Во последната деценија, словенечкиот главен град Љубљана е во постојано развивање и привлекување на се повеќе и повеќе посетители од целиот свет. На почетокот на декември 2014 година, Љубљана ја доби третата (бронзена) награда за „Пристапен град за 2015 година“, која е доделена од страна на Европската комисија. Ова признание ја сврстува Љубљана меѓу најуспешните европски градови во областа на пристапноста на јавниот простор за лицата со инвалидност.
Повеќе од 60 европски градови учествуваа на овогодинешниот натпревар за престижната награда, која се доделува од страна на Европската комисија. На доделувањето на наградите во Брисел, на почетокот на декември, шведскиот град Борас ја доби првата награда, финскиот град Хелсинки ја доби втората награда, додека на Љубљана и припадна третата (бронзена) награда.
Наградата „Пристапен град“ е иницијатива на Европската комисија, дизајнирана со цел да се обезбеди поттик за реализирање на основните цели на пристапност опишани во Европската стратегија за лицата со инвалидност за периодот 2010 - 2020 година. Нејзината цел е да ги потенцира и награди градовите кои систематски ги планираат и спроведат мерките за подобрување на пристапноста во урбаната средина за лицата со инвалидност во однос на јавните простори, станови, детски игралишта, јавниот транспорт и комуникациска технологија.
Љубљана е свесна колку е важна инфраструктурата за квалитетот на животот, бидејќи пристапноста е директно поврзана со образованието, културата, спортот, социјалната заштита и здравствената состојба. Обезбедување на пристапност за лицата со инвалидност е еден од приоритетите во тековните активности на градот Љубљана. Напорите да се обезбеди пристапност во центарот на градот беа препознаени на меѓународно ниво уште во 2012 година, кога Љубљана ја доби специјалната награда „Пристапен град“ за зголемување на пристапноста на инфраструктурата за лицата со инвалидност. Тогаш градот Љубљана набави градски автобуси опремени со уреди за аудио и видео комуникација за најава на излезни станици, автобуска станица, знаци на Браево писмо и мапа на центарот на градот осетлива на допир. Ова во голема мера го олесни користењето на градскиот сообраќај за сите граѓани на Љубљана, меѓутоа и на останатите посетители.
Фактот дека Љубљана беше меѓу прворангираните градови од Европа во конечниот избор на еден ваков важен натпревар не е изненадување. Тоа е резултат на напорна работа и добри практики, кои во голема мера придонесоа за градење на подобра, попријатна и подостапна Европа.