До Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, стигна допис од Агенцијата за државни патишта во кој не известуваат за следното:
Согласно член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни патишта (Службен весник на РМ бр.44/2012, од 30.03.2012 година), членот 66 став 3 се менува и гласи:
„Во возилата на лицата од ставот 2 на овој член треба да има членски книшки издадени од надлежните здруженија, потпишани и заверени од страна на Агенцијата со која се потврдува нивното ослободување од плаќање патарина“.
Според ова возилата на лицата од ставот 2, односно за возилата на лицата заболени од дистрофија, мултипла склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплегија, детска парализа (полиомиелитис), слепи лица со оштетување на видот над 90%, лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со признато телесно оштетување од 80% утврдено со акт на надлежна комисија во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, не треба да имаат налепница на ветробранското стакло од возилото, со која се потврдува нивното ослободување од плаќање патарина за тековната календарска година.