НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

 

Донаторска изложбаНа 02.12.2011 година во галеријата на Домот на АРМ во Скопје, со поддршка и присуство на Претседателот на РМ, д-р. Ѓорге Иванов, се одржа донаторска изложба на уметничките дела насликани од академски уметници и талентирани лица со телесен инвалидитет за време на првата и втората меѓународна сликарска колонија на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА, одржани во Охрид 2010 и 2011 година. На изложбата присуствуваа и амбасадорите на Република Франција и на Република Италија, претставници на дипломатските претставништва на Бугарија и Германија, бизнисмени и членови на нашите општински и меѓуопштински здруженија.

 

Претседателот на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА во својот поздравен говор истакна:

„Имам посебена чест и задоволство, во предвечерието на одбележувањето на „3-ти Декември“ – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, во името на Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија - МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА, да говорам за сликарската уметност преточена преку уметничките дела на учесниците на првата и втората меѓународна сликарска колонија во организација на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА одржани во Охрид 2010 и 2011 година, за поставката на уметнички дела изработени од:

- академски сликари и

- наши талентирани членови, лица со телесен инвалидитет.

„Капката го длаби каменот, не капнувајќи двапати, туку капејќи постојано. Човекот станува мудар, не читајќи двапати, туку читајќи постојано“.- рекол Џордано Бруно.

Јас искрено се надевам дека ова наша активност ќе трае не два пати, туку постојано и дека ќе стане традиција и аманет за идните генерации кои доаѓаат по нас.

„Уметноста ни овозможува да го видиме светот со очите на уметникот“ рекол Артур Шопенхауер.

Сликарството претставува уметнички израз на идеи и емоции на дводимензионален простор или површина. Перцепцијата на просторот, предметите, светлото, ритмот и движењето во дводимензионалниот простор, доаѓа од различните комбинации од тие елементи водени од имагинацијата и вештата рака на сликарот – уметник.

„Сликата е секогаш доживување. Кога ќе започнам работа на бело платно, никогаш незнам како тоа ќе се заврши. Тоа е ризик кој мора да се превземе. Никогаш не ја замислувам сликата пред да почнам да ја сликам. Тоа е творечка халуцинација. Сетилата разобличуваат, а духот обликува. Усовршувајте го духот. Извесно е само она што го создал духот.“- рекол Жорж Брак.

Донаторска изложбаСликарската уметност го ангажира лицето со телесен инвалидитет целосно и ја менува неговата емоционална состојба, додека твори заборава на својата инвалидност, се појавува чувство на самостојност, самодоверба и истрајност. Тоа е мошне важно особено во процесот на рехабилитацијата која многу често е врзана со големи психички напори кои лицето со телесен инвалидитет не може бргу и одеднаш да ги совлада. Преку уметничкиот израз лицата со телесен инвалидитет стекнуваат доверба во своите можности, доаѓа до сознание дека не е доволно да се има рака или нога, туку и волја да се постигне нешто. Во рамките на активностите за изедначување на можностите на лицата со телесен инвалидитет во РМ, МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА во својата програма поддржува активности на своите членови со кои се стимулира нивната креативност на полето на литературата, музиката и сликарската уметност. Што се однесува до сликарската уметност, идејата се роди во холот на ДХО „Даре Џамбаз“ во Скопје 2006 година за време на одбележување на јубилејот, 20 години од формирањето и успешното работење на сојузот кога, меѓу другите активности, беше поставена и изложба на дела изработени од лица со телесен инвалидитет во разни техники. Идејата набргу евулираше во акција за организирање на сликарска колонија, и тоа меѓународна, на која заедно ќе творат академски сликари и талентирани лица со телесен инвалидитет од Македонија и од Србија. Горди сме што во изминатите две години се одржаа две меѓународни сликарски колонии во апартманите на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА во Охрид, и што денес, кога одбележуваме јубилеј од 25 години успешно работење на сојузот, присуствуваме на донаторска изложба подржана од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, која има за цел уметничките дела да ги красат ѕидовите на оние кои во нив ќе препознат убавина испреплетена од асоцијациите и чувствата обликувани низ знаењето на авторите и избраните средства.

Исклучително важно е да се потенцира дека финансиските средства прибрaни од продадените уметнички дела ќе бидат употребени за натамошно зголемување на обемот и квалитетот на сликарската колонија во смисол, поред академските сликари, да бидат вклучени поголем број на лица со телесен инвалидитет од државите од регионот, како и за постојаните активности за остварување и подобрување на правата на лицата со телесен инвалидитет во Македонија.

