Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност македонија, оваа година го објави XX-от по ред Конкурс за избор на најдобра литературна творба на членовите на Мобилност Македонија. На конкурс пристигнаа вкупно 17 поетски творби, од 10 автори од 4 здруженија на Мобилност Македонија сите пријавени под шифри, од кои една е сплет од пет хаику. Тоа се творбите: „Празна страна“ и „Тебе ти се давам“ на Соња Ѓоргиевска; „Шепот на душата“ и „Младост“ на Јасмина Стојановска; „Детска игра“ на Катерина Грозданова; „Сон“ на Борче Грозданов; „Вистински пријател“, „Сродни души“ и „Љубов“ на Севда Ѓурчиноска; и „Желба од сонот“ и „Сега“ на Славица Стојановска, сите од Скопје, „Сеќавања“ на Билјана Димова од Гевгелија; „Мајкини чеда“ на Кире Иваноски и „Охридскиот Омир“ на Ѓорги Здравески од Прилеп; и „Додека пред тебе молчам“, „Казнето утешение“ и хаику на Љубе Лазаревски од Струмица.
Пристигнатите литературни творби ги оцениваше и рангираше жири комисија во состав: ВеснаАцевска поетеса, Ѓорги Калајџиев писател, новинар и водител и Кире Огненовски писател и член на Мобилност Македонија.
Според поетесата Весна Ацевска, основна карактеристика на годинешниве творби понудени на конкурсот е дека „во повеќето од нив преовладува светлината, па дури и во шифрите, како и тоа дека тие претставуваат искрен изблик на силни емоции, кои најдобро се изразуваат преку поетските форми дури и тогаш кога на љубовта не ѝ е возвратено со еднакво чувство или кога таа е неостварлива. Поетите и поетесите најчесто се изразуваат преку своето лирско Јас, кое им овозможува без дистанца и непосредно да ги излеат своите интензивни чувства на остварената и почесто на неостварената љубов, виновна за нивната осаменост.
Љубовниот копнеж како тема се среќава во песните Празна страна, Детска игра, Сон, Тебе ти се давам, Желба од сонот, Сега, Додека пред тебе молчам, Љубов и во петтата песна од Хаику меѓу решетки, Љубовта спрема децата, во Мајкини чеда, крикот по остварување на невозможното во Сеќавање, тагата во некои љубовни песни и особено во Казнето утешение, каде што таа се излева со дождот.
Весна Ацевска при оценувањето на творбите пишува: „Како рефлексивни песни во кои се промислуваат животот, местото на единката во него и квалитетот на меѓучовечките односи се издвојуваат песните Шепот на душата, Младост, Детска игра, Вистински пријател, Сродна душа, како и Хаику меѓу решетки каде што се среќаваат и иронични алузии, а Охридскиот Омир се издвојува по тоа што претставува химна испеана во народен стил за големиот поет Григор Прличев. Во однос на формата се забележува дека слободниот бел стих е доминантен, овој пат нема стихови со строга метрика и со рими, се употребуваат метафори и метонимии, потоа ритмички повторувања и спротивставени ситуации на чиј контраст се изразува чувството. За првпат е употребена и формата хаику, која сè повеќе е присутна меѓу поетите во Македонија.“
По квалитет, членовите на жири комисијата пристигнатите литературни творби ги рангираше според следниот редослед:
1. „Казнето утешение“ - Љубе Лазаревски 44 бода
2. „Шепот на душата“ - Јасмина Стојановска 42
3. „Тебе ти се давам – Соња Ѓоргиевска 35
4. „Сега“ - Славица Стојановска 34
5. „Охридски Омир“ - Ѓорги Здравески 33
6. „Младост“ - Јасмина Стојановска 32
7. „Додека пред тебе молчам“ - Љубе Лазаревски 31
8. „Сон“ - Борче Грозданов 29
9. „Сеќавања“ - Билјана Димова 27
10. „„Желба од сонот“ - Славоца Стојановска 27
11. „Хаику меѓу решетки“ - Љубе Лазаревски 27
12. „Сродна душа“ - Севда Ѓурчиноска 21
13. „Љубов“ - Севда Ѓурчиноска 20
14. „Детска игра“ - Катерина Грозданова 17
15. „Вистински пријател“ - Севда Ѓурчиноска 17
16. „Празна страна“ - Соња Ѓоргиева 13
17. „Мајкини чеда“ - Кире Иваноски 10
Плакетите за првата, втората и третата рангирана литературна творба беа доделени во рамките на V та Ликовната изложба на слики од V-та Меѓународна ликовна колонија , што се одржа на 2 декември во Скопје во објектот Порта македонија, а по повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со инвалидност.