација во ортопедски помагала. Оваа организација на барање на Мобилност Македонија обезбеди: 145 собни и теренски инвалидски колички, 58 бастуни, 58 подлактни штаки, 35 подпазувни патерици, 11 одалки, 98 антидекубитални перничиња со гел, 21 антидекубитални перничиња со пена, 50 резервни гуми за инвалидски колилки и 50 резервни гуми за патерици .
Донаторите инсистираа во месец октомври да се одржат обуки за правилно користење на инвалидските колички и обуки за одржување и поправка на инвалидските колички. Обуките се одржаа во Центарите за обуки на Црвениот крст на Македонија во Струга и на Водно, а донаторот обезбеди инструктори кои ги одржаа предавањата.
Првата тридневна обука за користење на колички се реализираше во Струга од 21 до 23 октомври. На оваа обука учествуваа 13 претставници од здруженијата на Мобилност Македонија од Прилеп, Струга, Охрид, Дебар, Штип, Кочани и Кичево.
Втората тридневна обука за користење на инвалидски колички се одржа во Центарот за обуки „Даре Бомбол“ на Водно од 24 до 26 октомври. На оваа обука учествуваа 11 претставници од Мобилност Скопје.
Третата еднодневна обука за поправка на инвалидски колички беше организирана исто така на Водно и на неа учествуваа претставници од Мобилност Велес, Мобилност Куманово и Мобилност Тетово.
Сите учесници по завршување на обуките добија диплома односно сертификат за успешно завршена обука како проценители. За нив претстои спроведување на процена на 145 лица кои пријавиле потреба од инвалидска количка . Проценката се прави со поплнување на формулар кој содржи податоци за проценувачот и тоа број на сертификат, име и презиме, адреса, број на телефон и сл. Прашалникот кој се однесува на лицето кое ќе ја користи инвалидската количка е пообемен и содржи детални податоци за лицето од областа на неговото здравје, податоци за неговиот дом, колку часови дневно ја користат количката, кое растојание дневно го поминуваат со количката и сл. .Формуларот содржи и проценка за рамнотежа, проценка за видот и големината на количката за вештини во движењето, техники за ослободување од притисок при седење и друго.
Инструкторите од американската хуманитарна организација беа задоволни од посетителите на обуките и практично презентирање на наученото во проценката при распределба на одреден број на инвалидски колички на нашите членови.