Целта на одбележувањето на Светскиот ден на детето е да се сврти вниманието на широката јавност на сите обврски кои општеството ги има кон децата, како и најважните проблеми со кои децата се соочуваат.
Мобилност Македонија се придружува кон одбележувањето на Светскиот ден на детето со апел до институциите на Република Северна Македонија да се реализираат сите наши заложби да изградиме еден подобар систем, систем без архитектонски, комуникациски, образовни и социјални бариери, систем во кој децата со инвалидност ќе уживаат еднакви можности со другите деца во секојдневието и при користење на разни услуги и потреби: здравствени, образовни, културни, спортски, забавни..., систем во кој сите деца ќе бидат социјално вклучени и третирани со еднаква љубов, внимание и еднакви можности.
На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето и на 20 ноември 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на детето.
Од 1990 година, како универзален ден на детето, се одбележува денот кога Генералното собрание на ОН ги усвои Конвенцијата за правата на децата и Декларацијата за правата на детето.