Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија годинава го одржа јубилејниот дваесетти по ред музички фестивал на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Осумнаесет од досегашните деветнаесет изданија се одржаа во хотелот „Цар Самуил“ во Банско, Струмица. Мобилност Македонија, по урнекот на музичкиот фестивал во Поморје, Бугарија, одлучи јубилејниот дваесетти по ред музички фестивал во Македонија да го одржи на отворена сцена.
Министерството за труд и социјална политика со конкретни акции ја подржува активноста на Мобилност Македонија за подобрување на положбата на лицата со телесен инвалидитет во РМ. Кон крајот на минатата година ни додели дополнителни средства за спроведување на проект за инклузивни детски игралишта, кои веќе се во фаза на реализација, а во конгресната сала на арената „Борис Трајковски“ организираше средба со најуспешните бизнис компании на која беше промовирана идејата за зголемено вработување на лицата со телесен инвалидитет во отвореното стопанство и во јавната администрација, како и формирање на фонд за набавка на ортопедски и други помагала. Беше упатен и повик до фирмите за донација на инвалидски колички на електромоторен погон за лица кои заради тешки оштетувања на горните екстремитети со сопствена сила на рацете не можат да придвижуваат собна инвалидска количка.
По повод светскиот ден на лицата со инвалидност „3-ти Декември“, Центарот за ортотика и протетика СЛАВЕЈ а.д. Скопје го прогласува месец декември 2013 година за „МЕСЕЦ БЕЗ ПАРТИЦИПАЦИЈА“ за ортопедските помагала за членовите на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, што значи дека сите членови кои ќе дојдат во Ценаторот за ортотика и протетика СЛАВЕЈ а.д. Скопје со потврда за потреба на ортопедско помагало заверена во месец декември 2013 година и членска книшка на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија - Мобилност Македонија, ќе бидат ослободени од плаќање на партиципацијата за ортопедско помагало кое им е препишано со потврдата.
Со ова Центарот за ортотика и протетика СЛАВЕЈ а.д. Скопје го дава својот скромен придонес во одбележувањето на светскиот ден на лицата со инвалидност „3-ти Декември“ и подршка на лицата со телесен инвалидитет на кои им е потребно ортопедско помагало.
Срушени бариери, отворени врати: за инклузивно општество и развој за сите.
Според зборовите на Претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации, лицата со инвалидност го сочинуваат најголемото и најобесправеното малцинство во светот - речиси 15 проценти од светската популација се соочуваат со некоја форма на инвалидност. Мнозинството на лицата со инвалидност во светот живеат во земјите во развој. Многумина од нив живеат во сиромаштија, се соочуваат со дискриминација, физички, социјални и економски бариери, и им се негираат основните можности за развој.
На 23 септември 2013 година, токму под раководство Претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации се одржа историски состанок, прв на високо ниво на шефови на држави и влади за попреченост и развој. На истиот состанок беше усвоен Финален документ во насока на создавање на целосно инклузивно општество, како дел од пост -2015-та развојна агенда.