НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

slika4Во конгресната сала на хотелот Холидеј во Загреб, Хрватска, на 11 и 12.11.2013 година се одржа XVIII Хрватски симпозиум на лица со инвалидност со меѓународно присуство (Македонија, Словенија, Финска, БиХ и Република Српска), а под покровителство на Претседателот на Република Хрватска, г-дин Иво Јосиповиќ, Mинистерството за труд и социјална политика на Хрватска и градоначалникот на Градот Загреб, г-дин Милан Бандиќ.

На симпозиумот учествуваше и делегација од Националниот Совет на инвалидските организации на Македонија во состав: Бранимир Јовановски од Мобилност Македонија, Драган Дојчиноски од цивилните инвалиди од војната на РМ и Чедомир Трајковски и Владо Крстовски од Републички центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост - Порака.

Темата на овој симпозиум беше “ Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност, пет години подоцна - каде сме и кои ни се целите”. Во името на НСИОМ, во попладневната сесија првиот работен ден, Бранимир Јовановски имаше чест и обврска да ја изложи состојбата во РМ по ратификацијата на Конвенцијата, остварените права, но и проблемите со кои се соочуваат лицата со инвалидност во РМ, пред се во однос на пристапност, здравство, социјална политика, образование и вработување. Во своето излагање, Бранимир најнапред ја објасни структурата на НСИОМ, улогата и составот на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ, како и новоформираното Национално координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност за кое НСИОМ смета дека не го исполнува ставот 3 од членот 4 од Конвенцијата бидејќи само едно лице од НСИОМ е преставник во тоа тело. Ние сметаме дека треба да има барем по еден претставник од националните инвалидски организации на слепите, глувите, телесните и интелектуално попречените лица во истото.

Во натамошниот тек на излагањето беа потенцирани активностите кои НСИОМ кои ги има преземено за подобрување на правата и положбата на лицата со инвалидност во РМ. Донесениот Закон за инвалидски организации со кој се стави ред во прашањето која организација има право да ги претставува и застапува лицата со инвалидност пред институциите на државата и во меѓународните асоцијации, закон кој иако го регулира финансирањето, не ја подобри положбата со финансирањето бидејќи повеќе од 10 години наназад националните инвалидски организации и НСИОМ како кровна организација примаат ист номинален износ на средства кој во годините наназад големиот пораст на цени веќе го има добро девалвирано и истиот не е доволен за реализација на традиционалните програмски задачи, а камо ли за воведување на други програмски задачи или пак за инвестиции.

НСИОМ имаше активна улога во изработката на Националната стратегија за изедначување на можностите на лицата со инвалидност (ревидирана ) 2010-2018 и Оперативниот план за спроведување на Националната стратегија, а здружените членки самостојно или со заедничко делување успеаја да донесат повеќе Закони или измени и дополненија на Законите, како што се Законот за знаковен јазик, измени и дополненија на Законот за социјална заштита и воведувањето на правото на додаток за слепило и мобилност од јули месец 2012 година, воведување на додаток за глувост од 01.01.2014 година, потоа подобрување на Правилникот за индикации за остварување на правото на ортопедски и други помагала каде од 12.11.2013 година се применува правото на намалени рокови за набавка на протези за долни екстремитети за популацијата од 18-65 години од 36 на 24 месеци, како и други повластици, меѓутоа се уште чекаме да се промени одлуката за доплата на ортопедски помагала над референтната цена, како и правото за инвалидски колички на електромоторен погон да не се врзува за школување или работење. Потоа се уште се работи на правото за изедначување на надоместоците на биолошкото и згрижувачкото семејство кога се работи за лицата со интелектуална попреченост кои сега се 60 евра спрема 200 евра кои ги примаат згрижувачките семејства, што воопшто не е ниту разбирливо, ниту прифатливо за биолошките семејства. НСИОМ зема активна улога и во обезбедување на пристапноста на лицата со инвалидност и тоа не само во физичкото опкружување, платформи, лифтови, тактилни површини, адаптирани тоалети, звучна и светлосна сигнализација, туку и пристап до медиуми, интернет сајтовите на институциите на државата, адаптирани образовни програми со опфаќање на модерни занимања во училиштата за слепи и глуви лица и слично.

Радува податокот дека НСИОМ по повод одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со инвалидност „3 Декември“ ќе организира тркалезна маса на која ќе имаме можност пред претставниците на министерствата да проговориме за правата и положбата на лицата со инвалидност во РМ, како и што до сега е сторено во однос на имплементацијата на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност, две години по нејзината ратификација во Собранието на РМ на 05.12.2011 година.