„Предизвиците во вклучувањето на лицата со попреченост на пазарот на трудот: европски практики и национални можности“
Во организација на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК), на 04.03.2022 година од 09:30-14:00 часот, се одржа онлајн конференција на тема „Предизвиците во вклучувањето на лицата со попреченост на пазарот на трудот: европски практики и национални можности“.
Од Мобилност Македонија на конференцијата присуствуваше претседателот, Бранимир Јовановски, кој во третата сесија говореше за позитивните и негативните страни на Законот за вработување на инвалидни лица, како и за искуствата кои ги има сублимирано Мобилност Македонија и здружените членки низ годините на оваа тема, особено истакнувајќи дека:
„Носењето на новиот Закон за вработување и професионална рехабилитација на лицата со инвалидност треба да биде трпеливо, транспарентно и внимателно, се со цел да не сепредизвикаат негативни последици врз моментално вработените лица со инвалидност и нивно отпуштање од работа. Треба да им се понудат можности за евентуална безболна транзиција од вработување во заштитните работилници кон вработување во отвореното стопанство и јавниот сектор, без преголеми ризици за нив и нивните семејства. Особено важен аспект на новиот закон треба да претставува професионалната рехабилитација, доквалификација и преквалификација, како инструмент за стекнување на знаења и вештини конкурентни на пазарот на трудот. Дека ова е неопходно, потребно сведочи и податокот дека на 31.12.2021 година од вкупно 1482 активни баратели на работа, 924 се без образование или со завршено основно образование, и дополнителни 301 лице со незавршено средно образование или вкупно 1.225 лица целосно неконкурентни на пазарот на трудот, без соодветни знаења и вештини. Исто така воведување на квотниот систем за вработување, со кој секоја поголема работна организација ќе мора да прими одреден број на лица со инвалидност или да плаќа месечни пенали во посебен фонд, треба да се предвиди внимателно во однос на:
-да не се злоупотреби правото, па фирмите наместо нови вработувања, да ги пратат на инвалидска комисија веќе вработените лица кои имаат некое системско заболување (кардио-васкуларно, респираторно и сл.), а со цел да се стекнат со решение за лица со намалена работна способност и со самото тоа да го пополнат бројот за квотно вработување со кој ќе бидат задолжени;
-Надоместокот за непочитување на одлуката за квотно вработување да биде во соодветен износ кој ќе биде дестимулирачки за работодавачот, бидејќи нам, како на сојуз кој се грижи за правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во Северна Македонија, ни се потребни максимален број на вработени лица со инвалидност и нулта невработеност, а не полна каса на посебниот фонд и голема невработеност кај лицата со телесен инвалидитет;
-исто така треба да се внимава и дали пак од друга страна има доволен број на стручни невработени лица за да можат работодавачите согласно квотното вработување да ги ангажираат! Ова посебно се однесува за помалите и руралните населени места“.
Беа отворени и други прашања кон кои Мобилност Македонија преку своите органи и тела ќе им се пристапи сериозно откако ќе почнат фазите на носење на новиот Закон за вработување и професионална рехабилитација на лицата со инвалидност, а пред се во насока на што е можно поефикасно вклучувањето на лицата со инвалидност на пазарот на трудот.
Инаку, што се однесува до агендата на настанот, на самиот почеток на конференцијата поздравни говори одржаа:
-Милева ЃУРОВСКА, Национална координаторка на НКЕУ-МК и
професорка на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје;
-Томаш СТРАЖАЈ, Директор на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА) – Братислава;
-Јована ТРЕНЧЕВСКА, Министер за труд и социјална политика;
-Марија РИСТЕСКА, Директорка на Здружението на граѓани „Центар за истражување и креирање политики“, Скопје; и
-Габриела МАЏОСКА, од Министерство за труд и социјална политика;
Во вториот дел од конференцијата воведничари на темата беа:
-Лазар ЈОВЕВСКИ, Професор, Правниот факултет „Јустинијан Први“, УКИМ, Скопје;
-Ана ПОДЛЕСНА, Менаџер за корпоративна општествена одговорност „Професија“ – Братислава;
-Наташа СТАНОЈКОВСКА, Професор, Институт за специјална едукација, Филозофски факултет, УКИМ, Скопје;
-Елена КОЧОСКА, Здружение на граѓани „Полио плус“;
-Ангел ДИМИТРОВ, Претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ);
-Билјана ТАЛЕВСКА, Управител во ЗАПОВИМ;
-Роберта МИТРЕВСКА, Здружение на граѓани „Ластовица“;
Дискутанти во третиот дел од конференцијата за добрите и лоши практики, како и предлози и сугестии за подобрување на состојбата и можностите за вклучувањето на лицата со попреченост на пазарот на трудот беа:
-Христина САВЕВСКА, Стручен соработник ЗАПОВИМ;
-Валентина ГЕОРГИЕВСКА, Советник за посебен фонд во Агенцијата за Вработување;
-Милан ПЕТКОВСКИ, Претседател, Македонско здружение за заштита при работа;
-Бранимир ЈОВАНОВСКИ, Претседател, Национален сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија - МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА,
-Катерина ГОНЕВА, Заштитно друштво „Лион“ Свети Николе;
-Игор ГЛИНЏАРСКИ, „ИГМА ТЕКС ДООЕЛ“ с.Разловци, Делчево;