На 10.03.2022 година, во холот на ДХО „Даре Џамбаз“, во присуство министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, дел од членовите на органите на сојузот, и десетина лица со телесен инвалидитет (заради протоколите за заштита од ширење на инфекција на Корона вирусот) се одржа пригоден настан на кој им беа предадени 17 електрични додатоци за движење на инвалидска количка, како и 13 инвалидски колички на електро-моторен погон.
Целата активност започна во втората половина на минатата година кога беше објавен Јавен повик за пројавување на интерес за потреба од наведените ортопедски помагала, а право на пријавување имаа сите лица со телесен инвалидитет на трериторијата на Северна Македонија кои овие помагала не можат да ги добијат преку ФЗОМ. Јавниот повик беше објавен во 2 печатени медиуми (по еден на македонски и на албански јазик), како и на социјалните страници на Мобилност Македонија и дел од здружените членки (веб страна и фејсбук страна).
На повикот се јавија 17 лица со телесна попреченост кои имаа потреба од електрични додатоци за движење на собна инвалидска количка и уште 13 наши граѓани кои имаа потреба од инвалидска колички на електро-моторен погон, и членовите на Извршниот одбор одлучија на сите да им се одговори позитивно и да се задоволи нивната потреба. Овие инвалидски колички на електромоторен погон не можат да се набават преку ФЗОМ заради бесмислената одредба во Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала, лицата кои имаат потреба од истите да се вработени или да се во процес на образование. За жал и после безброј преговори, ургенции и дописи, со кои бараме укинување на одредбата и правото да се стекнува согласно функционалниот статус и потребата на лицето, оваа бесмислена одредба се уште е на сила.
Министерката Јованка Тренчевска им се обрати на присутните лица со телесен инвалидитет истакнувајќи:
„Преку соработката со граѓанските организации, како министерство обезбедуваме поддршка за сите граѓани, а остварените права се видливи права, особено кога на лицата со телесна попреченост им се олеснува движењето во јавниот живот, со што тие постојано ќе бидат меѓу нас. Верувам дека со овој пример на Министерство за труд и социјална политика кој во континуитет го продолжуваме, ќе поттикнеме и кај останатите институции на локално ниво, да покренат акции и да делуваат за подобрување на движењето на лицата со телесен инвалидет. Со одвојувањето на средствата од игрите на среќа ние ги зајакнуваме граѓанските организации а со тоа им помагаме на сите граѓани. На ваков начин, не само што придонесуваме кон слободата на движење, туку го подобруваме и квалитетот на животот и ја зголемуваме социјалната инклузија. Само слободни луѓе се среќни луѓе! Посакувам овој ден денеска да донесе среќа и насмевка кај сите вас“, рече министерката Тренчевска.
Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, истакна дека Национален сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија-Мобилност Македонија, интензивно делува на остварување и заштита на здравствените, економските, социјалните, културните, образовните, спортските и другите права, интереси и уверувања на лицата со телесен инвалидитет, во согласност со Уставот и законот. Сојузот активно делува на повеќе полиња во интерес на подобрување на правата, положбата на лицата со телесен инвалидитет, а нивно слободно и независно движење во повеќе случаи не е возможно без соодветни ортопедски помагала меѓу кои и на оние кои или не се наоѓаат на Листата на ортопедски помагала на ФЗОМ (електрични додатоци за движење на инвалидска количка), или пак критериумите за нивно добивање се бесмислени (инвалидски колички на електромоторен погон). Набавката на овие помагала со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, кои денеска официјално им ги предаваме на лицата со телесен инвалидитет, се само камче во мозаикот кое има за цел да се комплетира целата слика за слободно, непречено и самостојно движење без бариери за лицата со телесен инвалидитет, а грижата за нивна набавка и дистрибуција во иднина да ја преземат институциите на државата надлежни за тоа, односно Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Паралелно работиме и на кампањи за подигање на јавната свест на граѓаните, но и за подобрување на пристапноста на стамбените и деловните објекти, како и на јавната површина во опкружувањето, бидејќи овие електронски додатоци и инвалидските колички на електромоторен погон се нефункционални во услови на архитектонски бариери, високи рабници на тротоарите и непристапни јавни и стамбени објекти со скали, а без рампи или лифтови за премостување на висинските бариери.
Министерката Тренчевска вети дека со заедничка координација и во тесна соработка со претставниците на Мобилност Македонија, заедно ќе делуваме на подобрување на текстот на новиот Закон за градење, се со цел пристапноста да ја подигнеме на највисоко ниво, најнапред во легислативата, а потоа и во пракса.
Мобилност Македонија и претставниците на органите и телата на сојузот кои беа инволвирани во реализација на овој проект, се задоволни бидејќи на 30 лица со потежок и најтежок телесен инвалидитет им овозможија непречено и самостојно движење.