На 16.02.2022 година, во амфитеатарот во ДХО „Даре Џамбаз“ во Скопје, беше одржан состанок помеѓу претставниците на членките на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија и Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Мобилност Македонија на средбата ја претставуваше претседателот Бранимир Јовановски.
На средбата се разговараше за потребите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост како и можностите за унапредување на нивните права.
Најважни теми и барања за кои разговаравме на првата од низа на натамошни работни средби, беа:
-Зголемување на износот на надоместоците за нега и помош од друго лице и надоместокот за попреченост, како и нивно врзување со процент од просечна нето месечна плата исплатена во Северна Македонија. Наше барање беше износите да бидат 40% од просечна МП за надоместокот за попреченост и 30% за надоместокот за нега и помош во поголем обем;
-За работата на комисиите за определување на надоместок за нега и помош од друго лице и надоместок за попреченост, нашето барање беше да се зголеми бројот на комисиите, да се зголеми бројот на месечни прегледи (беше 200 месечно, го покачија на 280 но и тој број е недоволен), како и да се поттикне издавање на трајни решенија на корисници кај кои е очигледно дека здравствената состојба не може да се промени на подобро, со што ќе се поштедат лицата со инвалидност од непотребни малтретирања и ќе се намалат гужвите за закажување на термин;
-Да се зголеми референтната максимална сума на набавено патничко моторно возило како основ за рефундирање на средства уплатени за данок, акциза и царина согласно Програмата на Владата, од 10.000 евра на 15.000 евра, а за возилата во кои има вградено команди, рампа и слично, износот да остане до 20.000 евра. За ова е потребно да се измени соодветниот член од Законот за социјална заштита;
-Инициравме потреба од донесување на посебна програма за вградување на рачни команди за лицата со инвалидност, но и за авто школите за обука на возачи;
-Да се зголемат средствата за функција и спроведување на програмските задачи кои ги добиваат националните инвалидски организации;
-други прашања од интерес на лицата со инвалидност.
Министерката Тренчевска истакна дека грижата за лицата со попреченост е приоритет на Владата и Министерството за труд и социјална политика.
„Заедно ќе креираме политики како и досега, кои ќе придонесат за унапредување на правата на лицата со попреченост. Со директно учество во јавни дебати, консултации и утврдените практики, да ги изнајдеме најдобрите решенија, кои ќе имаат за цел испорака на резултати, од кои придобивка ќе имаат лицата со попреченост. Уште поинтезивно ќе работиме на инклузијата на лицата со попреченост во општеството, во образовниот процес и на пазарот на труд. Предрасудите и стереотипите мора да се надминат. Градиме општество со еднакви можности за сите и инклузијата треба да почне токму од нас,“ рече Тренчевска.
Министерката информираше дека се работи и на проширување на достапните социјални услуги во заедницата за лицата со попреченост, каде што како даватели на услуги може да аплицираат и сојузите. Како и дека продолжува процесот на деинституционализација и отворањето на мали групни домови , во кои лицата со попреченост живеат со поддршка на стручни лица и се еднакви граѓани во заедницата.
Денешната прва средба остави впечаток за плодна соработка која ќе даде вистински и видливи резултати во иднина.
Останува во периодот кој е пред нас да ги испратиме официјалните барања и заклучоци до министерството и да инсистираме за нивна институционално позитивна разрешница.