НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

0Одбележан „4 Декември“ - Ден на лицата со телесен инвалидитет на Македонија

            Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија на 4.12.2014 година во ресторанот Арена во Тетово со пригодна програма го одбележа „4 Декември“ Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Оваа година, кога одбележуваме 28 години успешна работа на Мобилност Македонија, домаќин на манифестацијата беше Мобилност Тетово кои вложија навистина голем напор да обезбедат максимални технички услови и одлична културно-забавна програма со што придонесоа за збогатување на содржината на манифестацијата.

            На одбележувањето учествуваа 155 членови на Мобилност Македонија од сите 17 здружени членки, како и гости меѓу кои: Светлана Карапетрова – пратеничка во Собранието на РМ од Тетово, Гзим Зејнели – претставник од општина Тетово, Сади Беџети – поранешен градоначелник на Тетово, Жарко Селковски – претседател на Националниот сојуз на слепи на РМ, Горан Чаловски – директор на Завод за ортотика и протетика Славеј од Скопје, претставници на Медикус Хелп, други здруженија и организации.

            Најнапред присутните членови и гости ги поздрави Велибор Јакимовски - претседател на Мобилност Тетово, потоа пратеникот Светлана Карапетрова, претставникот на општината Гзим Зејнели, а манифестацијата ја отвори претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски.

            На самиот почеток на манифестацијата на одбележување на денот на лицата со телесен инвалидитет, од страна на Ивона Нацевска – ученик на ДМУ „Тодор Скалоски – Тетоец“ беше интонирана химната на Република Македонија, а понатаму успешен настап, многу внимание и спонтани аплаузи добија членовите на КУД „Брвеница“ од Брвеница-Тетово кои настапија со сплетот „Водарки“ и песната „Ој невесте“, како и КУД „Ѓевадин Зеќири“ од Тетово.

            Во работниот дел на манифестацијата, претседателот на Мобилност Македонија најнапред им се заблагодари на пратеничката и на претставникот од локалната самоуправа на присуството, кое е од големо значење за нашиот сојуз бидејќи ќе можат изворно да се запознаат со барањата и потребите на лицата со телесен инвалидитет, а потоа пред присутните презентираше ретроспектива на преземените активности на Мобилност Македонија во 2014 година за подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во Македонија. Во својот говор особено се задржа на процесот на носењето на Законот за вработување на инвалиди кој до сега имаше две јавни дебати на кои ние ги презентиравме нашите забелешки, предлози и сугестии, и чие донесување се очекува во најскоро време, потоа на барањето за враќање на правото на набавка на моторни возила со рефундација на ДДВ, акцизи и царина, измените и дополненијата на Законот за градење и на Правилникот за начинот на обезбедување на непречен пристап, движење (хоризонтално и вертикално), престој и работа на лицата со инвалидност до и во градбите со јавна, деловна, стамбена и градби со стамбено-деловна намена.

            Во делот на дискусијата, за збор се јави Владимир Дојчиновски од Скопје, истакнувајќи ги негативните одредби од Законот за измени и дополнение на Законот за социјална заштита во однос на врзувањето на правото на надоместок за нега и помош од друго лице и на надоместокот за мобилност со приходите на корисникот. Тој, а и дел од другите членови на Мобилност Македонија директно се засегнати со овие измени кои се неповолни за нашите членови. Прашањето и го постави на пратеничката Светлана Карапетрова, која одговори дека ќе иницира јавна дебата со министерот Диме Спасов и заинтересираните членови и здруженија за на најдобар можен начин да се реши ова, можеби избрзано законско решение. Претседателот на Мобилност Македонија додаде дека нашиот сојуз ја оспори уставноста на овие одредби пред Уставниот суд на Македонија бидејќи ги става граѓаните во нерамноправна положба пред законот заради нивнта имотна состојба, што пак е спротивно на член 9 од Уставот на РМ, како и законитоста пред Народниот правобранител барајќи да покрене иницијатива за укинување на оспорените одредби од овој закон како спротивни на Уставот и дискриминаторски за дел од нашите членови и времено да ја стопира примената на оспорените одредби од законот, како би се избегнале штетни последици од истиот. Мобилност Македонија е во постојана комуникација со министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, од кого е најавено носење на потполно нов Закон за социјална заштита во текот на идната година, така да ќе имаме прилика да делуваме и да предложиме да се укине оваа негативна одредба во новиот текст на Законот за социјална заштита, или доколку се одложи неговото носење, да се покрене јавна дебата и да се донесе нов Закон за измени и дополненија на Законот за социјална заштита со кој ќе се укинат оспорените одредби од Законот, бидејќи со ваквото решение од законот кое е во сила, некои од лицата со инвалидност, заради својата имотна положба, не се во можност да ги користат овие додатоци кои служат за поддршка и компензација на трошоците кои ги предизвикува тежината на инвалидитетот.

            По завршувањето на работниот дел од манифестацијата организаторот приреди скромен ручек за учесниците при што нашите членови имаа дополнителна можност за непосредно дружење и размена на искуства.