НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

14Во просториите на Мобилност Македонија во присуство на повеќе лица со телесен инвалидитет кои управуваат моторни возила беше организирана презентација на рачни команди за управување на моторни возила со автоматски менувач на брзини. Презентер беше иноваторот и идејниот автор, г-дин Јожа Песјак од Словенија, кој истакна дека имаат лиценца за изработка на рачни команди за управување со моторни возила, и дека истите се атестирани, хомологирани и одобрени за употреба во државите на Европската унија. Поред лицата со телесен инвалидитет, на презентациата беше присутен и претставник од Заводот за ортотика и протетика „Славеј“ од Скопје, во функција на идни можни вградувачи на рачни команди за управување на моторни возила со автоматски менувач на брзини.

Во својата презентација, Јожа Песјак истакна дека командите се наменети за лицата со телесен инвалидитет кои имаат непречено движење на рацете. Истите се состојат од една рачка која е прицврстена на посебна конзола, која пак е прицврстена на патосот на возилото на кое е прицврстено и седиштето на возачот. Кога рачката ќе ја турнеме нанапред, започнува кочењето на автомобилот. Во зависност од јачината на притисокот, зависи и ефектот на кочењето. Кога рачката ќе ја повлечеме наназад, према себе, се додава гас. Во однос на безбедноста, најважно е дека во исто време не можеме да кочиме и да додаваме гас, односно да се користат истовремено двете функции на рачката. Вградувањето е направено на таков начин, да доколку се демонтира уредот, нема никакви траги на бушење, стружење, заварување и слично и возилото се враќа во првобитна положба.

Рачката е ергономски обработена така да шаката и прстите не се во присилна положба. Има можност да се подесува по висина и кон или од воланот, во рачката има вграден федер кој ја враќа ручката во првобитна положба. Материјал од кој се направени командите е елоксиран алуминиум и полиран челик кој не ‘рѓосува, се произведуваат во повеќе бои: црна, природна боја на алуминиум, златна, сина, зелена, црвена, а по желба на нарачителот, иако справата има 20 делови, може да се префарба во било која боја или комбинација на бои. Автомобилот може непречено да го управува и здрава индивидуа без никакви прилагодувања.

Заводот за ортотика и протетика „Славеј“ од Скопје е во постојана комуникација со Јоже Песјак во однос на обезбедување на потребна документација за увоз, хомологација и атестирање на рачните команди во Македонија и доколку се постигне согласност, во најскоро време можеби ќе се најдат и на нашиот пазар. Цената на командите во Словенија изнесува 1.100 евра. Колку тие би чинеле во Македонија, останува да се види по завршување на преговорите и калкулирање на трошоците за увоз, хомологација, атест, монтажа...