"Постојат сликари кои сонцето го претвораат во жолта дамка, но постојат и такви кои, благодарение на својата уметност и ум, жолтата дамка ја претвораат во сонце" рекол Пабло Пикасо

Денес, можеби сме сведоци на сoздавање на нов уметнички гениј, можеби еден ден светот во изразот на денес присутните уметници ќе препознае исклучителен коефициент на креативност меѓутоа, денес сигурно сме сведоци на искрено пријателство и соживот помеѓу академските сликари и талентираните лица со телесен инвалидитет во седумдневното заедничко творење за време на одржување на ликовната колонија, но и продолжено пријателство, дружење и размена на искуства кои остануваат за цел живот.

„Уметноста е љубоморна. Таа сака човекот сосема да и припаѓа“ – рекол Микеланѓело

Јас искрено се надевам дека денес и вие накусо ќе им припаднете на изложените дела и дека во некое од нив ќе препознаете своја инспирација и желба да ги краси ѕидовите на вашиот дом или работен простор.“

Изложбата ја отвори Ред.проф.м-р. Зоран Јакимовски истакнувајќи:

„Ликовните средби и изложби на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА, кои зад себе веќе бележат кратка историја, ги собираат учесниците на групните изложби и даваат уште една потврда за универзалноста на јазикот на уметноста. Тие се среќаваат на едно место со цел меѓусебно да разменат размислувања, впечатоци, искуства, а пред се енергија и љубов.

Донаторска изложбаИзразувајќи се преку еден оргинален приод кој, да не заборавиме доаѓа “од внатре”, тие создаваат нова креација, која не е реплика на друго дело туку нивно оргинално видување. Зависно од медиумот, боите следат одреден ритам и создаваат хармонија, градејќи нови видувања на светот околу нас.

Нивната уметност по сопствената природа е независна на свој начин, што се смета за доблест. Со самото тоа што таа “доаѓа од внатре” и малку има заедничко со пазарот, станува независна, што исто така се смета за доблест. Тоа “од внатре” неминовно води кон различен стилски израз, најчесто чист и оригинален, сочуван од културата на “mainstream”-от.

Оваа мала ликовна манифестација која гради историја зад себе, ги претвора стравот и заканата во љубопитност и фасцинација и создава интеракција со современиот љубител на уметноста со сопствена неподмитлива перспектива. Нивните дела не се социјални симптоми, туку дела со сопствена оргиналност.

Моја искрена желба е оваа мала манифестација да прерасне во галерија со збирка на независни дела како резултат на нивната ослободеност од класификации и категоризации. Емоциите се универзални и носат до взаемно разбирање. Таков взаемен процес на размена на доживувања (независен уметник-современ гледач), доведува до интеракција која ја намалува социјалната дистанца. Вниманието е свртено кон индивидуалноста на уметникот-учесник на оваа манифестација со што се брише секаква категоризација.

Креативниот процес во уметничкото творење прави овие креативни луѓе подобро и понепосредно да се изразуваат, со цел да ни го доближат и да го поделат со нас светот виден низ нивната призма.

Се повеќе учесници и се повеќе дела и градење збирка која ќе создаде галерија единствена по својата содржина, збирка на искреност, доблест, храброст и пред се, љубов и енергија, им посакувам на учесниците на групните изложби на уметнички дела на членовите на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА.“

Мораме да ја истакнеме сериозноста на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА да организира изложба на сликарски дела на највисоко ниво, како напорите во реклама и печатен материјал со цел да се продадат сликите и прибраните средствата да се искористат за следната сликарска колонија во 2012 година. Цените беа мошне достапни, двеста евра во денарска противвредност со можност донаторите да даруваат и поголема сума за откупената слика/и, меѓутоа ефектот од продажбата изостана, бидејќи беа купени само четири дела и тоа од страна на: Претседателот на РМ, амбасадорот на Франција и две слики од Центарот за ортотика и прототика „Славеј“ Скопје.

Како и да е, донаторската изложба беше уште една од мноштво активности кои МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА ги презема за да ја анимира јавноста и институциите на државата за правата, потребите и умешноста на лицата со телесен инвалидитет во Република Македонија.