Мобилност Македонија на 01.12.2022 година, како дел од активностите за одбележување на 3. Декември - Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, во Порта Македонија ја отвори Изложбата на уметнички дела од 11. Ликовна колонија 2022.
Во присуство на голем број на членови на Мобилност Македонија од повеќе здружени членки, ликовни уметници кои учествуваа на колонијата, како и други љубители на уметноста, изложбата за отворена ја прогласи заменикот министер за труд и социјална политика, Енвер Хусејин.
Хусејин на почетокот од своето обраќање се заблагодари за можноста да ја отвори изложбата која е организирана по повод 3 декември Меѓународниот ден на лицата со попреченост и истакна дека овој ден е од особена важност за Министерството за труд и социјална политика.
„Развојот на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023 – 2030 е веќе во завршна фаза. Таа се развива согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и комплементарна со Европската стратегија за правата на лицата со попреченост, врз основа на податоци и анализи направени за моменталната состојба со почитувањето и остварувањето на правата на лицата со попреченост. „Ништо за нас, без нас“ гласи мотото на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Врз основа на ова мото јавните политики ќе бидат креирани и спроведени со активно учество на лицата со попреченост“ рече Заменик Министерот.
Тој истакна дека особено е важно што се менува перцепцијата што општеството ја има за лицата со попреченост. Посочи дека се напушта стариот модел на гледање на попреченоста и дека истиот е заменет со немедицинското гледање кое ги поттикнува јаките страни и способности на децата и лицата со попреченост.
Хусејин се осврна и на модернизацијата на политиките кои ги носи Министерството за труд и социјална политика.
„Во тек е модернизација на политиките кои го овозможуваат вработувањето на лицата со попреченост и особено вработувањето во отворениот пазар на трудот. Со новите предлог решенија се воведува професионална рехабилитација и работно оспособување со цел лицата со попреченост да станат конкуренти на пазарот и со тоа да се вработат, но и да го задржат своето вработување“ рече Заменик Министерот.
На крајот од своето обраќање го честита 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Претседателот на Мобилност Македонија во своето обраќање потенцира дека сојузот во својата програма има предвидено активности со кои ја поттикнува креативноста на своите членови на повеќе полиња од секојдневниот живот, меѓу кои и талентираните ликовни уметници и поети. Ова наша ликовна колоноја е уникатна, на неа творат надарени лица со инвалидност и академски сликари од државите од регионот, и во таа заедничка работа и дружба, седум дена учат едни од другите. Нашите членови за техниките на сликарската уметност, а академските сликари како е да се живее со лица со инвалидност, каква поддршка од општеството им е потребна, но и за нивните способности и вештини во обидите да придонесат за рушењето на парадигмата дека лицата со инвалидност се неспособни и болни.
Вториот дел од настанот беше наменет на прогласување на најдобрите литерати на Мобилност Македонија кои учествуваа на 28-от објавен јавен конкурс за праќање на поетски творби, на кој се пријавија шест автори - лица со инвалидност. Нивните дела беа оценети од постојаната стручна комисија, а првонаградените три добија соодветни плакети.
Годинава, првото место и припадна на Ванѓа Јованчева со творбата „Сите сме еднакви„, второто на Мимоза Делипетрова Томова од Радовиш за творбата „Невин грев“, додека третото место и припадна на Биљана Димова од Гевгелија за творбата „Во сенката на здивот“.
Првонаградените творби беа прочитани пред аудиториумот од повеќекратниот лауреат, Соња Георгиевска.
Средства за одржување на 11-та Ликовната колонија 2022, 28-те Литературни читања и 11-та Изложбата на уметнички дела од ликовната колонија 2022 година беа наменски обезбедени од Министерството за труд и социјална политика од даноци од игри на среќа.