БЕСПЛАТНИ ГОДИШНИ БИЛЕТИ ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА МОБИЛНОСТ СКОПЈЕ
На редовната седница на Советот на Град Скопје која се одржа на 23.12.2011година, беше донесена Програмата со којашто се определуваат видовите на повластено користење на јавниот градски превоз, категориите на инвалидизирани лица кои имаат право на повластено користење на јавниот градски превоз, како и условите и постапката за стекнување на тоа право . Веднаш потоа во печатените медиуми беше објавен Јавен повик до сите заинтересирани граѓани, лица со оштетен вид, лица со оштетен слух, лица со телесно оштетување, лица со интелектуална попреченост, бубрежно болни лица, инвалиди на трудот, инвалидски пензионери и воени инвалиди да го остварат правото на повластено користење на јавниот градски превоз. Ова право лицата со инвалидност можат да го остварат преку здруженијата во кои членуваат, организирани на подрачјето на градот Скопје.
Спред Програмата предвидени се три видови на повластено користење на јавниот градски превоз: бесплатна годишна легитимација, бесплатна годишна легитимација со придружник и годишна легитимација со партиципација.
Според категоријата на инвалидни лица право на бесплатна годишна легитимација имаат членовите на Мобилност Скопје кои се заболени од дистрофија и сродни мускулни и невромускулни болести, мултипла склероза, миастенија гравис, церебрална парализа, детска парализа, со ампутирани на екстремитети и одземеност на една страна на телото со телесно оштетување од најмалку 60%.
Бесплатна годишна легитимација со придружник можат да користат инвалидни лица на кои во наодот и мислењето издаден од надлежен орган е содржана констатацијата дека им е неопходна придружба или помош од друго лице.
Во постапката за стекнување на правото на повластено користење на јавниот градски превоз заинтересираното инвалидно лице до здружението освен барањето мора да приложи и соодветна документација и тоа:
-наод и мислење за видот и степенот на попреченоста издаден од надлежен орган;
- документ со кој се потврдува статусот: ученичка книшка или индекс, потврда за работен однос односно потврда од Агенцијата за вработување дека е невработен или чек од пензија;
- фотокопија од лична карта;
- една фотографија.
Здружението врз основа на барањето и приложената документација оценува дали барателот ги исполнува условите за добивање на право на повластено користење на јавниот градски превоз. За барателите за кои ќе оцени дека ги исполниле условите здружението составува конечен список кој го доставува до Градот Скопје и до јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, најдоцна до 17.01.2012 година. Стручната служба во Градот Скопје најдоцна до 01.02.2012 година ќе го извести здружението за одобрените бесплатни годишни легитимации.