НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА     

Mobile menu

parkingПоттикнати од се почестите јавувања на нашите засегнати членови, Мобилност Македонија се обрати со молба до ЈП градски паркинг Скопје и до Советот на градот Скопје да ја разгледа нашата иницијатива и да донесе измена на Одлуката со која на обележаните возила на лицата со инвалидност од територијата на Република Македонија ќе им се дозволи користење на обележаните паркинг места за лица со инвалидност под исти услови како и за лицата - жители на градот Скопје.

Советот на градот Скопје има донесено Одлука за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје во која членот 29 гласи:

(1) Организаторот на паркирањето, во зависност од капацитетот на паркиралиштето, е должен да утврди и соодветно да обележи (резервира) места за паркирање на возила на лица со инвалидитет.
(2) Организаторот на паркирањето ги утврдува категориите на лица со инвалидитет кои можат да користат резервирани паркинг места и условите за паркирања на нивните возила.

Нашите членови, жители на градот Скопје, благодарение на разбирањето и соработката помеѓу Здружението на лица со телесен инвалидитет на град Скопје – Мобилност Скопје и Советот на градот Скопје преку ЈП градски паркинг Скопје, ја користат оваа бенефиција и можност за користење на обележаниот паркинг простор за лицата со инвалидност. Градот Скопје при носењето на одлуката за обележување на места за паркирање на возила на лица со инвалидност правилно ја согледал ограниченоста на радијусот на движење на лицата со телесна инвалидност предизвикана од степенот на нивното оштетување, додека при носењето на одлуката за ослободување од плаќање на надоместок за користење на паркинг местата правилно ја согледал тешката материјална положба на овие лица кои спаѓаат во редот на маргинализирана група на граѓани, обично невработебни и со зголемени месечни трошоци за превоз, бидејќи не можат да користат алтернативни превозни средства освен сопствените автомобили.

Меѓутоа, градот Скопје како најголем град во РМ, претставува административен, политички, стопански, културен, здравствен и образовно-научен центар. Заради тоа, од најразлични причини, а пред се здравствени или административни, нашите членови од внатрешноста на Република Македонија секојдневно пристигнуваат во Скопје со своите возила и иако со иста и еднакво тешка физичка состојба, не им е дозволено да ги паркираат своите возила на обележаните паркинг места за лица со инвалидност, дури во некои случаи возилата им биле кренати од пајак службата и биле приморани да го платат надоместокот за користењето на специјалното возило – пајак за да си го преземат своето возило. Ова не е случај во другите градови од внатрешноста на РМ (пример во Битола, Охрид, Куманово...) каде што лицата со телесен инвалидитет своите обележани возила можат да ги паркираат на места обележани за паркирање на возила на лица со инвалидност без оглед на регистарската табличка и градот во кој истото е регистрирано.

Се надеваме дека нашето барање ќе наиде на потполно разбирање од надлежните институции од градот Скопје и ќе се донесе измена на Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје во корист на лицата со телесен инвалидитет.