Со делумна финансиска подршка од Министерството за култура која музичките средби на лицата со телесен инвалидитет ги оцени како културен настан во 2011 година, во големата сала на хотелот “Цар Самуил” во с.Банско-Струмица на 02.10.2010 година се одржаа седумнаесеттите музички средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Струмица и оваа година традиционално ги пречека најдобрите македонски интерпретатори на изворна народна музика од редот на лицата со телесна инвалидност.
Со оглед дека викендот во хотелот се одржаа повеќе манифестации во организација на Мобилност Македонија и на Мобилност Струмица, за разлика од минатите години, оваа година се бараше место повеќе. Низ големата сала, која за оваа манифестација беше „мала“, во вечерните часови одекнуваа милозвучни тонови на изворна македонска песна проследена со бурни аплаузи од многубројната публика и присутните гости од политичкиот и бизнис секторот на Струмица, предводени од градоначалникот г-дин Зоран Заев.
Како и минатата година, стручното жири беше во состав: Роберт Георгиев и Васко Пиличев од Струмица, академски музичари и музички критичари, а водител на манифестацијата беше неповторливиот Ѓорѓи Калајџиев.
Натпреварувачите имаа можност да одработат со музичарите од оркестарот „Феникс“ три проби во текот на двата дена, што претставуваше убава можност подобро да се увежбаат за настапот.
На сцената продефилираа 18 интерпретатори. МОБИЛНОСТ СКОПЈЕ: Зорица Гочевска со песната „Ај остани младо невесто“, Игор Божиновски со песната „Ќе пијам ќе лумпувам“ и Гоце Миновски со песната „Ти донесов млада невеста“, од МОБИЛНОСТ ПРИЛЕП: Ѓорѓи Здравески со песната „Белите манастири“,Ристо Спиркоски со песната „Во густата шума“, Илија Стојаноски со песната „За кого ти цути Дано лицето“,Стеван Ангелески со песната „Не затворај мајко портите“ и Влатко Најдоски со песната „Јасно ми сонце изгрева“, од МОБИЛНОСТ БИТОЛА: Митко Фидановски и Томче Најдовски со песната „ Пијан да бев ќе се отрезнев“ и Томче Најдовски со песната „Не виткај се Софче“, од МОБИЛНОСТ КАВАДАРЦИ: Трајче Лазаров со песната „Чудна жена беше Вера“ и Николчо Делов со песната „Ајде Величе“, од МОБИЛНОСТ РАДОВИШ: Петре Јованов со песната „Дејгиди луди млади години“, од МОБИЛНОСТ СТРУГА: Рамиз и Мирјана Касели со песната „Сите девојчиња мамо се мажија“, од МОБИЛНОСТ ШТИП: Дафина Јаневска со песната „Димитриче русокосо девојче“, потоа интерпретаторот Влатко Јанев, и на крај Ванѓа Јованчева со песната „Туѓината пуста да остане“,
По завршување на официјалниот програм во кој беа изведени осумнаесетте нумери, жири комисијата ги распредели наградите на следните интерпретатори:
Прва награда: | Митко Фидановски и Трајче Најдовски од Битола |
Втора награда: | Влатко Најдоски од Прилеп |
Трета награда: | Илија Стојаноски од Прилеп |
Организаторот Мобилност Македонија обезбеди поклони во вид на уметнички слики за првопласираните три интерпретатори. Наградите ги врачи претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски.