Денес, на 20.05.2021 година, преку Зум платформата, беше одржана јавна презентација на Компаративната анализа за вработување на лицата со попреченост во рамки на Проектот за администрирање на социјално осигурување. Презентери беа експертите од Институтот за развој на пазарот на трудот од Хрватска, Дарио Карачиќ и Антонио Матковиќ.
На Република Северна Македонија и е одобрен кредит од страна на Групацијата на Светска банка за реализација на Проект за администрирање на социјалното осигурување (СИАП). Дел од активностите на проектот се однесуваат на реформирање на системот за вработување на лица со попреченост, односно развој на модел и законодавна рамка за вработување на лица со попреченост.
Целта на оваа активност е проширување на можностите за вработување на лицата со попреченост и подигнување на нивната инклузивност на пазарот на труд. Во оваа насока потребна е широка јавна расправа за опциите за политиките за вработување на лица со попреченост, како и за развивање на новата законодавна рамка.
Со воспоставување на адекватен систем за поддршка на вработувањето, лицата со попреченост треба да станат еднакви членови на општеството и успешно да придонесат за сопствената општа благосостојба, наместо да бидат само приматели на социјална помош и корисници на социјални бенефиции наменети за лица со попреченост. Имено, системот треба да овозможи вработување на лица со попреченост за да можат да стекнат материјална сигурност и поголема независност во донесувањето одлуки.
Ова беше првичен состанок на кој беа презентирани компаративните искуства на полето на вработувањето на лицата со попреченост од Австрија, Хрватска, Данска, Ирска и Србија, а следува серија на состаноци на кои прво ќе треба да се договори кој модел би можел да биде најфункционален за условите во Република Северна Македонија, а потоа да се премине и на изготвување на соодветна законска рамка за спроведување на истиот.
Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, се заблагодари на изцрпната анализа од страна на презентерите и истакна дека новини во однос на можностите за вработување на лицата со попреченост се добредојдени, но на ова прашање мора да му пристапиме со големо внимание. Се работи за суштинско прашање за лицата со попреченост и донесените одлуки и усвоениот модел, мора да соодвествуваат со условите во кои функционира нашата економија и државата во целина.
Вработувањето на лицата со попреченост и досега беше и ќе остане тема од интерес за разни фактори, како на национално, така и на меѓународно ниво. И покрај тоа што оваа тема содржи многубројни и најразлични аспекти, тие може да се гледаат низ една од трите призми – низ призмата на милосрдието, низ призмата на медицината и низ призмата на човековите права. Попреченоста низ секоја од овие призми се гледа како на една посебна појава:
– преку пристапот на милосрдие на лицата со попреченост се гледа како на предмети кои имаат потреба од грижа и сочувство;
-преку медицинскиот пристап на нив се гледа заштитнички како на предмети „кои може да се поправат“;
-додека, пак, преку пристапот заснован на човековите права акцентот се става на нивните вродени права како човечки суштества.
Релевантните прашања поврзани со вработувањето на лицата со попреченост треба да се гледаат токму низ последната призма. Или, поконкретно, преку обезбедување еднаквост, недискриминација и еднакви можности при вработувањето, лицата со попреченост да можат вистински да бидат целосно и ефективно интегрирани во општеството. Еден од моделите кој засега не е застапен кај нас е воведување на квотниот систем со кој фирмите и јавниот сектор ќе бидат задолжени да вработат одреден процент на лица со попреченост. Тоа е добро решение, но не смееме да дозволиме да се злоупотреби, односно правните субјекти да извршат внатрешна реорганизација и да ги пријават за задоволување на квотата веќе вработените лица кај нив, кои се соочуваат со некаква попреченост, што подразбира дека со самото тоа дека нема да има нови вработувања реално. Исто така да се изнајде метод (заштита) да се избегне, односно намали на најниско можно ниво, правните субјекти наместо да вработуваат лица со попреченост, да уплаќаат одредена сума на средства во посебен фонд, бидејќи на лицата со попреченост, генерално гледано, не им е потребен посебен фонд полн со пари, туку реални вработувања за лицата со попреченост со кои ќе обезбедат сопствена егзизтенција и егзистенција на своите семејства. Ова од причина што во едни претходни средби пред неколку години, кога дебатиравме на оваа тема, од експерти од Австрија, држава со најдолга традиција на полето на вработувањето на лицата со попреченост, ни беше презентирано дека 65% од субјектите кои имаат обврска да вработат лица со попреченост уплатуваат пенали во посебниот фонд, а само 35% од правните субјекти имаат реални вработувања.
Сигурно е дека има уште многу прашања во однос на вработувањето и заштитата при вработувањето на лицата со попреченост кои се отворени и за кои ќе треба да најдеме соодветно решение, така да очекувам во следните месеци да има дебати на кои ќе ги искажеме нашите ставови. Презентерите најавија дека се очекува до септември да се дефинира моделот на вработување, и да се подготви текстот на Законот за вработување и професионална рехабилитација на лицата со попреченост во најскоро време.
Во продолжение, заради ваша информираност, во јпг формат можете да ја погледнете целата презентација.